Нелсон Мандела

Од Википедија — слободната енциклопедија
Мандела во 1993 година

Нелсон Ролихлахла Мандела (африканс: Nelson Rolihlahla Mandela; 18 јули 1918 - 5 декември 2013)[1] — првиот демократски избран претседател на Јужноафриканската Република. Тој бил познат борец против апартхејдот во Јужна Африка и светски познат како борец за слобода.

Образование[уреди | уреди извор]

Нелсон Мандела е роден во селото Тембу на 18 јули 1918. Неговиот татко бил главатар на селото. Кога наполнил 7 години станал првиот член на неговото семејство што бил пратен на училиште. Таму, неговиот методистички учител му го дал името „Нелсон“. На 16 години почнал да го посетува Институтот „Кларкбери Бординг“, каде што учел за западната култура. По матурирањето на Колеџот „Весли“ во Форт Бофорт, се запишал на Форт Харе универзитетот, каде што го сретнал Оливер Тамбо, со кого станал доживотен пријател. На крајот од првата година, поради учество во бојкотот на Претставничкиот совет на студентите, тој бил принуден да се префрли на Универзитетот на Јужна Африка во Јоханесбург.

Политичка активност[уреди | уреди извор]

Во 1942 Мандела се приклучил на Африканскиот национален конгрес (АНК), а по две години, заедно со Валтер Сисулу, Оливер Тамбо и некои други, го основале неговиот Младински сојуз.

По победата на изборите од 1948 на Националната партија, која се залагала за политика на расна сегрегација, Мандела се истакнал во Кампањата за спротивставување на АНК од 1952 и во Конгресот на народот од 1955, кој усвоил “Повелба на слободата”, која била темел за анти-апартхајдската политика.

На почетокот Мандела се залагал за ненасилен отпор, но по масакрот во Шарпенсвил од март 1960, придружен со забрана на АНК и на другите анти-апартхејдски групи, Мандела и неговите соработници се одлучиле за вооружено делување со цел да се извојуваат промени.

Затворање[уреди | уреди извор]

Во 1961 Мандела станал водач на вооруженото крило на АНК. Ја координирал кампањата на саботажи против воени, владини и цивилни цели и правел планови за можна герилска војна ако не се успее да му се стави крај на апартхејдот преку саботажите.

На 5 август 1962 бил уапсен и осуден на пет години затвор. По две години, при судскиот процес против многу истакнати водачи на АНК, при што речиси сите, а вклучително и Мандела, биле осудени на доживотен затвор.

Во годините што следеле, неговото затворање предизвикувало многу меѓународни осуди до апартхејдската влада во Јужна Африка, а неговиот углед постојано растел. Меѓу другото, во 1988 ја добил Сахаровата награда за слобода на говорот.

Поради големиот меѓународен притисок, владата во февруари 1985 му понудила на Мандела пуштање на слобода ако се откаже од вооружената борба, што тој го отфрлил. На крајот, на 11 февруари 1990 претседателот на Јужна Африка, Фредерик де Клерк, наредил негово ослободување и тргање на забраната за делување на АНК. Во 1993, Мандела и Де Клерк заедно ја добиле Нобеловата награда за мир.

Претседател на Јужна Африка[уреди | уреди извор]

Во 1994 Мандела бил избран за прв црнечки претседател на Јужна Африка. Де Клерк бил назначен за заменик-претседател во Владата на национално единство. Мандела останал на чело на државата до 1999, по што станал претставник на многу организации за заштита на човековите права.

Смрт[уреди | уреди извор]

Мандела починал од инфекција на јазикот на 5 декември 2013 во неговиот дом во Хухтон, Јоханесбург опкружен од неговата фамилија. Мандела имал 95 години.[2] Веста за неговата смрт ја објавил претседателот Џејкоб Зума.[2][3] На 6 декември претседателот Зума прогласил национална жалост во период од десет дена.

Мандела како тема во популарната култура[уреди | уреди извор]

  • „Нелсон Мандела“ (Nelson Mandela) - песна на британската ска-група „Спешлс“ (The Specials).[4]
  • „Ослободете го Мендела“ (Free Mendela) - песна на црногорскиот музичар Рамбо Амадеус од 1989 година.[5]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Nelson Mandela, hero of South Africa, dies at 95“. ctvnews.ca. 5 December 2013. Посетено на 5 December 2013.
  2. 2,0 2,1 „South Africa's Nelson Mandela dies in Johannesburg“. BBC News. 5 December 2013. Посетено на 5 December 2013.
  3. Polgreen, Lydia (5 December 2013). „Mandela's Death Leaves South Africa Without Its Moral Center“. The New York Times. Посетено на 5 December 2013.
  4. YouTube, The Specials - Nelson Mandela (пристапено на 16.12.2017)
  5. DISCOGS, Rambo Amadeus ‎– Hoćemo Gusle! (пристапено на 25.8.2019)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]