Набљудување на птици

Од Википедија — слободната енциклопедија
Набљудувачи на птици во Флорида.

Набљудување на птици или птичарење е процес на проучување на птиците со голо око преку направа за подобрена видливост, каква што е двогледот, или преку слушање на звуците кои ги испуштаат птиците. Набљудувањето на птиците често вклучува значајна слушна компонента, бидејќи многу видови птици побрзо се идентификуваат преку слушање, отколку преку гледање. За разлика од орнитолозите, кои се занимаваат со изучување на птиците користејќи поформални научни методи, за повеќето набљудувачи на птици оваа активност претставува еден вид на хоби (за рекреација или од социјални причини).

Птичарење, набљудување на птици и трагање по птици[уреди | уреди извор]

Терминот набљудување на птици за првпат бил употребен во 1901 година; терминот птичарење е воведен како именка во 1918 година. Овој термин бил исто така употребуван за практика во ловење, како во извадок од Шекспировата комедија “Веселите жени од Виндзор” (1602): “Таа тажи господине... утрово нејзиниот маж отиде на птичарење”. Денес, термините птичарење и набљудување на птици се употребуваат како синоними, иако многу учесници претпочитаат да го користат терминот птичарење, бидејќи не го исклучува слушниот аспект, како и бидејќи нема негативни конотации.

Терминот трагач по птици, честопати погрешно протолкуван како птичар, се однесува на оние кои поминуваат големи растојанија за да видат некоја ретка птица, која потоа ќе биде означена на листа. Терминот води потекло од 1950те години, кога бил употребен со цел да го опише нервозното поведение на Хауард Медхрст, британски набљудувач на птици. Често, главната цел на трагањето по птици е правење список на видови птици. Некои птичари се натпреваруваат меѓусебно во собирање на најдолгата список на видови птици. Самиот акт на правење листа е наречен трагање или потера. Редок вид на птица која останува во фиксна позиција доволно долго, се смета дека е лесно забележлива птица.

Трагањето по птици е доста развиено во Велика Британија, Холандија, Данска, Ирска, Финска и Шведска. Големината на овие земји овозможува брзо и лесно патување по нив. Најпознатите трагања по птици во Велика Британија навлекле големи групи на луѓе; на пример, група од приближно 5.000 луѓе патувале до Кент, Англија, за да видат златокрило цврцорче. Трагачите по птици имаат свој сопствен вокабулар. На пример, трагач кој не успеал да види некој редок вид на птица “ја оплескал работата”; доколку другите трагачи ја видат таа птица, тој може да се чувствува “помалку вреден од другите“. Премолчување е акт при кој еден трагач го сокрива фактот дека видел некој редок вид на птица од другите трагачи.

Историја на набљудување на птиците[уреди | уреди извор]

Ран интерес за набљудување на птиците е откриен уште во доцниот 18 век, во делата на Гилберт Вајт, Томас Бевик, Џорџ Монтагју и Џон Клер, повеќе заради нивната естетска отколку практична вредност. Иако изучувањето на птиците и науката за природата биле модерни во Британија уште за време на Викторијанската ера, главно предмет на интерес било собирање јајца, а подоцна и кожи. Некои богати колекционери ги користеле своите контакти во колониите со цел да добијат примероци од целиот свет. Дури во доцниот 19 век, повикот за заштита на птиците започнал да води кон подигање на популарност на набљудување на живи птици. Природозаштитното друштво „Одибон“ е основано за заштита на птиците од зголемената продажба на пердуви во Соединетите Американски Држави, додека пак во Британија е формирано Кралското друштво за заштита на птици (РСПБ). Терминот “набљудување на птици” за првпат се појавил како наслов на книгата “Набљудување на Птици” од Едмунд Селоус, во 1901 година. Во Северна Америка, идентификувањето на птици, кое некогаш се сметало за возможно само со нивно убивање, било овозможено со појава на оптиката, како и водичи за идентификација на терен. Првиот теренски водич во Соединетите Американски Држави е “Птици преку двоглед” (1889) од Флоренс Бејли. Во Северна Америка, птичарењето влегло во фокус во раниот и средниот 20 век, во источниот крајбрежен регион, а инспирација претставувале делата на Лудлов Гриском и подоцна Роџер Тори Питерсон.

Организирањето и мрежното поврзување на оние кои биле заинтересирани за птиците започнало преку организации како друштвото „Одибон“, кое било против убивање на птици, и Американскиот орнитолошки сојуз (АОУ). Зголемената популарност на автомобилот ја олеснила подвижноста на набљудувачите на птици, а со ова се овозможиле нови достапни локации за сите оние кои се заинтересирани за птици. Мрежи на набљудувачи на птици во Велика Британија почнале да се формираат во доцните 30-ти години 20 век, под Британската фондација за орнитологија (БТО). Фондацијата открила потенцијал за изнесување на научни резултати преку мрежите, спротивно на Кралското друштво за заштита на птици (РСПБ), кое, како и друштвото „Одибон“, потекнува од движењето за заштита на птиците. Како и АОУ во Северна Америка, БОУ се фокусирало главно на таксономија заснована на збирки. БОУ го пренасочило својот интерес на екологијата и поведението на птиците дури во 40те години од 20 век. РСПБ му се спротивставило на стремежот на БТО за “организирано набљудување на птици”, бидејќи друштвото тврдело дека правењето наука од рекреациско набљудување на птици било непожелно. Овој став се променил во 1936 година, кога РСПБ било преземено од страна на Том Харисон и други. Харисон бил од голема помош во организацијата на пионерски истражувања за цуцулестиот нуркач.

Олеснатата подвижност на набљудувачите на птици овозможила книгите како “Каде можеме да гледаме птици” од Џон Гудерс , да станат бест-селери. До 60те години од 20 век веќе било возможно да се лета и се укажале можности за далечни одредишта за одмор, а во 1965 година се отворила првата британска компанија која организирала тури за набљудување на птици, Орнитхолидејс, од страна на Лоренс Холовеј. Патувањето на далечни одредишта направило проблем во користењето на имиња на некои британски птици, како "обично камењарче", "чапја" и "селска ластовичка", чии имиња имале потреба од придавки, за да се разликуваат од некои сродни видови. Паѓањето на цените на летовите овозможило патувања до далечни одредишта за набљудување на птици на голем број луѓе во 80те години. Се зголемила потребата за глобални водичи за птици, а проектот “Прирачник за птиците во светот”, бил еден од најголемите прокети, започнат во 90те години, од страна на Хосеп Дел Ојо, селски доктор во Каталонија, Хорди Саргатал и орнитологот Енди Елиот.

Најпрво, набљудувањето на птици било хоби карактеристично за развиените земји, како САД и Велика Британија. Меѓутоа, од втората половина на 20 век голем број на луѓе од земји во развој исто така започнале со оваа активност. Интернационалното птичарство играло важна улога во ова, бидејќи граѓани од земји во развој кои почнале со набљудување на птици најчесто ја усовршувале оваа разонода поради влијание од туѓите култури кои веќе се занимавале со птичарство.

Развој и економија[уреди | уреди извор]

Во 20 век, поголем дел од набљудувањето на птици се случувало на источниот брег. Издавањето на теренскиот водич на Роџер Тори Питерсон во 1934 година, довело до првобитниот пораст на птичарењето. Двогледите биле полесно достапни по Втората светска војна. Обичајот на поминување големи растојанија за да се види некој редок вид на птица бил исто така помогнат од растечката популарност на колите.

Изданието на “Сиблиевиот водич за птици” во 2000 година се продал во 500.000 копии до 2002 година. Се покажало дека бројот на набљудувачи на птици се зголемил, но кај аматерското гледање на птици се забележал пад.

Околу 4% од граѓаните на Северна Америка биле заинтересирани за набљудување на птици. Во 70те и средината на 80те години, најмалку 11% од граѓаните набљудувале птици во најмалку 20 денови од годината. Било пресметано дека постоеле 61 милион птичари во доцните 80-ти години. Се констатирало дека нивото на приход од птичарите го надминувало просекот.

Според истражување на Американската служба за риби и диви животни, набљудувачите на птици придонеле 36 милијарди американски долари за економијата во САД во 2006 година, а една петтина (20%) од сите американци се изјаснуваат како набљудувачи на птици.

Било проценето дека птичари од Северна Америка потрошиле речиси 32 милијарди американски долари во 2001 година. Потрошувачката низ светот е во постојан пораст. Според направена проценка, националниот парк Кушценети (КНП) на езерото Куш во Турција привлекувал птичари кои трошеле речиси 103.320.074 американски долари годишно. Турите за набљудување на птици со водич станале најголем бизнис, со најмалку 127 компании кои нуделе тури насекаде низ светот. Просечно патување во помалку развиена земја чинело $4000 по човек и вклучувало околу 12 учесници за секое од 150те патувања во годината. Било предложено дека овој економски потенцијал треба да се искористи за заштита на птиците.

Birdwatchers at J.N. "Ding" Darling National Wildlife Refuge, Sanibel, Florida.

Активности[уреди | уреди извор]

Повеќето набљудувачи на птици постојано внимаваат на птиците околу нив, но сепак редовно патуваат на карактеристични одредишта за набљудување на птици. Најактивни периоди од годината за набљудување на птици во умерените појаси се оние за време на пролетните или есенските миграции, кога може да се видат мноштво разновидни птици. Голем број на птици летаат северно или јужно, со цел да пронајдат поволни места за презимување или гнездење. Рано наутро е најдобриот период од денот за набљудување на птици, бидејќи тогаш тие се поактивни и погласни, што ги прави полесно забележливи.

Места какви што се локалните шумски петна, мочуриштето и брегот, се поповолни, во зависност од локацијата и годишното време. Набљудување на море е вид набљудување на птици покрај брег, на пример ‘рт, каде набљудувачите ги гледаат птиците кои летаат над морето. Ова е една форма на пелагично набљудување, каде се набљудуваат пелагични видови птици. Друг начин на набљудување пелагични видови птици е набљудувањето од морски пловила.

Временските услови се доста важни за појавување на ретки видови птици. Во Британија, поволен ветер може да доведе до промена на правецот на преселба и прилив на птици од истокот. Во Северна Америка, птици фатени од “опашката” на ураган можат да бидат одвеани кон внатрешноста на земјата.

Мониторинг[уреди | уреди извор]

Набљудувачите на птици може да учествуваат во правењето попис на популацијата на птици и миграциските одлики, понекогаш специфични за одреден вид. Овие набљудувачи на птици, исто така, може да ги избројат сите птици во дадена област, како случајот со “Божиќното броење на птици” на птици, или да се водат според внимателно направени истражувачки протоколи. Овој вид на “граѓанска наука” може да помогне во откривањето на еколошките закани врз благосостојбата на птиците или, обратно, во добивањето резултати од инцијативи за управување со животната средина кои постојат за да се погрижат за опстанокот на загрозени видови или за да го помогнат размножувањето на видови, за естетски или еколошки цели. Оваа научна страна на хобито е аспект на орнитологијата, предводен во Велика Британија од страна на Британската фондација за орнитологија (БТО). Во САД, Одделот за орнитологија на Корнел универзитетот е домаќин на многу граѓански научни проекти, со цел да го открие бројот и распространетоста на птици низ Северна Америка. Овие истражувања им помагаат на научниците да забележат поголеми промени од година во година, кои можат да бидат резултат на климатски промени, болести, грабливост и други фактори.

Образование за животната средина[уреди | уреди извор]

Студенти од Мароко набљудуваат птици како дел од активностите за образование за животната средина, организирани од страна на Шпанското друштво на орнитолози

Поради нивната достапност и сеприсутност, птиците се корисна алатка за образование за животната средина и свесноста за проблемите поврзани со животната средина. Птиците лесно ги пренесуваат природните вредности и кревкоста на екосистемите.

Натпреварување[уреди | уреди извор]

Набљудување на Белоопашеста калуѓерка во Шкотска, 6 јуни, 2007 година.

Набљудувањето на птици како натпревар е настан кој се организира во некои делови на светот. Овие натпревари ги охрабруваат поединците или тимовите да соберат голем број на видови во определен рок или во одредена област, почитувајќи посебни правила. Некои набљудувачи на птици се натпреваруваат преку обиди да ја зголемат својата животна листа, национална листа, државна листа, провинциска листа, список на одредена област или годишна листа. Сепак, ваквите настани се подложни на критики, особено бидејќи ги прикриваат сериозните проблеми на животната средина, а од нив се бара помош за зачувување на птиците.

Натпреварите во набљудување на птици вклучуваат:

• Големиот дневен настан: тимовите имаат 24 часа да идентификуваат колку што е можно повеќе видови. • Големиот годишен настан: исто како големиот дневен настан, но учесниците се поединци и треба да вложат многу пари и време. • “Големата игра”: набљудувачите на птици ги гледаат птиците во круг со даден пречник. Откако птиците ќе бидат забележани, набљудувачите може да го напуштат кругот за да го потврдат идентитетот на птицата, но сите птици забележани надвор од кругот не се земаат предвид.

Мрежно поврзување и организирање[уреди | уреди извор]

Како истакнати национални и континентални организации кои се занимаваат со птичарство се сметаат: Британската фондација за орнитологија и Кралското друштво за заштита на птиците во Веилка Британија, „Одибон“ во САД, Одделот за орнитологија на универзитетот Корнел и Американското здружение за птичарење во Северна Америка (САД и Канада). Многу месни организации на „Одибон“ се доста активни во САД, како што се многу провинциски и локални организации во Канада. BirdLife International е значаен глобален сојуз на организациите за зачувување на птиците. Многу земји и помали региони (држави/провинции) имаат “комитети за рекости”, кои ги проверуваат, прифаќаат или отфрлаат извештаите за ретки видови птици, направени од птичарите.

Опрема и технологија[уреди | уреди извор]

Birders using a tower hide to gain views over foreground vegetation. Bay of Liminka, south of Oulu, Finland.

Најчесто упоребувана опрема за набљудување на птици се двогледите, телескопите со сталак, нотес и еден или повеќе теренски водичи. Чеки или набљудувачници често помагаат за криење на набљудувачите од птиците, и/или ги подобруваат условите за набљудување. Со текот на годините, производителите на оптика средства сфатиле дека двогледите за набљудување птици се продаваат, и сите имаат посебни двогледи само за тоа. Некои од нив дури и ги посветиле своите брендови на опрема за набљудувачи на птици.

Звучна опрема[уреди | уреди извор]

Препознавањето на птичји звуци и шумови е важен дел од опремата на еден набљудувач. Звучните информации може да помогнат во лоцирање, набљудување, идентификација и одредување на полот на птиците. Неодамнешниот развој на звучната технологијата забележа намалување на големината, како и на цената кај уредите за снимање и повторно создавање на звукот, со што станаа подостапни за поголем дел на набљудувачите на птици. Нелинеарната природа на дигиталната звучна технологија исто така овозможи пофлексибилно означување и пристап до бараните снимки, отколку моделите засновани на лента. Сега е возможно да се сними секој звук од птица во одредена област, складиран во направа погодна за вашиот џеб, и повторно да се воспостави плејбек звук за правење споредба со оној што вие ќе го изберете.

Фотографирање[уреди | уреди извор]

Фотографирањето било отсекогаш дел од птичарењето, но во минатото цените на квалитетните фотоапарати и долги објективи го направиле достапно само за малкумина. Појавата на достапни дигитални фотоапарати, кои можат да се користат заедно со телескоп и двогледи (користејќи ја техниката на фотографија без фокус), го направија ова многу пошироко распространет аспект на хобито.

Видео-технологија[уреди | уреди извор]

По појавата на достапни дигитални фотоапарати, усовршувањето во покомпактни и подостапни дигитални видеокамери ги направи овие видеокамери поатрактивни за набљудувачитена птици. Сега постојат крос-овер, нелинеарни дигитални модели, кои сликаат со висок квалитет и со прифатлива резолуција, а исто така имаат и опција за снимање и пуштање на звучни и видео снимки. Можноста за лесно снимање и повторно создавање на визуелните одлики на птицата, како и на нејзиното движење и звук, има широка примена за птичарите на терен.

Преносливи направи за аудио и видео записи[уреди | уреди извор]

Овој вид на производи вклучува направи кои можат да пуштаат (а некои можат и да снимаат ) опсег на дигитални медиумски документи, како видео, аудио и слики. Многу модерни дигитални камери и мобилни телефони можат да се класифицираат како преносливи направи за аудио и видео записи. Поради можноста за зачувување и пуштање на многу информации, џебните направи овозможуваат на терен да се однесе цел сет на мултимедијална податотека за набљудување на птиците, додека пристапот до интернет преку мобилен телефон ќе го направи добивањето и пренесувањето на информации возможно за кратко време.

Набљудување на птици од далечина[уреди | уреди извор]

Новите технологии овозможуваат активностите поврзани со набљудувањата на птици да се случуваат на интернет, преку користење на автоматски инсталации на камера и мобилни телефони поставени на оддалечени животински предели. Проекти како CONE им овозможуваат на корисниците да набљудуваат и фотографираат птици преку интернет; исто така, автоматските камери поставени во негостопримливи територии се обид за правење на првите фотографии од реткиот белоклун клукајдрвец. Овие методи ги претставуваат новите технологии на алатките на еден набљудувач на птици.

Комуникација[уреди | уреди извор]

Во почетокот на 50те години, единствениот начин на пренесување на информации за ново-забележана птица бил преку пошта, и најчесто информацијата доаѓала премногу доцна за да можат примачите да направат нешто. Во 1953 година, Џејмс Фергусон-Лис почнал да емитува вести за ретки видови птици на радио, во Countryside програмата на Ерик Симс, но ова не било прифатено од општеството. Во 60те години, луѓето почнале да користат телефон, а некои луѓе станале основа за комуникација. Во 70те, некои кафулиња, како кафулето во Клеј, Norfolk, предводено од Ненси Гул, станале центар на состанување и комуницирање. Тие биле заменети со телефонски услуги како “Линија за птици” и "Служба за информации за птици".

Со појавата на светската пајажина, птичарите почнале да го користат интернетот за пренесување информации; ова е возможно преку листи на е-пошти, интернет форуми, интернет огласни табли, бази на податоци на мрежни места и преку други медиуми. Додека повеќето листи на набљудувања на птици се по тематика географски, постојат посебни листи кои се снабдуваат со информации за идентификувани птици, "трагачи на птици", морски птици и приврзаници на грабливи птици. Испратените пораки може да бидат важни или не толку важни, известувајќи ги другите за ретките појави, испитувајќи ја таксономијата или идентитетот на птиците, расправајќи за теренските водичи и други извори, барајќи совет и помош или организирајќи групи за заштита на нивните живеалишта. Во академските списанија се сретнуваат повремени огласи кои претставуваат корисен извор како за професионалните птичари, така и за аматерите. Едно од најстарите онлајн места за комуникација поврзана со информации за птици, Birdchat (основано во САД) најверојатно брои најмногу членови, пред Eurobirdnet, Birding-Aus од Австралија, SABirdnet од Јужна Африка и Orientalbirding.

Неколку мрежни места им дозволуваат на корисниците да ставаат листи на забележани птици, додека други средуваат и изнесуваат сезонски статистики и мапи на распространетост.

Кодекс на поведение[уреди | уреди извор]

Со зголемување на бројот на набљудувачите на птици, расте и загриженоста за тоа како набљудувањето влијае врз птиците и нивните живеалишта. Протоколот на набљудувањето на птици се развива како одговор на оваа загриженост. Некои примери од протоколот на набљудување на птици ја промовираат благосостојбата на птиците и нивната животна средина; го избегнуваат вознемирувањето на птиците со ограничување на нивното фотографирање, имитирањето на нивните звуци и плејбек направи; се држат настрана од гнезда и гнездечки колонии и ја почитуваат приватната сопственост. Недостатокот на конечни докази, освен веројатно докази во форма на фотографии, го прави идентификацијата на единките тешко докажливо, но набљудувачите се трудат да се здобијат со доверба при нивната идентификација. Една од неколкуте големи расправии е случајот со ретките видови на птици во градот Хастингс (Hastings Rarities).

Социо-психологија[уреди | уреди извор]

Етологот Николас Тинберген смета дека набљудувањето на птиците е израз на машкиот инстинкт за ловење, додека Симон Барон-Коен го поврзува со машката тенденција за “организираност”. Постојат предлози дека идентификувањето на птиците можеби е една форма на здобивање на статус, што се споредува со вредностите на градот Кула, познати од културата на Папуа Нова Гвинеа. Во едно истражување за мотивацијата за набљудување на птици во Њујорк, се покажало дека мажите се заинтересирани за споделување на знаењето, додека жените мислат дека набљудувањето на птици е интелектуален предизвик. Исто така, било прикажано дека речиси 90% од сите набљудувачи на птици во САД потекнуваат од Кавказ, а само мал број набљудувачи се Афроамериканци.

Други малцински групи формирале организации за да ги поддржат птичарите од своите земји, а овде спаѓаат и птичарите хомосексуалци и Здружението на птичарите-инвалиди.

Изучувањето за набљудувањето на птици е од интерес на студентите на социологија на науката.

Познати набљудувачи на птици[уреди | уреди извор]

Во светот постојат околу 10.000 видови птици, а многу малку луѓе досега виделе повеќе од 7000. Многу набљудувачи на птици го поминале целиот живот обидувајќи се да ги видат сите видови птици во светот. Се смета дека првиот човек кој започнал со ова “хоби” е Стјуарт Кеит. Некои птичари поминувале огромни одредишта, а многу од нив го загубиле својот живот патувајќи. Фиби Снетсингер го потрошила целото наследство патувајќи низ разни места во светот, додека страдала од меланом, преживеала напад и силување во Нова Гвинеа, пред да умре во сообраќајна несреќа во Мадагаскар. Таа видела 8.400 видови птици. Набљудувачот Дејвид Хант, кој водел тура за птици во националниот парк Џим Корбет, бил убиен од тигар, во февруари 1985 година. Во 1971 година, Тед Паркер патувал низ Северна Америка и видел 626 видови птици за една година. Овој рекорд бил срушен од страна на Кен Кауфман во 1973 година, кој поминал околу 111.000 километри и видел 671 вид птици, а потрошил помалку од илјада долари. Тед Паркер умрел во авионска несреќа во Еквадор. Од 2008 година, рекордот на видени птици го држи Том Гулик, англичанец кој живее во Шпанија и кој прибележал повеќе од 8.800 видови. Во 2008 година, двајца британски птичари, Алан Дејвис и Рут Милер, дале отказ од своите работни места, ги продале своите куќи и вложиле сè што имаат во едногодишна глобална авантура на набљудување на птици, за која напишаа и книга наречена “Најголемото трагање по птици”. Тие логирале 4431 вид птици на 31 Октомври, 2008 година.

Литература за набљудување на птици, теренски водичи и телевизиски програми биле популаризирани од птичари како Пит Дан и Бил Оди.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]