Македонска Тур де Франс експедиција

Од Википедија — слободната енциклопедија
Македонски знамиња развиорени на завршетокот на петнаесеттата етапа од Тур де Франс 2013

Македонска Тур де Франс експедиција (скратено: МТдФЕ; англиски: Macedonian Tour de France Expedition) — патување организирано од здружението ВЕЛОЕВРОПА, кое се одржува секоја година во јули и август. Целта на експедицијата е искачување на планинските превои на Алпите и Апенините. Досега се изведени пет експедиции почнувајќи од 2011 година. Организатор и водач на експедицијата е Слободан Трајковски.

Почетоци[уреди | уреди извор]

Идејата за возење на Алпите доаѓа од Слободан Трајковски, кој зимата 2010 година започнува подготовки за изведување на експедиција којашто би ги посетила Француските Алпи, би искачувала планински превои и попатно би проследила неколку етапи на познатата трка Тур де Франс. Подоцна на идејата се приклучуваат Јован Јованов, Марко Митиќ и Гоце Шутевски. Подготовките вклучувале исцртување на рутата којашто требало да се извози, собирање на финансиски средства, купување на кампинг и велосипедска опрема, кондициски тренинзи и подобро запознавање помеѓу велосипедистите.

Експедиции[уреди | уреди извор]

До 2015 година биле изведени пет експедиции. Осум велосипедисти од Македонија досега биле учесници на експедицијата.

Години Вкупно денови Активни денови Поминати километри Искачени превои Посетени ТдФ етапи
2011 23 20 2000 11 4
2012 20 18 1700 7 6
2013 18 16 1600 10 5
2014 12 10 950 6 0
2015 15 13 900 9 4

2011[уреди | уреди извор]

Членовите на МТдФЕ 2011

Првата експедиција била изведена од 16 јули до 7 август. Таа година учествувале и најмногу велосипедисти, тоа се: Слободан Трајковски, Јован Јованов, Марко Митиќ и Гоце Шутевски. Тоа воедно била и најдолгата експедиција. Рутата ги вклучила поголемите градови: Милано, Новара, Торино, Бријансон, Гренобл, Валенс, Романс, Оранж, Авињон, Екс ен Прованс, целиот Азурен брег со Сен Тропе, Ница, Кан, Монте Карло, Ментон, за да продолжи во Италија со Санремо, Џенова, Пиза, Емполи, Фиренца, Болоња, Парма, Пјаченца и Монца. За одбележување е дека членот Гоце Шутевски беше на едно поголемо патување од 6500 километри коишто ги помина за 52 дена, и со Експедицијата беше само еден дел од тоа големо патување. При тоа биле проследени 4 етапи на Тур де Франс и тоа во Сестриере, Гренобл, Алп Дуез и Галибие. Заради популарноста на сликите со македонските знамиња истакнати на целта на неколку етапи, членовите на Експедицијата беа пречекани од педесетина велосипедисти на плоштадот Македонија на денот на нивното враќање.

2012[уреди | уреди извор]

Во составот на втората експедиција остануваат Слободан Трајковски и Јован Јованов и е изведена од 7 до 26 јули. Рутата започна во градот Лозана во Швајцарија, а заврши во Берн. Таа година е посетена и последната етапа на Тур де Франс во Париз. Попатно беа посетени други големи градови како Гренобл, Лион, Мулан, Бурж, Орлеан, Шартр, Безансон, Анси, Албервил Шамбери и Сен Жан де Мориен.

2013[уреди | уреди извор]

Третата експедиција се вози од 9 до 26 јули. Составот се менува, но за првпат во тимот влегува едно девојче. Членови се Слободан Трајковски, Надица Димовска и Андон Сикавица. За одбележување е екстремно лошото време на Алпите кога седум дена по ред члановите ги следи силен дожд. Но, и покрај тоа, тие ги исполнуваат целите поставени на почетокот во однос на следени ТдФ етапи и искачени превои. Заради многу лошо време пред самиот превој на Кол ду Галибие тие решаваат да се вратат назад. Но, затоа тие искачуваат три други превои, вклучувајќи го Мон Венту каде го гледаат финишот на седумнаесеттата етапа на ТдФ и се среќаваат со директорот на трката Жан-Луј Пиже. Поголеми градови се: Торино, Гап, Гренобл, Анси, Сен Жан де Мориен и Модан.[1]

2014[уреди | уреди извор]

Заради недостаток од привлечни ТдФ етапи на Алпите, членовите на експедицијата решаваат да одат само во Италија и да возат на Доломитите во периодот од 13 до 24 јули. Членови на Експедицијата се Слободан Трајковски и Марко Ленчевски. Планот на оваа Експедиција беше искачување на високите превои Стелвио, Мортироло и Гавиа, но биле откажани заради студеното време на тој дел на Алпите. Тие превои биле заменети со Пасо ди Маурија и Монте Грапа. Поголеми градови коишто биле посетени се: Удине, Кортина дампецо, Тренто, Верона, Падова, Басано дел Грапа и Виченца. За одбележување е искачувањето на превојот Монте Ѕонколан на 1750 метри и кампувањето две вечери на Лаго ди Гарда.

2015[уреди | уреди извор]

Експедицијата повторно се враќа во Франција. Во чест на малиот јубилеј петта година по ред на Алпите, членовите на експедицијата си поставуваат за цел да искачат 10 планински превои во десет дена, вклучувајќи го највисокиот во Европа - Кол дела Бонет на 2802 мнв, и третиот највисок превој Кол дел Ањел на 2744 мнв[2]. Членови на Експедицијата се Слободан Трајковски и Теодор Неделковски[2]. Игор Јовановски исто така требало да биде дел од екипата, но се откажал во последен момент заради болест. Поголеми градови коишто биле посетени се: Милано, Торино, Гап, Бриансон, Сен Жан де Мориен, Аоста и Ивреа.

Цели[уреди | уреди извор]

Уште на почетокот целта на Експедицијата било искачувањето на планинските превои на Алпите коишто претставуваат своевиден споменик на светскиот велосипедизам. Затоа биле искачени вкупно 30 превои вклучувајќи го највисокиот во Европа — Кол дела Боне на 2802 метри.

Достигнувања[уреди | уреди извор]

Членовите на Експедицијата за пет години имаат проследено 19 етапи на Тур де Франс во живо, искачено 30 планински превои на Алпите, Јура и Апенините и поминато околу 7500 километри. Исто така се сретнале и со директорот на Тур де Франс, Жан Луј Пиже и стручниот коментатор на телевизискиот канал Јуроспорт, Шон Кели. А биле искачени и највисокиот и третиот највисок превој во Европа — Кол дела Боне на 2802 м.н.в. и Кол дел Ањел на 2744 м.н.в. Исто така, поминале и шест од вкупно осум гранични премини помеѓу Италија и Франција. И посетиле 5 држави: Италија, Франција, Словенија, Швајцарија и Монако. Посебно значење има фотографијата снимена на целта на петнаесеттата етапа на Тур де Франс 2013 кога се појавуваат три македонски знамиња во позадина на Крис Фрум, победникот на етапата и целата трка на крај.

Искачени превои[уреди | уреди извор]

Експедицијата има искачено триесетина превои во рамките на досега изведените експедиции.

Список со искачени превои
Број Превој Над. вис. Држава
1 Ласет де Монверне 781 м  Франција
2 Превој Пура 850 м  Италија
3 Превој Фута 903 м  Италија
4 Превој Френе 950 м  Франција
5 Превој Пижер 965 м  Франција
6 Превој Ратикоза 968 м  Италија
7 Превој Макењ 1068 м  Франција
8 Превој л’Ом Морт 1213 м  Франција
9 Превој Маурија 1298 м  Италија
10 Превој Фосил 1323 м  Франција
11 Превој Телеграф 1566 м  Франција
12 Монте Ѕонколан 1750 м  Италија
13 Монте Грапа 1775 м  Италија
14 Превој Монженевр 1854 м  Италија/ Франција
15 Алп д’Ез 1860 м  Франција
16 Мон Ванту 1912 м  Франција
17 Превој Гландон 1924 м  Франција
18 Превој Медлен 1993 м  Франција
19 Превој Мадалена 1996 м  Италија/ Франција
20 Превој Сестриере 2035 м  Италија
21 Превој Лотаре 2058 м  Франција
22 Превој Кроа де Фер 2067 м  Франција
23 Превој Мон Сени 2083 м  Франција/ Италија
24 Превој Вар 2108 м  Франција
25 Превој Мал Сан Бернар 2188 м  Франција/ Италија
26 Превој Џау 2236 м  Италија
27 Превој Пордои 2239 м  Италија
28 Превој Галибје 2645 м  Франција
29 Превој Ањел 2744 м  Италија/ Франција
30 Превој Боне 2802 м  Франција

Поддршка[уреди | уреди извор]

Во текот на петте експедиции велосипедистите имаа поддршка од пријатели во неколку градови во Италија и Франција. Тоа се Габриеле Порта во Милано, Марко де Фано во Торино, Ева Дучковска во Гренобл, Александра и Лудовик во Париз, Ива Кацарска во Падова.

Во јавноста[уреди | уреди извор]

Во есента 2015 година во продукција на karas4training.com, а во соработка со здружението ВЕЛОЕВРОПА бил снимен краток документарен филм насловен „Слобода на две тркала“. Филмот ни го претставува велосипедскиот туринг раскажан низ призмата на членовите на МТдФЕ. Премиерата на филмот била на ЕХО фестивалот на 17 ноември 2015 година.

Истата година било промовирано и дигиталното издание на книгата „Мојата прва експедиција“ од Слободан Трајковски, којашто била издадена од karas4training.com во повеќе продолженија. Книгата претставува патопис и е конципирана како дневник што зборува за првата експедиција изведена во 2011 година. Текстот бил напишан во јануари 2012 година, само 6 месеци после враќањето на експедицијата назад во Македонија.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. http://212.13.64.18/index.php/sport-plus/velosipedizam/item/5071-makedonska-avantura-na-tur-d-frans[мртва врска]
  2. 2,0 2,1 Јовановски, Игор (14 јули 2015). „ДЕНЕСКА СТАРТУВА МАКЕДОНСКАТА ТУР ДЕ ФРАНС ЕКСПЕДИЦИЈА“. Скопје. Посетено на 23 ноември 2015.