Куќа на Робевци

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Куќата на Робевци во Охрид.

Координати: Erioll world.svg 41°06′44.33″N, 20°47′46.35″E


Куќата на Робевци во Охрид се смета за едeн од најрепрезентативните објекти на градската архитектура во Македонија, која својот највисок развој го достигнува во текот на XIX век. Денес е заштитен споменик на културата под грижа на Заводот за заштита на спомениците на културата и Народен музеј во Охрид и во неа денес е сместен Археолошкиот музеј, етнолошката поставка, фонд на предмети од семејството Робевци и дела на охридската резбарска школа.

Тодор Петков од с. Гари, Дебарско, е мајсторот - градител на куќата на двајцата браќа Робевци, која ја сочинуваат два посебни стана што формираат симболична архитектонска целина. Куќата била изградена во 1825 година по што била опожарена и повторно изградена следната година.

Изложбена поставка[уреди]

Куќата е заштитен споменик на културата и ја сочинуваат три ката, плус најгорниот кат т.н. "ширван". Во долниот дел се наоѓаат изложени епиграфски споменици од Охрид и околината, како и вредните експонати: "Миљоказ" (пронајден на патот Виа Игнација), двете торза на божицата Изида и др. Археолошките експонати датирани од праисторијата до средновековниот период се изложени и на вториот и третиот кат.

Во ширванот од куќата, која плени со својата надворешност, но и внатрешност, се презентирани примероци на предмети изработени во "охридска резба", дела на познати мајстори од градот и околината. Во источниот дел од катот може да се види и етнолошката поставка на предмети од покуќнината на семејството Робевци (ковчези, родослов, зачувана фреска од Дичо Зограф од 1862 година, лекарската торба на Константин Робев и др.).

Историја на куќата[уреди]

Атанас Робев и неговата жена, средина на XIX век

Името на познатото македонско семејство со потекло од Охрид Робевци за прв пат се споменува во 1379 година на една надгробна плоча пишувана со црковно словенско писмо во дворното место на Св. Богородица Перивлепта (Св. Климент). Градењето на првобитната куќа на Робевци било завршено на 15 април 1827 година, а за тоа зборува натписот со грчко писмо на една мермерна плоча која се наоѓа вградена во магазата (магацинот) на дворното место. Ова познато охридско трговско семејство во куќата живеело 35 години, поточно до 1861-1862 година, кога познатиот злосторник од Охрид, Устреф бег ја запалил до темел.

Две години подоцна, во 1863 - 1864 година била изградена денешната куќа и тоа во левата половина живеел Константин Робе, а во десната Атанас Робе. Како главен градител бил ангажиран Тодор Петков (1814 - 1899) од с. Гари, кој потекнувал од познатиот копаничарско - резбарски род Огненовци. Под негово раководство бил изработен и внатрешниот ентериер - таваните, долапите и другите украсни елементи кои биле направени од резба. Во вака изградената куќа семејството Робевци живеело се до 1900 година кога се преселиле во Битола, а во Охрид доаѓале само во летните месеци.

Од 1913 до 1919 година во време на Балканската и Првата светска војна во оваа куќа биле сместени српски војници, а по нивното заминување куќата била значително оштетена, а дел од резбите биле однесени во Ниш, Србија. По Втората светска војна, во 1945 година, куќата е заштитена како културно историски споменик.

Во 1950 година во неа е сместен Народниот музеј, а во 1953 година зградата е национализирана и предадена на Заводот за заштита на спомениците на културата и Народен музеј во Охрид на трајно користење. Последната реконструкција на оваа велелепна зграда е извршена во 1990. година, а таа е повторно отворена како музеј, и тоа еден дел со презентација на археолошкото богатство, еден дел како спомен кат за семејството Робевци, а најгорниот кат - ширванот добил функција на охридска резиденција.

Интересно[уреди]

На банкнотата од 10 денари е отпечатено „Торзото на Божицата Изида“, експонат на Музејот на Охрид, изложен во Куќата на Робевци. Торзото на божицата Изида од 2, век пред нашата ера е несомнено еден од најзначајните експонати на Музејот, а и на соодветната археолошка ера на Македонија воопшто.

Извори[уреди]