Кубанска револуција

Од Википедија — слободната енциклопедија

Кубанска револуција
Дел од Студената војна
Vival Fidel text on a wall
Текст "Да живее Фидел - Слобода или смрт", напишан на ѕид во Сантјаго де Куба
Датум 26 јули 1953 - 1 јануари 1959
Место Куба
Исход Победа на Движењето 26 јули
Рушење на режимот на Батиста
Почеток на режимот на Кастро
Завојувани страни
Движење 26 јули Куба Влада на Батиста
Команданти и водачи
Фидел Кастро
Че Гевара
Раул Кастро
Камило Сиенфуегос
Хубер Матос

Kade e zenata ti be Кубанската револуција претставувала вооружен бунт којшто довел до симнување од власт на диктаторот на Куба, Фулгенсио Батиста, на 1 јануари 1959 г. од страна на Движењето 26 јули водено од Фидел Кастро. „Кубанската револуција” се однесува и на тековното спроведување на социјалните и економски програми на новата влада.

Пред 1956[уреди | уреди извор]

Кубанската револуција започнала кога слабо наоружните кубански бунтовници ја нападнале Монкада касарната во Сантјаго и касарните во Бајамо на 26 јули 1953.[1] Точниот број на убиени бунтовници не е сигурен, но во својата автобиографија, Фидел Кастро тврди дека биле убиени пет лица во нападот и подоцна уште 56 од страна на режимот на Батиста. Меѓу убиените бил и Абел Сантамариа, втор главен командант во нападот на касарната Монкада, кој бил затворен, мачен и погубен на истиот ден од нападот. Преживеаните, меѓу нив и Фидел Кастро и неговиот брат Раул Кастро Руз биле заробени на кратко после тие настани. На силното политичко судење, Фидел Кастро говорел околу 4 часа во своја одбрана, завршувајќи со зборовите: „Осудете ме, не е важно. Историјата ќе ме ослободи.” Фидел Кастро бил осуден на 15 години во президио модело затворот, сместен на Островот на боровите (Isla de Pinos); Раул бил осуден на 13 години.

Во 1955, под голем политички притисок, режимот на Батиста ги ослободил сите политички затвореници во Куба, вклучувајќи ги и напаѓачите во Монкада. Батиста бил убеден да ги вклучи и браќата Кастро во ослободувањето, делумно од страна на Фиделовите језуитски учители од детството. Браќата Кастро се приклучиле на другите егзиланти во Мексико за да ја подготват револуцијата за соборување на Батиста, добивајќи обука од Алберто Бајо, водач на републиканските сили во Шпанската граѓанска војна. Во овој период Фидел го сретнал и ги здружил силите со Ернесто Че Гевара.

Декември 1956 до средина на 1958[уреди | уреди извор]

„Верувам дека не постои ниту една земја во светот вклучувајќи ги и оние под колонијално владеење, кадешто економската колонизација, понижување и експлоатација се полоши од Куба, делумно поради политиката на мојата држава за време на режимот на Батиста. Ја одобрив прокламацијата на Фидел Кастро направена во Сиера Маестра, кога тој оправдано повика на правда и особено изрази копнеж да се исчисти Куба од корупција. Дури и ќе продолжам: до некое ниво Батиста како да беше инкарнација на бројни гревови на страната на Соединетите Држави. Сега ние ќе треба да платиме за тие гревови. Во врска со режимот на Батиста, јас сум во согласност со првите кубански револуционери. Тоа е потполно јасно.“

— Претседателот на САД, Џон Ф. Кенеди, во интервју со Џин Даниел, 24 октомври 1963 [2]

Гранма јахтата пристигнала во Куба на 2 декември 1956. Пристигнала во Куба два дена подоцна од планираното бидејќи бродот бил тешко натоварен, за разлика од вообичаеното едрење. Ова ги уништило надежите за координирано напаѓање со лано крилото на движењето. По пристигнувањето, четата бунтовници почнале да се пробиваат кон Сиера Маестра планините, масив во југоисточна Куба. По три дена од почетокот на нивната селба, биле нападнати од армијата на Батиста. Повеќето од учесниците во Гранма биле убиени во овој напад, но мал број избегале. Додека точниот број е непознат, прифатливо е дека најмногу 20 од почетните 82 војника ги преживеале првичните крвави средби со кубанската армија и успеале да избегаат во Сиера Маестра планините. Групата на преживеани ги вклучувала Фидел Кастро, Че Гевара, Раул Кастро и Камило Сиенфуегос. Преживеаните биле разделени, насамо или во мали групи и почнале да скитаат по планините, барајќи се еден со друг. Евентуално, тие ќе се соберат со помошта на селаните поддржувачи и ќе го формираат јадрото на водството на герила војската. Селиа Санчес и Хајди Сантамариа, сестра на Абел Сантамариа, биле две жени револуционерки кои му асистирале на Фидел Кастро во планините.

На 13 март 1957 год, различна група на револуционери - студентска антикомунистичка Револуционерна управа (RD; Directorio Revolucionario) упаднале во Претседателската палата, во обид да извршат атентат на Батиста и да го срушат режимот. Нападот бил самоубиствен. Водачот на РУ, студентот Хосе Антонио Ечевериа, загинал во престрелка со силите на Батиста кај радио станицата која РУ ја зазеле за да ги рашират вестите за смртта на Батиста. Од малкутемина преживеани биле и Д-р Умберто Кастело (подоцна главен инспектор во Ескамбреј), Роландо Кубела и Форе Чомон (подоцна команданти на Движењето 13 март, сместено во Ескамбреј планините во провинцијата Лас Вилас).

САД вовеле ембарго врз владата и го отповикале нивниот амбасадор, ослабувајќи ја моќта на владата подоцна. Поддршката на Батиста била ограничена на комунистите (КПК), но и тие ја престанале со долгорочната поддршка во средината на 1958 г.

Раул Кастро (лево), со неговата рака врз вториот по команда, Ернесто "Че" Гевара, во нивното засолниште на Сиера де Кристал планината во провинцијата Ориенте,Куба 1958.

Режимот прибегнал кон чести смртоносни мерки за да ги зачува кубанските градови под контрола на Батиста. Но во Сиера Маестра планините, Кастро потпомогнат од Френк Паис, Рамос Латур, Хубер Матос и многу други извеле успешни напади врз малите гарнизони на Батиста. Че Гевара и Раул Кастро му помогнале на Фидел да ја зацврсти политичката контрола во планините, често преку погубување на осомничените лојалисти на Батиста или другите соперници на Кастро. Освен тоа, слабо наоружаните нередовни војници познати како ескопетери ги малтретирале силите на Батиста по ридовите и рамнините во провинцијата Ориенте. Исто така тие им давале директна воена поддршка на главните сили на Кастро заштитувајќи ги линиите за снабдување и разменувајќи разузнавачки информации. На крајот, планините потпаднале под контрола на Кастро.

Освен вооружениот отпор, режимот на Батиста бил поткопуван и од пиратската радио станица наречена Бунтовничко радио (Radio Rebelde), создадена во февруари 1958. Кастро и неговите сили ја ширеле нивната порака до секого во територијата на непријателот. Радиските емитувања биле овозможени од Карлос Франки, претходен познаник на Кастро и кубански егзилант кој сега живее во Порторико.

Во овој период, силите на Кастро биле прилично малубројни, понекогаш помалку од 200 луѓе, додека кубанската армија и полициските сили броеле меѓу 30.000 и 40.000 припадници. Сепак, речиси секогаш кога армијата се борела против револуционерите, била приморана да се повлече. Кубанската војска била значително неефикасна. Сè поголем проблем за силите на Батиста било ембаргото за оружје воведено врз кубанската влада од страна на владата на САД на 14 март 1958. Кубанските воздушни сили брзо пропаднале бидејќи не можело да бидат поправени без деловите од САД.

Силите на Батиста најпосле одговориле со напад на планините наречени Операција Верано (бунтовниците ја викале „ла Офанзива”). Околу 12.000 војници (од кои половина биле необучени регрути) биле испратени во планините. Во неколку серии од мали престрелки, кубанската армија била поразена од одлучните војници на Кастро. Во Битката кај Ла Плата, која траела од 11 јули до 21 јули, силите на Кастро поразиле цел баталјон, заробувајќи 240 луѓе, а губејќи само 3 свои. Текот на настани за малку ќе се сменел на 29 јули кога Кастровата мала армија (околу 300 војници) била речиси уништена во Битката кај Лас Мерседес. Кастровата војска била притисната од супериорно побројната кубанска армија, при што Кастро побарал и добил привремен прекин на огнот (1 август). Наредните седум дена, додека се воделе бесплодни преговори, силите на Кастро постепено избегале од стапицата. До 8 август, целата војска на Кастро избегала назад во планините завршувајќи ја делотворно Операцијата Верано со неуспех на владата на Батиста.

Средина на 1958 до јануари 1959[уреди | уреди извор]

„Непријателскиот војник во кубанскиот пример којшто не интересира во моментот, е помладиот партнер на диктаторот, тој е човекот кој ја добива последната останата трошка во долгата линија на профитери која почнува на Вол Стрит и завршува со него. Тој е склон да ги брани своите привилегии, но тој е склон да ги брани само до тоа ниво доколку тие се важни за него. Неговата плата и пензија вредат за некое страдање и некои опасности, но тие никогаш не вредат за неговиот живот. Ако е тоа цената за да ги задржи, подобро да се откаже од нив, т.е. да се повлече од пред лицето на герилската опасност.”

— Че Гевара, командант на герилата, 1958[3]
Карта која ги покажува клучните локации на Сиера Маестра за време на Кубанската револуција, 1958.

На 21 август 1958, по поразот на „офанзива” на Батиста, Кастровите сили ја започнаа својата офанзива. Постоеле четири фронтови во провинцијата „Ориенте” (сега поделена на Сантјаго де Куба, Гранма, Гвантанамо и Олгин) управувани од Фидел Кастро, Раул Кастро и Хуан Алмеида Боске. Спуштајќи се од планините, со новите оружја запленети за време на офанзива и прокриумчарени во авион, Кастровите сили победиле во неколку битки. Најголема победа на Кастро кај Гуиса и успешното заземање на неколку гратчиња како Мафо, Контрамаестре и Сентрал Ориенте ги ставиле Кауто рамнините под негова контрола.

Во меѓувреме, три колони на чело со Че Гевара, Камило Сиенфуегос и Жаиме Вега продолжиле на запад кон провинцијалниот главен град Санта Клара. Колоната на Жаиме Вега била заседната и уништена. Другите две колони достигнале до централните провинции кадешто ги здружиле силите со неколку други групи на отпорот кои не биле под команда на Кастро. Според Фариа, кога колоната на Че Гевара поминала низ провинцијата Лас Вилас, конкретно низ Ескамбреј планините, односно кадешто силите на антикомунистичката управа (Движењето 13 март) се бореле неколку месеци против армијата на Батиста, се споиле двете бунтовнички групи. Трупите на Движењето на Че 26 јули всушност биле инфилтрирани со комунисти, како полемичарот Армандо Акоста и поопасниот Команданте Феликс Торес. Но, комбинираната бунтовничка армија продолжила со офанзивата и Сиенфуегос извојувал клучна победа во Битката кај Јагуајај, на 30 декември 1958 (заработувајќи го прекарот „Херојот од Јагуајај”).

Карта на Куба која го покажува местото на пристигнувањето на бунтовниците со Гранма јахтата кон крајот на 1956 во упориштето на бунтовниците во Сиера Маестра.Картата ја покажува и рутата на Че Гевара и Сиенфуегос кон Хавана преку Лас Вилас провинцијата во декември 1958

Следниот ден (31 декември), Битката кај Санта Клара претставувала сцена со голема збрка. Градот Санта Клара бил заземен од комбинираните сили на Че Гевара, Сиенфуегос и бунтовниците на Револуционерната управа водени од командантите Роландо Кубела, Хуан („Ел Мексикано”) Абрахантес и Вилијам Александер Морган. Вестите од овие порази предизвикале паника кај Батиста. Тој избегал во Доминиканската Република набргу после неколку часа на 1 јануари 1959. Командантот Вилијам Александер Морган продолжил да се бори и го зазел градот Сиенфуегос на 1 и 2 јануари, за време на заминувањето на Батиста. Кастро слушнал за бегството на Батиста наредното утро и веднаш почнал преговори за преземање на Сантјаго де Куба. На 2 јануари, воениот командант во градот, Колонел Рубидо, им наредил на своите војници да не се борат и Кастровите сили го зазеле градот. Силите на Гевара и Сиенфуегос влегле во Хавана во тоа време. Тие не пресретнале никаков отпор на нивното патување од Санта Клара до главниот град на Куба. Кастро пристигнал во Хавана на 8 јануари после долг победнички марш. Неговиот избор за претседател, Мануел Урутиа Лео стапил на должност на 3 јануари.

После 1959: По револуцијата[уреди | уреди извор]

„Нашата револуција ги загрозува сите американски сопствености во Латинска Америка. Ние им кажуваме на овие земји да направат своја револуција.”

Че Гевара, октомври 1962

Кастро отишол во САД подоцна за да ја објасни својата револуција. Тој рекол: „Јас знам што мисли светот за нас, ние сме комунисти, и секако дека јас многу јасно реков дека не сме комунисти, многу јасно.”

Стотици осомничени агенти од ерата на Батиста, полицајци и војници биле изложени на јавно судење за злоупотреба на човековите права и воени злодела, вклучувајќи убиства и мачење. Повеќето од осудените во револуционерните трибунали за политички злодела биле погубени со стрелање, а останатите добиле долги затворски казни. Еден од најозлогласените примери на револуционерната правда било погубувањето на преку 70 заробени војници од режимот на Батиста, наредено од Раул Кастро по заземањето на Сантјаго де Куба. За неговиот дел во Хавана, Че Гевара бил назначен за врховен обвинител во тврдината Ла Кабана. Ова било далекусежен обид на Фидел Кастро да ги исчисти безбедносните сили од лојалистите на Батиста и потенцијалните противници на новиот револуционерен режим. Останатите имале среќа да бидат отпуштени од армијата и полицијата без гонење, а некои службеници со висок ранг од претходниот режим избегале во егзил како воени аташеа.

Во 1961, по инвазијата во Заливот на свињите, новата кубанска влада ги национализирала и сите имоти во држани од религиозни организации како Римокатоличката црква. Стотици членови на црквата, вклучувајќи го и бискупот, биле засекогаш протерани од нацијата, а официјално новата кубанска влада била атеистичка. Фариа опишува како се сменило образованието кај децата какошто Куба станала официјално атеистичка држава: приватните училишта биле забранети, а постепено социјалистичката држава имала голема одговорност за децата.

Според географот и кубански командант Антонио Нуњес Хименес, 75% од кубанската најдобра обработлива почва била поседувана од странци или странски (главно американски) компании. Една од првите политики на новоформираната кубанска влада била искоренување на неписменоста и спроведување на земјишни реформи. Земјишните реформи помогнале да се зголеми животниот стандард со поделба на поголемите фарми на задруги. Командантот Сори Марин, номинално задолжен за земјишната реформа, се спротивставил и избегал од Куба, но на крајот бил погубен. Многу други, немарксисти и водачи на анти-Батиста групи биле приморани во егзил, осудени на смрт или елиминирани во неуспешни востанија како тоа на браќата Битон.

Набрзо по преземањето на власта, Кастро создал и Револуционерна милиција да ја прошири својата база на моќ меѓу поранешните бунтовници и поддржувачите од населението. Кастро исто така иницирал Комитет за одбрана на револуцијата (КОР) при крајот на септември 1960. Информаторите станале деспоти меѓу населението. КОР имале задача чуваат „будност против контрареволуционерните активности.” Локалните КОР исто така имале задача да водат документација за секој жител во соседствата, за потрошувачките навики, ниво на контакт со странци, нивното работно и образовно минато и какво било сомнително однесување. Една од најгонетите групи биле хомосексуалците, посебно хомосексуалните мажи. Сексот бил форма на ослободување и протест против владата на Кастро, Реиналдо Аренас, познат латиноамерикански писател, го опишува таквото покорување и протестирање во својата автобиографија „Пред мракот” („Antes Que Anochezca”)

Куба започнала со експропријација на земјата и приватните имоти под покровителство на законот за аграрна реформа од мај 1959. Кубанскиот правник Марио Лазо пишува дека фарми од секоја големина може да бидат и се запленети од владата. Земја, бизниси и фирми во сопственост на Кубанци од средна и висока класа биле исто така национализирани, вклучувајќи ги и плантажите во што ги имало семејството на Фидел Кастро. Кон крајот на 1960, револуционерната влада национализирала кубански приватни имоти во вредност од 25 милијарди долари. Куба ги исто така национализирала и сите имоти во државата што биле во сопственост на САД и други странски сопственици на 6 август 1960. Како одговор на тоа, САД возвратиле со замрзнување на сите кубански средства во САД, затегнување на дипломатските односи и зацврстување на ембаргото врз Куба, кое сѐ уште трае после 50 години. Куба возвратила на мерките на Ајзенхауеровата администрација со свртување и барање поддршка од Советскиот Сојуз.

Во јули 1961, Интегрираните револуционерни организации (ИРО) биле формирани со спојувањето на Фиделовото Револуционерно движење 26 јули, Народната социјалистичка партија (претходно Комунистичка партија) водена од Блас Рока и Револуционерната управа 13 март водена од Форе Чомон. На 26 март 1962, ИРО станала Обединета партија на кубанската социјалистичка револуција (PURSC) која, за возврат станала Комунистичка партија на Куба на 3 октомври 1965, со Кастро како Прв секретар.

Направени се многу обиди од САД да ја соборат кубанската влада. Еден од најпознатите е неуспехот на инвазијата во Заливот на свињите во 1961. После кубанската ракетна криза од 1962, САД даде ветување дека никогаш нема да го окупира островот. Безнадежни и неуспешни бунтови, познати како Борба против бандитите, продолжиле до 1965 г.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2010-07-22. Посетено на 2010-04-06.
  2. „Spartacus Educational entry for Jean Daniel“. Архивирано од изворникот на 2009-11-06. Посетено на 2010-04-06.
  3. The Life & Times of Che Guevara by David Sandison, 1996, Paragon, ISBN 0-7525-1776-7 pg 41

Дополнителна литература[уреди | уреди извор]

  • Вистинскиот Фидел Кастро од Листер Колтман

Надворешни врски[уреди | уреди извор]