Камник (кањон)

Координати: 41°44′49.3″N 22°19′09″E / 41.747028° СГШ; 22.31917° ИГД / 41.747028; 22.31917
Од Википедија — слободната енциклопедија
Карта
Кањон Камник
Поглед на кањонот

Камник ― кањон на малата Кошевска Река, притока на поголемата Радањска Река, сместен во атарот на раселеното село Мал Габер, во југозападниот дел на Општина Карбинци, Македонија.

Местоположба[уреди | уреди извор]

Овој мал кањон се наоѓа на Кошевска Река, притока на Радањска Река, во северозападниот дел на планината Плачковица.[1] Кањонот е оддалечен 9 километри источно од градот Штип и 5 километри југоисточно од селото Радање.[2]

Пристап[уреди | уреди извор]

Најлесно се пристапува до самиот кањон преку селото Радање, каде завршува асфалтниот пат. Од сретселото кај Мехмед-агината џамија во Радање се продолжува по земјен пат долж долината на Радањска Река во должина од 5 километри. Кај поставената информативна табла се продолжува право, а при првата кривина на земјениот пат се врти лево и оттука всушност се навлегува во долината на малата Кошевска Река.

Низ самиот кањон има две патеки: потешка, покрај самиот водотек, и полесна на 30-40 метри над дното.[2]

Особеност[уреди | уреди извор]

Кањончето има должина од околу 1,5 километри и длабочина од само 10 до 50 метри. Тоа е всечено по должината на типичната раседна линија меѓу доста распаднати и еродирани гнајсеви и цврсти амфиболити. Вниманието го привлекува по трагите од речната ерозија и начинот на всекување.[1]

Кањонот започнува на околу 300 метри спротиводно од вливот на Кошевска во Радањска Река.[2]

Без оглед на малите димензии, минувањето низ кањончето, посебно преку тесните и вертикални карпи, претставува вистинско адреналинско доживување. Кошевска Река овде создала неколку помали, но привлечни водопади високи до 5 метри, со џиновски лонци во вид на базени. Без оглед што најчесто изгледа како мало поточе, водостојот може да биде доста променлив, а за време и после врнежи, слабиот поток станува силен и бучен пороен водотек.[2]

Галерија[уреди | уреди извор]

Кањонот
Геоморфолошки особености

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Група автори (2016). „Кањон Камник“. Студија за геодиверзитетот и геонаследството на Република Македонија и другите компоненти на природата (PDF). Скопје: Министерство за животна средина и просторно планирање. стр. 155. ISBN 978-9989-110-90-0.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 „Кањонот Камник – слабо позната природна атракција во близина на Штип!“. ИГЕО-ПОРТАЛ. Посетено на 2021-02-17.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

41°44′49.3″N 22°19′09″E / 41.747028° СГШ; 22.31917° ИГД / 41.747028; 22.31917