Имунолошки систем

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Слика добиена со помош на скенирачки електронски микроскоп на која се гледа како еден неутрофил (жолто) проголтува бактерија на антракс (портокалово).

Имунолошкиот систем претставува збир од органи, ткива и жлезди кои го штитат телото од туѓи супстанци. Во овие супстанци спаѓаат бактерии, вируси и други паразити и патогени кои предизвикуваат инфекција. Обично имунолошкиот систем е многу ефективен во одбраната на телото, но понекогаш можат да се случат грешки, што може да доведе до тешки последици. Резултатот може да е алергиска реакција со различна сериозност.

Принцип на дејствување[уреди]

Човечкото тело е постојано нападнато од патогени или паразити. Имунолошкиот систем го штити човекот од овие супстанци на два начина: специфично и неспецифично. Неспецифичната одбрана, која ги вклучува кожата и мукозните мембрани, служи како прва одбранбена линија за превенција од навлегување на патогени во телото. Специфичната одбрана се активира тогаш кога микроорганизмите ќе ги поминат неспецифичните бариери и ќе извршат инвазија во организмот.

За да имунолошкиот систем работи нормално мора да се случат две работи: прво, телото мора да препознае дека е инвадирано, било од патогени или токсини. Второ, имуниот одговор мора да се активира брзо, пред туѓите супстанци да уништат многу телесни клетки. За да имунолошкиот систем одговори ефективно, неколку услови мораат да бидат исполнети, вклучувајќи ги и правилните заемодејства на неспецифичната и специфичната одбрана. Неспецифичната одбрана на кожата не го идентификува антигенот кој го напаѓа организмот. Обично неспецифичната одбрана ефективно ги уништува микроорганизмите, но доколку таа се покаже како неефективна и микроорганизмите навлезат во телото, тогаш специфичната одбрана влегува во акција. Таа функционира со откривање на антигенот и негово уништување.

Главен комплекс на хистокомпатибилност[уреди]

Клеточната мембрана на секоја клетка поседува различни протеини кои заедно се познати како главен комплекс на хистокомпатибилност или ГКХ. ГКХ е некој вид на влезна шифра, бидејќи сите клетки во телото мораат да имаат идентичен ГХК, така што телото ќе може да ги идентификува тие клетки како свои. Туѓ микроорганизам, како бактерија, нема ист ГХК, па така имунолошкиот систем го алармира организмот дека е нападнат од туѓа честичка.

Секоја индивидуа има негов или нејзин единствен ГКХ, и одговорот на имунолошкиот систем на туѓ ГКХ може да претставува проблем при трансплантацијата на органи.

Општ план на градба[уреди]

Органите во состав на имунолошкиот систем се лимфните садови, лимфните јазли, крајници, тимусот, Пејеровата дамка и слезината. Секој од овие органи или ги произведува клетките кои учествуваат во имуниот одговор или служат како место за имуната функција. Лимфоцитите, вид на леукоцити, се концентрирани во лимфните јазли, кои претставуваат маса на ткиво кои дејствуваат како филтри за крвта на различни местоположби во телото, но најмногу ги има на вратот, мишките и на слабините. Како што лимфата (леукоцити и плазма) се филтрира низ лимфните јазли, туѓите тела се детектираат и уништуваат.

Крајниците, лоцирани во позадината на гркланот и под јазикот, содржат голем број на лимфоцити и ги филтрираат потенцијално штетните бактерии кои можат да влезат преку носот и устата. Пејеровите дамки, расштркани низ дебелото црево и апендиксот, се лимфни ткива кои ја имаат истата функција во дигестивниот систем. Градната жлезда, лоцирана во горниот дел од градниот кош, е друго место каде се произведуваат лимфоцити, иако таа е активна само за време на детството. Градната жлезда расте продолжува да расте сѐ до пубертетот, заштитувајќи го детето низ критичните години од раниот развиток, но во адолесценцијата таа атрофира дури до исчезнување.

Коскената срж, меко ткиво во срцевината на коските, е главен произведувач на лимфоцити и други компоненти на крвта (види хемопоеза) како што се еритроцитите. Слезината, покрај тоа што произведува лимфоцити, служи и како резервоар за крвта и ги уништува дотрајаните еритроцити.