Леукоцит

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Бели крвни клетки
SEM blood cells.jpg
SEM слика на нормална човечка крв. Можат да се забележат леукоцитите со сферична форма со неправилна површина, еритроцитите и многу мали дисковидни крвни плочки.
Латински leucocytus

Леукоцитите (leukos- бело) се белите крвни клетки кои се составен дел на крвта, но ги има и во лимфата и меѓуклеточната течност. Тоа се амебовидни клетки со јадра. Тоа се клетки што во себе содржат повеќе ензими кои ги разградуваат материите што ќе навлезат во нив. Леукоцитите се создаваат во коскената срцевина, органите на РЕС, тимусот, слезината и лимфните јазли. Учествуваат во имунитетот, вклучувајќи го и клеточниот. Леукоцитите ги има повеќе видови. Врз основа на нивната големина, формата и гранулите во нивните јадра, има гранулоцити и агранулоцити. Можноста за менување на формата и одбранбената функција на леукоцитите во организмот, се во врска со способноста за амебовидно движење, дијапедеза и хемотаксија.

Својства[уреди]

  • Дијапедеза: леукоцитите можат да се провлечат низ ситните пори на крвните садови, иако овие клетки се многу поголеми од порите.
  • Амебовидно движење: леукоцитите можат да се движат амебовидно, пpи што за една минута можат да поминат пат три пати подолг од својата должина.
  • Хемотаксија: во организмите има еден список на материи што можат да предизвикаат движење на леукоцитите кон нив. Таквата појава се нарекува хемотаксија. Така неутрофилите и макрофагите се движат кон некое воспалено место. Такви материи се некои бактериски токсини, распаднати производи од некои материи, производи од реакцијата од комплементот, некои производи на коагулација на крв и сл.
  • Фагоцитоза: најважна особина на леукоцитите пти што одредени материи се разградуваат.[1]

Видови на леукоцити[уреди]

Постојат голем број на класификации според кои сите видови леукоцити може да се групираат. Според присуството на гранули во цитоплазмата на леукоцитите и нивниот афинитет кон одредени бои, леукоцитите можат да се поделат на гранулоцити и агранулоцити.[2]

Гранулоцити[уреди]

Неутрофил уништува бактерија на антракс.

Гранулоцитите се категорија на леукоцити кои се разликуваат по различното обојување на гранулите во нивната цитоплазма на светлински микроскоп. Има три видови на гранулоцити: неутрофили, базофили и еозинофили (именувани по бојата).

Неутрофили[уреди]

Најзастапени и најкарактеристични се неутрофилните леукоцити. Јадрата на неутрофилите се разлукуваат според изгледот, поради што се наречени полиморфни леукоцити. Со делба на првата клетка (наречена миелобласт) и созревањето на клетките-ќерки постепено се намалува јадрото и запремнината на клетката, се згустува хроматинот во јадрото, а во цитоплазмата се јавуваат, на почетокот примарните, а потоа и секундарните гранули. Јадрото на неутрофилните леукоцити секогаш е поделено на пет, па и повеќе делови. Врз основа на наведените морфолошки својства можат да се разликуваат шест развојни стадиуми на неутрофилните леукоцити.

Еозинофили[уреди]

Еоизнофилни гранулоцити се леукоцити што се разликуваат од неутрофилите според градбата и изгледот на јадрото. Кај еозинофилите тоа најчесто е составено од два дела што кај човекот се поставени во вид на дисаѓи. Гранулите што се наоѓаат во цитоплазмата на овие леукоцити се бојат црвено со кисели бои (еозин).[3]

Базофили[уреди]

Базофилни гранулоцити лесно се одвојуваат од другите видови леукоцити според големиот број крупни базофилни гранули со темнопурпурна боја. Базофилите имаат нподелено јадро, со неправилен топчест или бубреговиден изглед.

Лимфоцити[уреди]

Лимфоцитите се најзастапени клетки во лимфниот систем и во нив се вбројуваат т.н. К клетки убијци. Крвта има три видови на лимфоцити: В клетки, Т клетки и природни клетки убијци. B клетките произведуваат антитела кои се сврзуваат со антигените за да ги уништат. Помошните Т клетки го координираат имуниот одговор (тие постануваат дефектни при ХИВ инфекција). Цитотоксичните Т клетки и природните клетки убијци се способни да ги уништат клетките во телото кои се инфицирани од вирус.

Моноцити[уреди]

Моноцитите сврзуваат делови од антигенот за дадена Т клетка за да на тој начин антигенот биде препознаен при повторна инфекција и убиен. Моноцитите се познати и како макрофаги откога ќе го напуштат крвотокот и ќе навлезат во ткивата.

Фунцкии[уреди]

Основната функција на леукоцитите е одбранбена и неа различните видови леукоцити ја остваруваат на посебен начин. Улогата на неутрофилните гранулоцити е да го спречат или забават развивањето на инфективните микроорганизми. Ваквото дејство произлегува од нивната подвижност, од способноста да реагираат на голем број материи, фагоцитозата и др.

Кога неутрофилите ќе ги откријат материите што треба да се фагоцитираат, ги окружуваат и го внесуваат во својата цитоплазма, создавајќи ќесичка наречена фагосом. Во следните 1 до 3 минути фагосомот се спојува со гранули што содржат различни ензими (лизозим, колагеназа, еластаза и лактоферин, миелопероксидаза и др.).

Значењето на базофилите во фагоцитозата на микроорганизмите не е точно одредено, но се знае дека имаат своја улога во реакциите на пречувствителност. За разлика од нив, еозинофилите влијаат врз реакцијата на пречувствителност, при воспалителните процеси и при некои паразитски инфекции. Како и неутрофилните гранулоцити и моноцитите, особено макрофагите се изразити фагоцити. Тие го фагоцитираат речиси секое туѓо тело во човечкиот организам.

Има повеќе групи Т-лимфоцити. Едни од нив создаваат материи што имаат особини на хормони и се наречени лимфокини. Освен во процесот на фагоцитозата, тие учествуваат и во процесите на регулирање на одбранбените механизми. Основната функција на В-лимфоцитите е учеството во создавањето антитела или имуноглобин. Сврзувањето на антигенот со своето специфично антитело е прв чекор на хуморалниот имунитетен одговор. Кога ќе дојде во допир со својот антиген, В-лимфоцитот се активира и почнува да се дели, а во крајниот стадиум, наречен плазмоцит, може да се создаваат антитела.[4]

Наводи[уреди]

  1. Учебник по биологија за трета година на реформираното гимназиско образование стр.88
  2. Учебник по биологија за трета година на реформираното гимназиско образование стр.88
  3. Учебник по биологија за трета година на реформираното гимназиско образование стр.89
  4. Учебник по биологија за трета година на реформираното гимназиско образование стр.89