Лимфоцит

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај


Лимфоцит
SEM Lymphocyte.jpg
Скенирачка електронска микроскопија (СЕМ) на човечки лимфоцит.
Латински lymphocytus
Code Шаблон:TerminologiaHistologica

Лимфоцитите се тип на леукоцити кои се од фундаментално значење за имуниот систем поради тоа што ја детерминираат специфичноста на имуниот одговор при инфективни микроорганизми и други туѓи супстанци. Кај луѓето, лимфоцитите се околу 25 до 33% од вкупниот број на леукоцити. Тие се наоѓаат во циркулацијата, а исто така се сконцентрирани во централните лимфоидни органи и ткива, како слезината, крајниците и лимфните јазли, каде најчесто се случува имуниот одговор.

Видови лимфоцити[уреди]

Двата примарни типа на лимфоцити се В-лимфоцитите и Т-лимфоцитите, или В-клетки и Т-клетки. И двете потекнуваат од клетките во коскената срцевина и се слични по облик. Некои лимфоцити мигрираат до градната жлезда, каде созреваат во Т-клетки; другите остануваат во коскената срцевина, каде (кај луѓето) се развиваат во В-клетки. Повеќето лимфоцити се краткотрајни, со просечен живот од недела до два месеца, но повеќето живеат со години, создавајќи фонд на долготрајни Т и В-клетки. Овие клетки се одговорни за имунолошката “меморија” за побрз и посилен одговор за втора средба со истиот антиген.

Функција[уреди]

Преку рецепторни молекули на нивните површини, лимфоцитите се во можност да врзуваат антигени (туѓи супстанци или микроорганизми) и да помагаат за нивното отстранување. Секој лимфоцит носи рецептори кои се врзуваат за специфичен антиген. Можноста за одговор на практично секој антиген доаѓа од големиот вариетет на лимфоцити кои ги содржи телото. Секој од нив е способен да препознае еден специфичен антиген.

Еднаш стимулираниот лимфоцит (со врзување на антиген) се дели на повеќе идентични клетки. Некои од клонираните В-клетки се диференцираат во плазма клетки кои произведуваат антитела. Овие антитела се слично моделирани по рецепторите на прекурсорните В-клетки и, еднаш ослободени во крвта и лимфата, се врзуваат за целниот антиген и иницираат негова неутрализација или деструкција. Производството на антитела продолжува за неколку денови или месеци, сѐ додека не се уништат антигените. Други В-клетки, мемориски В-клетки, се стимулираат да се делат, но не се диференцираат во плазма клетки; тие го снабдуваат имуниот систем со долга меморија.

Во тимусот, Т-клетките се делат и диференцираат во помошни, регулаторни или цитотоксични Т-клекти или, пак, стануваат мемориски Т-клетки. Потоа тие доаѓаат до периферните ткива или циркулираат во крвта или лимфниот систем. Еднаш стимулирани од соодветниот антиген, помошните Т-клетки секретираат хемиски гласници наречени цитокини, кои ја стимулираат диференцијацијата на В-клетки во плазма клетки. Регулаторните Т-клетки ги контролираат имуните реакции. Цитотоксичните Т-клетки, кои се активираат од различни цитокини, се врзуваат и ги уништуваат инфицираните клетки и канцерните клетки.