Жозеф Фурје

Од Википедија — слободната енциклопедија
Жозеф Фурје

Жан Батист Жозеф Фурје[1] (француски: Jean Baptiste Joseph Fourier; 21 март 176816 мај 1830) — француски математичар и физичар кој е најпознат по како поттикнувач и истражувач на подоцна наречените Фуриеровите редови. Фуриеровите трансформации се, исто така, наречени во негова чест.

Животопис[уреди | уреди извор]

Фурје е роден во Оксер, Франција како деветто од дванаесетте деца на еден кројач. Станал сираче на возраст од десет години. На препорака од бискупот се здобил со образование во манастирот Свети Марко. Во училиштето покажал голема дарба за книжевноста, но на 13-годишна возраст покажал интерес за математиката. Иако започнал да учи за свештеник, по една година се откажал поради љубовта кон математиката. Во 1790 година станал учител во Кралската воена школа во Оксер. Во 1793 година станал политички активен и му се приклучил на месниот револуционерен комитет. Подоцна, бил испратен да учи во познатата школа Ecole Normale во Париз, каде предавале Лаплас и Лагранж кого Фурје го опишал како „прв меѓу европските научници“. Фурје заминал со Наполеон во источните експедиции во 1798 година и бил именуван за управник на Долен Египет. Отсечен од англиската флота, организирал работилници за обезбедување муниција за француската армија, но по британската победа и француската капитулација, се вратил во Франција, каде бил назначен за управител на Гренобл. Во 1816 година се преселил во Париз, а следната година станал член на Академијата на науките. Починал во Париз, во 1830 година.[2]

Творештво[уреди | уреди извор]

Уште додека престојувал во Египет, Фурје учествувал во изработката на неколку математички трудови на Египетскиот институт, кој го формирал Наполеон во Каиро, со цел да се намали англиското влијание на истокот. Во 1822 година ја објавил својата Théorie analytique de la chaleur, во која ги изложил размислувањата за Њутновиот закон за ладење. Во ова дело, тој тврди дека секоја функција од некоја променлива, прекината или непрекината, може да биде претставена како серија од синус на производи од променливата. И покрај тоа што овој резултат не е точен, Фурјевите забелешки дека некои прекинати функции се збир од бесконечен ред, биле огромно откритие. Прашањето за одредување кога функцијата е збир од Фуриеров ред било фундаментално низ вековите кои следеле. Жозеф Луис Лагранж има дадено примери кога оваа теорема не важи, а Јохан Дирихле бил првиот кој дал доволни демонстрации со некои рестриктивни услови.

На Фурје, исто така, му било одадено признание за откритието од 1824 година дека гасовите во атмосферата можат да ја зголемат температурата на Земјата. Овој ефект подоцна бил наречен „стакленички ефект“. Фурје го воспоставил и концептот на планетарна рамнотежа на енергијата според кој планетите добиваат енергија од различни извори и тоа предизвикува покачување на температурата; планетите, исто така, губат енергија поради инфрацрвеното зрачење (која Фурје ја нарекувал „црна топлина“) со однос на покачувањето на температурата. Притоа, постои рамнотежа помеѓу добивањето и губењето на топлината. И покрај тоа што Фурје го разбирал концептот на односот на инфрацрвеното зрачење со покачувањето на температурата, Штефан-Болцмановиот закон кој дава точна форма на оваа зависност бил откриен 50 години подоцна. Фурје препознал дека Земјата добива енергија првенствено од сончевото зрачење, за која Земјината атмосфера е транспарентна, и дека геотермичката топлина не придонесува многу за рамнотежата на енергијата. И покрај тоа, тој погрешно верувал дека зрачењето од меѓупланетарниот простор има значаен удел.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Во посвоен облик се користи „Фуриеров(а/о)“
  2. Ристески Славе, Тевдовски Драган и Марија Трпкова (2012). Вовед во анализата на временските серии. „Универзитет Св. Кирил и Методиј“, Скопје, стр. 35.