Дуеро

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Дуеро
Douro, Duero
Река
Реката Дуеро помеѓу градовите Порто (десно) и Вила Нова де Гаја (лево)
Земји  Португалија,  Шпанија
Извор Пикос де Урбион
 - место Ибериски Планини, Дуруело де ла Сиера, Сорија, Кастилја и Леон, Шпанија
 - височина 2.157 м
 - координати 42°00′37.92″ СГШ 2°52′49″ ЗГД / 
Утока Фош до Доро
 - местоположба Атлантски Океан, Порто, Големо Порто, Северен, Португалија
 - височина м
 - координати 41°08′35.74″ СГШ 8°40′10.07″ ЗГД / 
Должина 897 км
Истек во Порто
 - просечен 714 м3
 - максимален 17.000 м3
Истек на др. места (просечен)
 - Покињо 442 м3
Rio douro.svg
На Ризницата: Дуеро

Дуеро (шпански: Duero), Доро (португалски: Douro) или „Дуриј“ латински: Durius) — една од поважните реки на Пиринејскиот Полуостров. Извира во Дуруело де ла Сиера во покраината Сорија во северниот дел на средна Шпанија и рече низ Португалија сè до пристанишниот град Порто.

Историја[уреди]

Името на реката ѝ го дале келтски племиња што живееле во подрачјето во предримско време: келтскиот корен на зборот е *dubro-, и се среќава во велшкиот како dŵr (во „вода“) и во ирскиот поим dobhar, со исто значење.

Винскиот крај во Долината на Доро е прогласен за светско наследство на УНЕСКО. Во минатото виното се пренесувало од Порто во буриња на чамец со рамно дно наречен „рабело“, па потоа се складирало во визби во Вила Нова де Гаја, на другиот брег на реката. Во 1950-тите и 60-те години се изградени брани и со тоа запрел сообраќајот во пограничните делови и во Шпанија. Денес портото се пренесува во големи резервоари на бродови.

Географија[уреди]

Сателитска снимка на Дуеро

Дуеро е трета река по должина на Пиринејскиот Полуостров, по Тахо и Ебро. Долга е вкупно 897 км, од кои пловни се само делови од португалскиот дел, и тоа со лесни речни чамци.

Во Шпанија, реката минува низ големата кастилјска висорамнина и пет покраини во автономната заедница Кастилја и Леон: Сорија, Бургос, Валјадолид, Замора и Саламанка. По течението се сместени градовите Сорија, Алмазан, Аранде де Дуеро, Тордесилјас и Замора.

Во овие делови реката има малку притоки. Најважни се Писуерга (минува низ Валјадолид) и Есла (минува низ Замора). Пределите се претежно суви низини со пченични полиња и, на места, лозја. Важна улога игра и овчарството.

Потоа, во должина од 112 км, реката ја образува државната граница помеѓу Шпанија и Португалија. Ова се предели со тесни клисури кои во минатото играле културно-историска улога како граница помеѓу народите. Во изолираните места има заштитени подрачја како што е Меѓународниот природен парк Доро (на португалска страна) и Природниот парк Арибес дел Дуеро (на шпанска страна).

Реката наполно влегува на португалска територија веднаш по вливот на реката Агведа. Оттука Дуеро поретко минува низ големи населени места. Освен Порто и Вила Нова де Гаја на устието, единствените понаселени места се Фош до Туа, Пињао и Пезо да Регва. Во овој дел притоките се мали и се влеваат во Дуеро по должината на клисурите. Најважни се Коа, Туа, Сабор, Корго, Тавора, Пајва, Тамега и Соса. Ниедна од нив не е пловна.

Места по течението[уреди]

Поважни градови во Шпанија по течението на реката се Сорија, Алмазан, Аранда де Дуеро, Тордесилјас, Замора, а во португалија реката минува низ Миранда де Доро, Фош Коа, Пезо да Регва, Ламего, Вила Нова де Гаја и Порто. Најнаселение места по реката се Валјадолид, Замора во Шпанија и Порто и Вила Нова де Гаја во Португалија.

Во Португалија реката тече низ окрузите Браганса, Гварда, Визеу, Вила Реал, Авеиро и Порто. Порто е важен стопански и историски центар во северна Португалија, заштитен од УНЕСКО.

Стопанство[уреди]

Долното течение на реката има микроклима, каде се одлгледуваат маслинки, бадеми и грозјето од кое се прави познатото порто. Центар на производството на порто е подрачјето околу Пињао и Сан Жуан де Пешкејра, каде лозовите насади се распослани по многу стрмните брегови на реката и клисурите. Многу од овие лозја се во сопственост на големи меѓународни претпријатија.

Во португалскиот дел од Дуеро има пет брани кои даваат хидроенергија и овозможуваат пловност. Низ петте превојници можат да минуваат бродови долги до 83 м и широки до 11,4 м.

Крај реката сообраќа железничката линија Доро (Linha do Douro), изградена во 1887 г. Минува низ Порто, Рио Тинто, Ермезинде, Валонго, Передес, Пенафјел, Ливрасао, Марко де Канавезес, Регва, Туе и Покињо. Недалеку од Покињо е градот Фош Коа, во чија близина се наоѓа долината Коа со нејзината праисториска уметност, исто така заштитена од УНЕСКО.

Галерија[уреди]

Поврзано[уреди]

Наводи[уреди]

Надворешни врски[уреди]