Васил Левски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Васил Левски
Роден(а)Васил Иванов Кунчев
18 јули 1837(1837-07-18)
Карлово, Османлиска империја (денес Бугарија)
Починал(а)18 февруари 1873(1873-02-18) (возр. 35)
Софија, Дунавски Вилает, Османлиска империја
Причина за смртпогубен со бесење
ПочивалиштеСофија, Бугарија
Познат(а) поВнатрешна револуционерна организација
Потпис

Васил Левски, роден како Васил Иванов Кунчев (бугарски: Васил Иванов Кунчев - Левски, стар правопис: Василъ Лѣвскій; Карлово, 18 јули 1837Софија, 18 февруари 1873) — бугарски револуционер, идеолог, стратег и теоретичар на бугарската национална револуција, водел борба за ослободување од турското ропство. Поради неговата голема важност за ослободувањето на Бугарија, Левски е национален хероj за Бугарите и често е нарекуван „Апостолот на слободата“. Опеан е во народни песни во Бугарија, и во мала мера во некои делови од Македонија.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Рани години[уреди | уреди извор]

Васил Левски во Втората Бугарска легија, 1867/68 г.

Левски е роден во 1837 година во градот Карлово, просперитетен индустриски центар во тоа време. Се замонашил на дваесет и четири години (затоа често е нарекуван и Ѓаконот), но подоцна ја напуштил црквата за да води револуционерна борба против Османлиското Царство.

Во 1862 година Левски отишол во Србија, каде што се запишал како доброволец во Бугарската легија, која била организирана од еден друг бугарски револуционер, Георги Раковски. Лозинката „Левски“ („лев“ е бугарски збор за „лав“) е од овоj период - во време на подготовката тој направил еден долг скок, кој бил сметан од неговите другари како лавовски скок. Меѓу 1862-1868 година тој зел учество во сите бугарски вооружени напади против Отоманското Царство.

Револуционерни идеи и теории[уреди | уреди извор]

Левски, околу 1870 г.

Кон краjот на 60-те години на 19 век, Левски развил една револуционерна теорија, која била решителен чекор за Бугарското ослободително движење. Теоријата се осврнала на националната ослободителна револуција како вооружено востание на сите Бугари во Отоманското Царство.

Востанието требало да биде подготвено, контролирано и координирано од централна револуционерна организација. Оваа оранизација требало да вклучува определен број месни револуционерни комитети во сите делови на Бугарија и требало да фунционира независно од туѓите сили. Теоријата на Левски се појавила како резултат од многуте неуспешни обиди да бидат реализирани идеите на Раковски, т.е. вооружени чети коишто доаѓале од соседни држави да провоцираат општо востание кое требало да доведе до ослободување на Бугарија. Тој ги објаснува своите тези во 1871 година во писмото испратено до Љубен Каравелов на следниов начин:

И ние сме луѓе и сакаме да живееме човечки, да бидеме целосно слободни во својата земја, таму каде живее Бугаринот - во Бугарија, Тракија и Македонија. Од каква и народност луѓе да живеат во овој наш рај, тие ќе бидат рамноправни со Бугарите во сè. Ќе имаме едно знаме, на кое ќе пишува: „Света и чиста Република“.

[2]

Организирање на револуционерна мрежа[уреди | уреди извор]

Во 1869 година Левски се зафатил да ги организира локалните револуционерни комитети. Кон средината на 1872 тој веќе успеал да создаде една голема мрежа на комитети во бугарските градови и села, коишто биле потчинети и во постојан контакт со нелегалната бугарска влада во Ловеч. Комитетите купувале оружје, организирале вооружени чети и казнени акции против особено злите турски чиновници и бугарски предавници.

Во текот на мај 1872, Бугарскиот револуционерен централен комитет (БРЦК) и Внатрешната Револуционерна Организација биле убедени дека координирањето на напорите ќе биде вредно за сите и се обединиле во една организација. Васил Левски бил одреден за главен апостол на цела Бугарија, Тракија и Македонија[3] и добил полномоштво да ги управува структурите изградени во Бугарија. Левски го пишува следново за Македонија во писмо од 6 август 1872 година до д-р Константин Робев од Охрид:

„Докторе и драги брате, дојде конечно часот та да размислиме и за вашиот крај. Работата ни ми дозволуваше за сега да мислам и за Македонија. Понапред требаше да се изврши сето тоа тука поблиску до брегот (на Дунав), та постепено да одиме уште напред кон Македонија и Тракија. Јас се сеќавам многу добро за тоа што сме си зборувале во Цариград, дека таму повеќе спокојно може да се работи.... Да даде Бог здравје, кога минам кон Штип и Скопје, ќе гледам како и да е да дојдам и во вашиот град та да напредне потребното.“


Во истото лето на 1872 година Левски го основал и првиот таен комитет во Македонија, во манастирот „Св. Јоаким Осоговски“, недалеку од Крива Паланка.[4] Во есента на 1872 година почнала изградбата и на посебните револуционерни окрузи.

Фаќање[уреди | уреди извор]

Поради предавство Левски е фатен од Османлиите на 27 декември 1872 година и обесен на 18 февруари 1873 година во околината на Софија.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Песна за Васил Левски“ от Тиквешията; Коста Църнушанов. „БЪЛГАРСКИ НАРОДНИ ПЕСНИ ОТ МАКЕДОНИЯ“. Държавно издателство „Музика“, София, 1989. стр. 395.
  2. Дописка на В. Левски до в-к "Свобода", писана през втората половина на 1870 г., публикувана във вестник "Свобода" на 13.02.1871 г.
  3. История на българите в осем тома, том 5, Димитър Зафиров, Георги Бакалов, TRUD Publishers, 2007, ISBN 9546212350, стр. 287.
  4. Национално-революционни борби в Малешево и Пиянец 1860–1912. Славе Гоцев, Издателство на Отечествения фронт София, 1988, стр. 51-52.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]