Атентат врз Александар Протогеров

Од Википедија — слободната енциклопедија

Атентатот врз Александар Протогеров бил извршен на 7 јули 1928 година во Софија од страна на тројца атентатори: Стефанов, Гузданов и Витларев, под раководство на Кирил Дрангов од михајловистичкото крило на ВМРО. Притоа бил убиен и неговиот телохранител Атанас Гоцев [1]. Наредбата за атентатот била издадена од Иван Михајлов, под обвинение дека Протоѓеров учествувал во заговорот против Тодор Александров.

Предисторија[уреди | уреди извор]

Александар Протоѓеров во македонското револуционерно движење влегол многу порано пред почетокот на овие меѓусебни вооружени пресметки. Во годините кога македонското револуционерно движење започнало да добива организиран облик, Протоѓеров се активирал во Врховниот комитет, за да неговото забележително учество започне со членувањето во раководството на Извршниот комитет на македонските братства, кое во периодот непосредно по Првата светска војна барало македонското прашање да се реши во полза на бугарската кауза. Паралелно со ова Александар Протоѓеров напредувал и во својата војничка кариера во рамките на бугарската војска, при што успеал да дојде и до генералскиот чин. И по обновувањето на дејствувањето на автономистичката ВМРО кога тој бил кооптиран како член на ЦК по завршувањето на војната, Протоѓеров не успеал да се издигне до самиот врв во хиерархијата на македонското револуционерно движење.

Обвиненија[уреди | уреди извор]

Настаните што следувале за време на убиството на Тодор Александров по многу нешта ја отстранувале евентуалната вмешаност на Протоѓеров, бидејќи според сите докази тој со неговата второстепена улога во раководството на ВМРО немал моќ и сила да преземе таков чекор. Во тој поглед по физичката елиминација на Александар Протоѓеров не делувале убедливо наводните докази со кои излегол новиот водач на ВМРО, Михајлов, според кои убиениот бил замешан во заговорот против Александров, а обвинувањата оделе до тој степен што Александар Протоѓеров се товарел дека во тие наводни планови се имал поврзано и со Димо Хаџи Димов и неговите приврзаници од македонската левица. Како и да е, и покрај сите дискредитации на личноста на Протоѓеров, само една работа не му се оспорувала податокот што, според ЦК на ВМРО, тој не бил алчен за пари и тоа не била целта на неговото влегување во Организацијата.

Причина[уреди | уреди извор]

Суштинската причина за убиството на Александар Протоѓеров била борбата за превласт во редовите на терористичката ВМРО, каде Иван Михајлов решил преку физички ликвидации да ги отстрани сите негови евентуални конкуренти за водачкото место во ЦК.

Последици[уреди | уреди извор]

По убиството на членот на ЦК на ВМРО, Александар Протоѓеров, покрај вербалните пресметки преку весниците, расправиите и несогласувањата меѓу двете спротивставени фракции - протоѓеровисти и михајловисти, се преселиле на улиците на бугарските градови и се расчистувале со куршуми.[2]

Извори[уреди | уреди извор]

  1. Предавствата и атентатите во македонската историја, Виолета Аковска и Никола Жежов, Скопје, 2004 год
  2. Мићић, Срђан (2018). "Протогеровисти ВМРО у југословенској служби 1930-1935. године". Војноисторијски гласник. Београд: Институт за стратегијска истраживања. 2: 70–109. ISSN 0042-8442.