Валандовска афера од 1915 година

Од Википедија — слободната енциклопедија
За Валандовската афера од 1899 година видете Валандовска афера.
Валандовската чета

Валандовската афера, позната како Валандовска акција или Валандовско-удовска акција, била вооружен напад на Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација (ВМОРО),извршен на 20 март 1915 година против српски сили на три пункта во југоисточниот дел на Вардарска Македонија. Акцијата е една од најголемите борби во историјата на ВМРО.[1][2][3]

Контекст[уреди | уреди извор]

Со почетокот на Првата светска војна во 1914 година, Бугарија се обидувала да задржи неутрална позиција во односите помеѓу двете спротивставени блокови: Антантата и Централните сили. Ваквата наводна неутралност се должела на фактот што Бугарија преговарала во исто време и со двете страни и во рамките на тие преговори се обидувала да добие што поголеми територијални отстапки. Бугарските територијални барања најмногу се однесувале за територијата на Македонија. Во тие преговори Бугарија се решила да ја заземе страната на Централните сили, кои и ја ветиле целата територија на Македонија по завршувањето на војната.

Од тој момент започнале подготовките за вклучување на Бугарија во војната. Врховната воена команда на земјите на Централните сили по многу нешта ја сметале улогата на Бугарија за клучна во развојот на понатамошните воени операции. Тоа се должело на плановите според кои Бугарија со заземањето на Македонија и важната геостратегиска Вардарска долина би ја пресекла отстапницата на српската војска на југ, која една година била во војна и веќе го започнала своето повлекување под силниот притисок на австроунгарската војска. Подготовките на Бугарија за влегување во војна биле во насока на тоа во Македонија да се создадат услови кои би испровоцирале нејзино вклучување во истата заради наводната заштита на населението, кое тие го сметале за бугарско.

Во таа насока Бугарија сакала да ги исползува на своја страна разните македонски организации, пред сè ВМРО, заради исполнување на нејзините намери. За да започнат вооружените провокации на територијата на Србија, преку бугарската влада на Радославов од страна на Австроунгарија биле дадена парична сума од околу 25 милиони златни круни, кои за таа цел биле наменети на користење на ВМРО на Тодор Александров. Благодарение на тие финансиски средства, но и на паролата за автономна Македонија, како и антисрпското расположение кај раководството и четниците на ВМРО, започнале интензивни подготовки за навлегување на комитските чети на територијата на Македонија под српска власт и изведувањето на терористички и атентаторски акции. По целата должина на српско-бугарската граница во делот кон Вардарска Македонија од страна на ВМРО биле возобновени старите канали за снабдување со оружје и обновени пограничните пунктови преку кои требало да се извршат нападите. Раководството на ВМРО за таа цел се поврзало и со турски и албански комитети, кои се приклучиле со свои вооружени чети во заедничките напади против Србија. Тие вооружени напади се одвивале на тој начин што четите на ВМРО и турските чети навлегувале во Источна Македонија, додека албанските чети се судирале со српските вооружени формации во Западна Македонија.[4]

Замисла и цел[уреди | уреди извор]

Како геостратегиски најважно подрачје за изведување на вооружените акции, било оценето дека бил просторот во близината на Валандово, кое се наоѓало најблиску до тогашната српско-бугарска граница. Комбинираниот напад на четите на ВМРО и турските чети, потпомогнати од специјалисти за експлозив и пиротехника од Австроунгарија бил извршен токму во овој дел на Македонија на 20 март (стар стил) 1915 година.[5]

Првичната цел на нападот била да се изврши уништување на мостот преку кој поминувала железничката линија на реката Вардар кај станицата Удово за да се прекине снабдувањето на српската војска на линијата Солун-Скопје, да се нанесе удар врз српското присуство во Бојмија и да се принуди Србија на поголеми отстапки при решавање на македонското прашање [белешка 1].

На чело на комитските чети на ВМРО се наоѓале војводите: Ване Стојанов, Петар Чаулев, Љубомир Весов, Панајот Карамфилов, Тодор Петров, Никола Лефтеров, Туше Скачков, Христо Делчев и други, а според овие податоци, нивниот број за време на нападот кај Валандово и Удово изнесувал околу 400 души четници и 600 души селска милиција или вкупно околу 1.507 души, кон нив се приклучила и една турска чета, на чело со Хусеин Хаки бег.[6]

Дејствие[уреди | уреди извор]

Петар Чаулев

Утрото на 20 март околу 400 четници и 600 лица од селската милиција или вкупно околу 1.507 лица ги нападнале трите утврдени пункта во Валандово, Пирава и Удово. Околу десет часот, борците на ВМРО успеале да влезат во Валандово, додека борбите кај Пирава и Удово се воделе до ноќта [белешка 2][белешка 3]. Првобитниот отпор на српските единици бил скршен и започнало опколувањето на Валандово, со чија одбрана од српска страна раководел мајорот Михајло Милијашевиќ на чело на единица од 120 војници. Во борбата за заземање на Валандово, српската војска во жестоките престрелки со комбинираните комитско-турски единици била десеткувана, при што ранетиот мајор Милијашевиќ успеал да ги евакуира оние малку српски жители во градот и да ги испрати во Гевгелија.

Борбата за градот добила во свој интензитет во раните утрински часови на 2 април 1915 година кога благодарение на силниот притисок што дошол од јужната страна српските војници биле принудени да го напуштат Валандово. Оваа вооружена група што била пресудна за таквиот исход на битката била предводена од војводата Стојче, капетанот Тома Икономов, турскиот капетан Хусеин ефенди и бугарските поручници Николов и Казаков. По заземањето на градот раководителите на акцијата им одржале митинг на жителите на Валандово, на кој се говорело за скорешното ослободување на Македонија од српско ропство.

Во вечерните часови на 2 април, вооружените чети на ВМРО заедно со турските чети се повлекле на бугарска територија, со што бил ставен крај на оваа вооружена акција, која повеќе имала цел да предизвика вовлекување на Бугарија во војната на страната на Централните сили.[7]

Во судирот загинале 40 комитски и турски четници и милиционери од едната страна, а од друга страна загинале 470 српски војници и 7 офицери, а 353 војници и 8 офицери биле заробени.[белешка 4]

Резултати[уреди | уреди извор]

Вооружената акција имала широк меѓународен одглас. Српската влада и другите земји испратиле протестни ноти до Софија, обвинувајќи дека Бугарија ја организирала на акцијата, а четите биле предводени од бугарски, австриски и турски офицери. Бугарија ги отфрлила обвинувањата истакнувајќи дека вината лежи во лошото српско управување, а за да се оправда пред надворешните фактори, пунктовниот началник на ВМРО, Коце Ципушев бил повикан да даде објаснувања лично пред премиерот Васил Радославов, кој предупредил дека треба да се работи внимателно за да не се наруши меѓународниот престиж на Бугарија.

Во Валандовско, српските власти започнале системски терор над локалното македонско и турското население - стотици луѓе биле уапсени и мачени. Како резултат на акцијата на ВМРО над 6.000 бегалци се упатиле кон Бугарија.[белешка 5]

Белешки[уреди | уреди извор]

  1. Според српски сознанија овој вооружен напад не требало да остане само локален, туку комитските акции имале за цел да ги пренесат вооружените дејствија и во другите делови на Македонија. Во нападот вооружената група на ВМРО која се насочила кон Удово броела 2.000 четници, а четите што се упатиле кон Валандово имале околу 1.506. Виолета Ачковска и Никола Жежов „Предавствата и атентатите во македонската историја“, Скопје, 2004.
  2. Во реонот на железничките објекти кај Градец и Удово распоредена за обезбедување се наоѓала една српска чета со два топови, додека поголемиот дел од српските единици биле разместени по должина на граничната линија кај Валандово или за чување и обезбедување на позначајни железнички објекти долж железничката пруга. Кога започнал комитскиот напад во овој сектор поради жестината на нападот на помош на српската војска дошол целиот 14 полк и засилувања од граничното обезбедување. Во меѓувреме четите на ВМРО ги совладале српските патроли и преку брз напад ги зазеле и двата топови од српското обезбедување. Главната битка се разгорела околу мостот на т.н. 113 километар што всушност била и главната цел на комитските чети. Нападот за заземање на мостот кај Удово бил најсилен околу 9 и 10 часот на 2 април, кога четите на ВМРО ги употребиле и заробените српски топови за уништување на тој важен геостратегиски објект. Меѓутоа околу 11 и 30 истиот ден српските воени единици се консолидирале и преминале во противнапад при што четниците и селската милиција на ВМРО биле принудени на повлекување преку граничната линија. На тој начин не успеал планот на раководството на ВМРО да го заземе мостот и преку негово минирање да го онеспособи за потребите на српската војска, види 504-Петар Стојанов, Македонија во времето на Балканските и Првата светска војна(1912-1918), Скопје, 1969
  3. Српските воени формации во тој момент распоредени на граничната линија и железничките објекти броеле околу 1.200 луѓе. Според извештајот на командантот на српските единици, нападот на четите на ВМРО започнал во раните утрински часови на 2 април (нов стил) 1915 година и во бројност, според него, од околу 3.000 луѓе, види „Предавствата и атентатите во македонската историја“
  4. За тоа колку човечки жртви имало по завршувањето на овој вооружен судир помеѓу четите на ВМРО и српските воени единици постојат повеќе податоци. Според српски сознанија, од нивна страна имало 181 загинати војници и офицери како и голем број на ранети, а според друг извор, исто така од српска провиниенција, во битката имало 281 убиени и 67 ранети српски војници и офицери, додека загубите кај четите на ВМРО изнесувале околу 40 и голем број на ранети. Од друга страна, според бугарски извори, бројот на загинатите на српска страна изнесувал 470 војници и 7 офицери, види Александар Апостолов, Внатрешната македонска револуционерна организација од 1908 до 1918 Година, "Златна книга-100 години ВМРО" Скопје, 1993.
  5. Покрај демонстративниот карактер, оваа вооружена акција имала последица за тоа што од страна на комитско-турските чети било извршено принудно иселување на муслиманското население од тој крај и тоа во бројка од над 5000 луѓе, што исто така веројатно имало пропаганден карактер, бидејќи целта била да се покаже пред јавното мислење дека состојбата во Македонија под српска власт била неподнослива и тешка во однос на несрпското население, со што сакало да се оправдоправда директното вклучување на Бугарија во воените операции на Првата светска војна, види „Предавствата и атентатите во македонската историја“

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Гоцев, Димитър. Национално-освободителната борба в Македония 1912 - 1915, Издателство на БАН, София, 1981, стр. 147 - 148.
  2. Националноосвободителното движение на македонските и тракийските българи 1878-1944, Т. III, София, 1997, стр. 342-343.
  3. Димитар Галев, „Белиот терор во Југоисточна Македонија 1910-1941“, Друштво за наука и уметност, Штип 1991, Валандовско-удовската атака
  4. види Петар Стојанов, „Македонија во времето на Балканските и Првата светска војна (1912-1918)“, Скопје, 1969, 242.
  5. МАКЕДОНИЯ-история и политическа съдба (1912-1941), том II, редакција Петър Петров, София, 1998.
  6. Александар Стојчев, Македонија и Македонците во Прва светска војна, Воен музеј во состав на Министерство за одбрана на Република Македонија, Скопје, 2017, стр. 29 - 38
  7. Виолета Ачковска и Никола Жежов, „Предавствата и атентатите во македонската историја“, Скопје, 2004.