Раскол во Внатрешната македонска револуционерна организација

Од Википедија — слободната енциклопедија

Расколот во Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО) настанал по убиството на генералот Протоѓеров. Во периодот, кој претходел на неговото убиство, на сцена се појавил младиот и амбициозен Иван Михајлов кој успеал да се наметне сред ВМРО, меѓутоа неговите постапки довеле до појава на една опзиција насочена против него.

На 7 јули 1928 година во Софија бил извршен атентат врз Александар Протоѓеров, членот на ЦК на ВМРО. Убиството било извршено од тројца атентатори: Стефанов, Гузданов и Витларев под раководство на Кирил Дрангов од михајловистичкото крило на ВМРО. Наредбата за атентатот била издадена од другиот член на ЦК, Иван Михајлов, под обвинение дека Протоѓеров учествувал во заговорот против Тодор Александров.

Суштинската причина за убиството на Александар Протоѓеров била борбата за превласт во редовите на ВМРО, каде Иван Михајлов решил преку физички ликвидации да ги отстрани сите негови евентуални конкуренти за водачкото место во ЦК.

По убиството на членот на ЦК на ВМРО, Александар Протоѓеров, покрај вербалните пресметки преку весниците, расправиите и несогласувањата меѓу двете спротивставени фракции - протоѓеровисти и михајловисти, се преселиле на улиците на бугарските градови и се расчистувале со куршуми. Според бројот на жртвите овие неколку години претставувале период со најмногу меѓусебни физички ликвидации во македонската историја.

На една страна се наоѓале приврзаниците на убиениот Протоѓеров кои во тие пресметки повеќе влегле изнудено и претежно се наоѓале во дефанзива, а нивниот начин на вооружено дејствување имал карактер на самоодбрана. На другата страна се наоѓале приврзаниците на Иван Михајлов, кои биле поенергични, подобро вооружени и со повеќе финансиски средства и затоа имале повеќе успех во извршените атентати.

Во меѓусебните убиства и атентати биле убиени повеќе стотина македонски дејци од сите идејни теченија во македонското националноослободително движење, со што му биле зададени големи загуби на македонското револуционерно ткиво.

Предисторија (1924 - 1928)[уреди | уреди извор]

Ванчо Михајлов
Алекасандар Протогеров и Тодор Александров

Во 1924 година генерал Александар Протогеров заедно со Петар Чаулев и Тодор Александров, учествувал во преговорите со Коминтерната во Виена. Заедно со Чаулев го потпишува мајскиот манифест за обединување на македонското револуционерно движење и создавање на една самостојна македонска држава, за што двајцата биле овластени од Александров. Три месеци потоа, заедно со Александров, го повлекол својот потпис од манифестот, за разлика од Чаулев кој застанал зад мајската платформа.

По убиството на Александров во август 1924 година, заедно со Иван Михајлов застанува на чело на ВМРО. По Горноџумајските случувања, Протоѓеров постепено го губел своето влијание во организацијата.

Годините помеѓу 1924-1928 година претставувале време кога во ЦК на ВМРО се водела борба за превласт и кога се појавил младиот и амбициозен Иван (Ванчо) Михајлов, којшто успеал да заземе доминантно место и како таков да ги постави основите на една чисто терористичка организација-ВМРО. Со доаѓањето на чело на ВМРО, Михајлов успеал да се опкружи со млади соработници, фанатици, коишто терористичкиот "занает" го научиле до совршенство.

Александар Протоѓеров

Пред ваквите амбиции на Михајлов се повлекол веќе подостарениот Александар Протоѓеров, додека третиот член на ЦК, Петар Чаулев веќе одамна ги прекинал сите контакти со ВМРО и се наоѓал во странство. Сите овие предуслови му овозможиле на новиот водач да се подготви за пресметка со сите негови евентуални соперници, кои сакале да го заземат неговото водачко место. Тоа можело да се случи само на еден начин со помош на оружје. Михајлов најпрвин се пресметал со соработниците на убиениот Тодор Александров, а започнал да го отстранува и интелектуалното крило во Организацијата.

Во почетокот на 1925 година бил свикан конгресот на ВМРО во Србиново, на кој за членови на Централниот комитет биле избрани Александар Протоѓеров, Георги Поп Христов и Иван Михајлов. Сепак Протогеров бил принуден да се повлече од активната револуционерна дејност и да го отстапи раководењето на Организцијата во рацете на Иван Михајлов. Генералот останал без средства и заминал во Виена. Тогашната унгарска влада отпуштала финансиски средства, знаејќи го ова Протогеров се поврзува со нивен полномошник. По оваа средба, Унгарците започнале да го финансираат лично Протогеров. Генералот потоа се вратил во Софија во 1926 година.

Протоѓеровисти и Михајловисти[уреди | уреди извор]

Панчо Михајлов

Самоволието на Иван Михајлов и неговата амбиција за преземање на ВМРО во свој раце довеле до подвоеност во Организација. Првите знаци на расколот се јавуваат со убиството на кочанскиот војводата Панчо Михајлов. Настаните пред убиството на Михајлов укажувале на тоа дека е можно тој и да се спаси од смртната казна.

По наредба на ЦК на ВМРО биле фатени и Панчо Михајлов и војводата Ефтим Цеков, обвинети за предавство на Организацијата, поради наводната соработка со федералистите и со Тодор Паница, при што Цеков бил затворен во една куќа во Софија, а Панчо Михајлов во куќата на Михаил Шкартов, еден од повисоките раководители во ВМРО. Истрагата од ВМРО во случајот со војводата Цеков, која се водела без физичко малтретирање, според Петар Шанданов, покажала дека тој бил виновен за работите за кои се товарел, но откако ги признал обвинувањата побарал да биде рехабилитиран, за што се обрзувал да ја изврши било која задача од страна на Организацијата. Но по инсистирање на Иван Михајлов, мнозинството на членовите на ЦК и Задграничното претставништвго, се изјасниле за изречување на смртна пресуда.

Во меѓувреме Панчо Михајлов успеал да избега од чуварите и се скрил во куќата на генералот Ќуркчиев, којшто му бил пријател од време на војната. Кога на Иван Михајлов му соопштиле за бегството, тој побарал без суд да биде погубена стражата што го чувала затвореникот. И покрај противењето на Петар Шанданов, еден од обезбедувањето, Крум Зарков бил веднаш убиен. Иван Михајлов веднаш побарал од Шанданов да влезе во контакт со кочанскиот војвода и да го изведе пред судот на Организацијата, на што Шанданов се спротивставил и барал цврсти гаранции дека Панчо Михајлов нема да биде убиен. На тоа Михајлов му одговорил дека имал сигурни сознанија дека обвинетиот се подготвувал да замине во странство и да се поврзе со федералистите во Виена. Сепак по упорното инсистирање на Шанданов за невиноста на Панчо Михајлов, Иван Михајлов ветил дека по формалното судење, кочанскиот војвода ќе бил ослободен.

Петар Шанданов

По ваквите гаранции од Иван Михајлов, Шанданов преку жената на Панчо и генералот Ќуркчиев успеал да стапи во контакт со обвинетиот од страна на ВМРО, при што од генералот постојано се нагласувало дека евентуалното убиство би предизвикало негативен ефект кај македонската емиграција, кај која Панчо Михајлов уживал голем авторитет. По сите овие разговори, Панчо Михајлов се предал на организациските власти и по судењето навистина бил ослободен, поради заслугите во минатото по однос на Македонија, при што пресудата била исклучување од редовите на ВМРО на неодредено време. По сите овие случувања Панчо Михајлов еден ден му се заблагодарил на Шанданов и му напоменал дека заради егзистенцијални причини сакал да почне со работа како сметководител во фабриката за шеќер во Горна Ораховица.

Меѓутоа набрзо на 15 јуни 1925 година во Софија бил убиен Панчо Михајлов - Чавдар. Неговото мртво тело лично го видел и Петар Шанданов, кој по настанот бил информиран од свои блиски луѓе дека убиството лично го наредил Иван Михајлов и покрај ветувањето и ослободителната пресуда.

Ова убиство уште повеќе ги продлабочило спротивностите во редовите на ВМРО и претставувало вовед во настаните што подоцна довеле до целосен раскол и крвопролевања во организациските редови. Иван Михајлов речиси сите свои изречени смртни пресуди ги оправдувал со наводната поврзаност на убиените со комунистите и федералистите, што од страна на ВМРО биле сметани за нејзини најголеми непријатели. Токму и обвинението врз Панчо Михајлов било дека сакал да побегне во Виена и да влезе во сојуз со федералистите и комунистите и Димитар Влахов.

Постепено во ВМРО се создала една групација околу Протоѓеров која била опозициски настроена кон Михајлов и неговите приврзаници. Дел од членови на Задграничното претставништво како и други дејци поврзани со Организацијата, меѓу кој Петар Шанданов и Крстан Поп Тодор, почнале да го поткрепуваат Протоѓеров.

Кирил Дрангов

Двете групации имале и различни погледи за идната дејност на Организацијата. По налог на Иван Михајлов и покрај противењето на вториот член на ЦК, Протоѓеров, ВМРО започнала радикално да го менува начинот на вооружено дејствување во Вардарска и Егејска Македонија. Додека Александар Протоѓеров се залагал да се применува четничкиот метод на борба, Михајлов целосно ги прифатил методите на класичното терористичко дејствување, за кои сметал дека ќе постигнат подобри резултати.

Во 1928 година оваа нова тактика довела до остар внатрешен конфликт, а тензиите меѓу Иван Михајлов и Александар Протогеров растеле. Во таква ситуација започнал подготовката на Седмиот конгрес во Крупник во јули 1928 година. Во оваа ситуација Михајлов и неговите приврзаници се соочиле со изолација. Постоела можност, другите двајца членови на ЦК - Протоѓеров и Георги Поп Христов, поддржани од целото ЗП во лицето на Кирил Прличев, Георги Баждаров и Наум Томалевски, да свикаат конгресот без нив.

Во оваа ситуација пред почетокот на конгресот, по наредба на Иван Михајлов, Александар Протоѓеров е убиен. На чело на акцијата е Кирил Дрангов, а како официјален мотив за убиството се истакнуваа наводното учество на генералот во убиството на Тодор Александров[1].

По атентатот врз членот на ЦК на ВМРО, Александар Протоѓеров, настанал целосен расцеп во редовите на терористичката ВМРО, придружен со големи меѓусебни вооружени пресметки помеѓу спротивставените струи, протоѓеровисти и михаиловисти. Според бројот на жртвите, помеѓу 1928 - 1934 година, претставувале период со најмногу меѓусебни физички ликвидации во македонската историја.

Кирил Прличев
Георги Поп Христов

По ликвидацијата на Протоѓеров, Георги Поп Христов и Петар Шанданов ја предводат опозицијата против Иван Михајлов. Петар Шанданов, како заменик - член на ЦК на ВМРО треба да го заземе местото на Александар Протогеров, но одбил да учествува на закажаниот конгрес. Без присуство на опозиција, Михајлов и неговите приврзаници го укине Задграничното претставништво како институцијасе случуваат состаноците на кои е решено Задграничната претседателство да отпадне како институција во ВМРО [2][3]. Набргу потоа Наум Томалевски, Кирил Прличев и Герги Баждаров преминале на страната на протоѓеровистите. Нспроти нив, приврзаниците на Иван Михајлов условно се нарекуваат михајловисти. Двете крила не ja признаваат легитимитетот на противничката страна и паралелно ја продолжуваат револуционерната дејност со свои централни комитети и печатени изданија.

За помирување на двете крила била формирана комисија во која влегле: Климент Бојаџиев, Петар Дрвингов, Христо Силjaнов, д-р Н. Стојанов, Димитар Михајлов и Владимир Руменов, но преговорите пропаднале откако михаjловисти ги обновиле убиства. Со знаење на премиерот Андреј Љапчев, Георги Поп Христов и Кирил Прличев биле киднапирани од михајловистите и принудени да се повлечат од активната дејност сред македонското ослободително движење [4] .

Физички пресметки[уреди | уреди извор]

По убиството на членот на ЦК на ВМРО, Александар Протоѓеров, покрај вербалните пресметки преку весниците, расправиите и несогласувањата меѓу двете спротивставени фракции-протоѓеровисти и михајловисти, се преселиле на улиците на бугарските градови и се расчистувале со куршуми.

Хронологија[уреди | уреди извор]

  • На 25 јули 1928 година од атентатори на ВМРО на Михајлов биле убиени протоѓеровистичките војводи Димитар Димашев и Пандо Струмички.
  • На 12 октомври 1928 година, околу 19 часот, имало голем број на луѓе пред софискиот кафе-бар "Феникс", од коишто поголем број од нив биле терористи на ВМРО од двете спротивставени страни. Протоѓеровистите Петар Трајков и Крстан Поптодоров разговарале на само на една маса, кога таму ненадејно се појавил михајловистот Асен Спасов, кој во движење почнал да пука од својот парабелум кон нив. Од истрелите Трајков и Поптодоров биле ранети, но во тој момент револверот на атентаторот се закочил и додека тој се обидувал од појасот да го извади другиот, кон него припукале противничките револвери во самоодбрана. Пукотниците ги принудиле случајните минувачи да легнат на земја или панично да бегаат по улицата. Во престрелката се вклучиле повеќе терористи, а најдебелиот крај го извлекол Асен Спасов, кој бил убиен со куршум во главата, додека шестмина луѓе биле полесно ранети, меѓу кои и турскиот воен аташе Керим беј.
  • На 21 ноември 1928 година бил убиен претседателот на охридското братство, Наум Белев, кој бил протоѓеровист по убедување. Убиството било извршено со четири револверски истрели во телото на жртвата, при што атентаторот исчезнал без трага. По неколку дена во околината на Петрич од страна на бугарската полиција бил фатен извесниот Иван Малинов, кој бил посочен од еден другар на Наум Белев, Климент Наумов, како можен убиец. Поради недостаток на доказен материјал, осомничениот бил ослободен.
  • На 30 април 1929 година во Софија бил убиен Димитар (Мито) Ѓузданов од село Сехово, Гевгелиско под обвинение од протоѓеровистичката ВМРО дека учествувал во убиството на членот на ЦК на ВМРО пред нејзиниот расцеп, Александар Протоѓеров.
  • На 26 јуни 1929 година при неуспешниот атентат врз Георги Баждаров, поранешен член на ЗП на ВМРО, протоѓеровист, биле убиени двајца невини граѓани - шивачи по професија, од Софија.
  • На 19 септември 1929 година во градот Варна бил извршен успешен атентат врз Баждаров. Убиството се случило во вечерните часови кога Баждаров излегол да се прошета низ градот заедно со неговиот пријател, Христо Поп Коцев, и да разговараат во врска со актуелните настани во македонското ослободително движење. Револверските истрели на улицата "Марија Лујза" го усмртиле Баждаров и неговиот телохранител Влкан Милев, додека Поп Коцев преживеал. ЦК на михајловистичката ВМРО го објаснувала убиството со тоа што Георги Баждаров бил обвинет од истата дека пуштил интрига за наводен обид на михајловистите да го убијат бугарскиот политичар Александар Цанков. Убиството го извршиле терористите на михајловистичката ВМРО, Борис Чавдаров и Методиј Василев.
  • Кон крајот на 1929 година протоѓеровистот Тодор Петров - Тошкарот бил убиен во својот дом, во неговиот кревет од атентатор на михајловистичката ВМРО, а на спиење, во своите кревети биле убиени и Спас Калајџиев и Христо Генов Хинов од истата фракција.
  • Во намерата да се ликвидира раководството на протоѓеровистичката ВМРО до кое било тешко да се дојде, припадниците на михајловистичката ВМРО испратиле пакет-книга на адреса на протоѓеровистот К. П. Тодоров, во која била инсталирана бомба, при што во експлозијата полесно биле повредени раководителите на протоѓеровистичкото крило, Пецо Трајков и Петар Шанданов.
  • Како чин на одмазда, атентатори од протоѓеровистичката ВМРО ги убиле михајловистите: Нанчо Витларов, еден од убијците на Протоѓеров, Пандил Шишков, кого го сметале за еден од атентаторите на Георги Баждаров и Георги Дерменџиев, обвинет за атентат врз Стојан Филипов.
  • На 4 март 1930 година бил убиен истакнатиот протоѓеровист и уредник на весникот "Вардар", Васил Пундев од страна на атентаторите Димитар Медаров и Никола Стаменов. По убиството на Пундев, за првпат Иван Михајлов бил обвинет за непосреден извршител, а директните убијци биле осудени на 15 години затвор. За бесплатна одбрана на Михајлов во Софискиот суд се пријавиле 220 адвокати од цела Бугарија, за што Михајлов со писмо на 8 декември 1930 година им се заблагодарил за нивното бесплатно застапништво.
  • На 2 декември 1930 година во Софија бил застрелан долгогодишниот член на ЗП на ВМРО, Наум Томалевски, кој по расцепот во Организацијата станал протоѓеровист. Убиството врз Наум Томалевски го извршил атентаторот Владо Черноземски.
  • На 11 јануари 1931 година бил убиен Крстан Поп Тодоров, еден од видните дејци на протоѓеровистичката ВМРО, а другиот ден во центарот на Софија бил убиен Борис Поцков.
  • На 13 јануари 1931 година во Софија биле убиени Никола Бучков и Трајко Мариовчето.
  • На 8 февруари 1931 година во Софија, среде бел ден бил застрелан еден од најблиските соработници на Иван Михајлов, Јордан Ѓурков од Штип, кој по пат кон болницата подлегнал на повредите. Тој на денот на убиството поминувал низ улицата "Пиротска" и слободно се движел, носејќи чанта во раката и воопшто не ја чувствувал опасноста, поради што и немал телохранители. Во еден момент кон него почнале да фрчат куршуми од револвер, кој го погодиле. Јордан Ѓурков ранет успеал да ја мине улицата и да влезе во еден дуќан, со што мислел дека се спасил. Но неговите атентатори влегле насила и во дуќанот и го застрелале Ѓурков со четириесет куршуми.
  • На 16 мај 1932 година бил убиен Димитар Михајлов, претседателот на Македонскиот национален комитет во Бугарија.
  • На 25 ноември 1932 година во Софија бил застрелан народниот пратеник Стојан Филипов, близок пријател до Иван Михајлов. Атентатот бил извршен од протоѓеровистот Георги Дерменџиев, при што Филипов бил тешко ранет, но бил убиен неговиот телохранител Анчо Соколов.
  • На 28 декември 1932 година бил извршен атентат врз Симеон Ефтимов, директор на весникот "Ла Маседоан" и потоа на весникот "Македонија", михајловист по убедување. Атентатот бил извршен пред самиот царски дворец во Софија и со ваквиот чин раководството на протоѓеровистичката ВМРО сакала да го опомене бугарскиот цар за отворената поддршка на Иван Михајлов, но и да создаде ефект кај македонската емиграција за нивната силина и способност за спротивставување на Михајлов и неговото ВМРО.
  • На 31 декември 1932 година Симеон Ефтимов починал од здобиените рани. Атентаторите од протоѓеровистичката ВМРО биле Христо Трајанов и Иван Василев.
  • Христо Трајанов, протоѓеровист, на 5 јануари 1933 година бил ранет донесен во Александровската болница во Софија, каде по налог на д-р Станишев, хирург, приврзаник на Михајлов, бил убиен од една "милосрдна" сестра со употреба на инјекција. Сестрата се викала Екатерина Константинова.
  • Од атентатори на михајловистичката ВМРО бил убиен и Ангел Куртелов, македонски деец од Охрид на 1 јуни 1933 година во градот Видин во Бугарија.

Растурање на ВМРО[уреди | уреди извор]

Во 1934 година, бугарската влада на Кимон Георгиев со закон го забранила постоењето на македонските емигрантски организации, меѓу нив и ВМРО. И покрај тоа што пониските структури на Организацијата очекувале од Иван Михајлов да издаде наредба за давање на отпор против таквата одлука на бугарската власт, тоа не само што не се случило, туку Михајлов наредил на мирен начин да и се предаде организационото оружје на органите на власта. Оваа одлука и можела да се очекува поради врските што Михајлов ги имал со одредени политички и воени фактори во бугарската држава. Со распушањето на Организцијата двете крила престанале да постојат и борбите моѓу нив завршиле.

Извори[уреди | уреди извор]

  1. Билярски, Цочо. „Документи за убийството на Тодор Александров през 1924 година.“
  2. „Тюлеков, Димитър,„Конгресите на ВМОРО/ВМРО в историческата съдба на Македония", МНИ“. Архивирано од изворникот на 2010-04-28. Посетено на 2011-10-02.
  3. Информация за седмия конгрес на ВМРО
  4. Спомени на Георги Поп Христов