Прејди на содржината

Спомен-дом на Разловечкото востание

Од Википедија — слободната енциклопедија
Спомен-дом на Разловечкото востание
Поглед на спомен-домот
Спомен-дом на Разловечкото востание is located in Македонија
Спомен-дом на Разловечкото востание
Местоположба во рамки на Македонија
Карта
Основан1981
МестоРазловци, Македонија Македонија
Координати41°50′37″N 22°46′04″E / 41.843602° СГШ; 22.767837° ИГД / 41.843602; 22.767837

Спомен-дом на Разловечкото востание — спомен-дом посветен на Разловечкото востание во селото Разловци. Објектот бил изграден во 1981 година и е дело на архитектот Георги Константиновски.[1]

За жал, денес, објектот кој гордо виси над околните куќи, претставува само тронка од некогашниот изглед поради забот на времето и негрижата на државните установи.[2]

Историја

[уреди | уреди извор]

Проектот за спомен-домот на Разловечкото востание е изработен од архитектот Георги Константиновски во 1973 година. Според тогашната проектна програма неговата содржина била преобемна и за негова изградба недостасувале соодветни инвестиции, така што објектот останал нереализиран. Дури по 6 години прашањето за негова изградба повторно се актуелизирало, меѓутоа со сè уште недефинирана проектна програма, а со ограничени расположливи средства. Задачата на архитектот е од тука да ја дефинира вкупната нето површина и да започне со проектирање на објектот достоен да го носи името „Спомен-дом на Разловечкото востание“.

При одбележувањето на стогодишнината од востанието во 1976 година започнал да се гради спомен-домот на културата.[1]

Во 1981 година, објектот бил македонски претставник за Борбина плакета – најпрестижната награда за архитектура во Југославија, која ја доделувал весникот „Борба“. При тоа ја освоил првата награда поради вклопување на објектот во селската архитектура.[1]

Ја воодушевува петчлената комисија и го наградува со следното образложение:

„Спомен-домот во Разловци внесува нова содржина во старата селска населба и на извесен начин претставува продолжување на умеењето на анонимниот градител. Објектот е мисловно прочистен, материјалите се сведени на својот основен израз.“

Свечено е предаден во употреба на 10 мај 1981 година.[1] Домот бил пуштен во употреба на голем народен собир од страна на Михајло Апостолски, тогашен претседател на манифестацијата „Гоцеви денови“.[2]

Денешна состојба

[уреди | уреди извор]

До објектот водат руинирани скали, на кои одвај и да останала некоја плочка. Стаклата на влезот се искршени, црни најлони поставени на фасадата како привремена заштита место прозорци, пропадната фасада и црна хартија наместо ќерамиди.[2]

Најавената реконструкција во 2015 година од страна на Националниот конзерваторски центар, кој бил надлежен за тоа, требало да се изведува во три фази и според пресметката, вкупната вредност за внатрешната и надворешната обнова изнесувала 5 милиони денари. Од тоа, досега е завршена само поткровната реконструкција со поставување на црна хартија место ќерамиди во вредност од 1 милион денари, додека најавените покривни плочки, кои ќе наликуваат на автентичните и требало да бидат нарачани од странство, на крајот никогаш не биле поставени.[2]

Архитектура

[уреди | уреди извор]
Поглед на спомен-домот

Авторот на објектот Георги Константиновски за инспирацијата за проектот вели: „При посетата на локацијата силен впечаток ми остави архитектурата на старите куќи во селото. Забележав дека тие се одликуваа, речиси без исклучок, со четириводни покриви и прилепен оџак на една од фасадите. Тоа беше основната инспирација да ги применам овие два елементи во мојот проект.“[3]

Куќите во селото Разловци се одликуваат со три карактеристични особини: квадратна основа, четириводен покрив и оџак прилепен на фасадата. Архитектот одлучува со овие три одлики да го обликува новиот објект за да остава впечаток дека природно изникнува во дадениот амбиент. Добиената нето површина диктира квадратна основа со страни 20х20m. За да се реши проблемот со осветлувањето, четириаголната основа ја засекува по дијагонала до центарот на објектот и од него го спушта засекот нормално кон едната страна на фасадата. Со засекувањето на објектот се создава внатрешен двор. Во центарот на отворениот двор го поставува оџакот чиешто ложиште го ориентира двострано: кон дворот за палење на пионерскиот оган и во внатрешноста на библиотеката. Го применува четириводниот покрив и на највисоката точка каде што се судираат неговите површини го издигнува оџакот повисоко и со тоа дава експресионистички акцент на целокупната композиција.

Пристапот до објектот го решава со широки скали кои го водат посетителот до едно подигнато плато. Патувањето по скалите постојано ја менува силуетата на објектот. Откако посетителот ќе се најде на платото, го пречекува тесен премин. Се упатува кон него и по неговото напуштање настанува просторна експлозија. Денивелиран двор, камин, цвеќарник, ѕид со мозаик и мотив од востанието, стакло и проѕирност во внатрешните содржини, вознес на архитектонските волумени, колорит со симболички значења: црвен и бел, белата бојаво внатрешниот двор топло ве поканува, црвената од надворешната страна ве наведува на сеќавања на крвта што востаниците ја пролеале за слободата на својата земја.

Кога човек од тука ќе се упати на првиот кат тој треба да помине преку тесни и извиткани скали со цел откако ќе пристапи во отворениот простор на големата повеќенаменска сала да настане повторна многу посилна просторна експлозија и да го доживее најсвечениот момент во овој мал и скромен објект: пирамидален плафон претставен со мотив од народниот вез и слободни погледи кон селскиот амбиент.

Поставки

[уреди | уреди извор]

Во домот е сместена библиотеката, постојаната историска изложба, како и ликовна изложба од ликовната колонија одржана во Разловци по повод стогодишнината од востанието.[1]

Со отворањето на библиотеката, Разловци станало првата селска населба во Општина Делчево, кое добило своја библиотека. Историскиот музеј на Македонија му подарил на домот постојана изложба посветена на Разловечкото востание.[2]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Илиевска-Арсова, Весна (2011). „Пијанец-Малеш, изобилство од сонце и насмевки!“ (PDF). Штип: Центар за развој на Источен плански регион. стр. 54-55. Посетено на 15 јуни 2018.[мртва врска]
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Такева, Даниела (15 април 2018). „Жална слика на уникатна архитектура“. Македонска информативна агенција. Посетено на 15 јуни 2018.[мртва врска]
  3. „Спомен Дом на Разловечкото Востание“. МАРХ. Посетено на 24 мај 2017.

Користена литература

[уреди | уреди извор]
  • Константиновски, Г, (2015), „Патот на еден архитект“, Култура, Скопје, стр. 94.