Лесновска Купа

Координати: 42°0′55″N 22°13′50″E / 42.01528° СГШ; 22.23056° ИГД / 42.01528; 22.23056
Од Википедија — слободната енциклопедија
Селото Лесново, по кое купата го добила своето име, лежи во кратерот на нејзиниот врв.

Лесновска Купапалеовулканска купа во западниот дел на Осоговските Планини, меѓу градот Пробиштип и селото Злетово. Тоа е една од најдобро сочуваните палеовулкански купи во Кратовско-злетовската палеовулканска област и воопшто во Македонија. Купата е наречена по селото Лесново, коешто е сместено во кратерот на нејзиниот врв, познат и како „Лесновски Кратер“. Селото претставува единствената населба во Македонија којашто лежи во јасно сочуван фосилен вулкански кратер. Српскиот географ Јован Цвииќ Лесновскиот Кратер го споредил со кратерот Вале дел Бове на вулканот Етна.[1] Со оглед на тоа што е еден од најсочуваните и најкарактеристични кратери во Македонија, Лесновскиот Кратер е прогласен за споменик на природата и се наоѓа на списокот на геолошките реткости на Заводот за заштита на природните реткости.[2]

Географија[уреди | уреди извор]

Лесновската Купа зафаќа површина од 12 км2, а нејзиниот пречник е со големина од 4 км. Таа има стрмни страни и над околниот релјеф се издига за 400 м. Купата морфолошки особено јасно е изразена од јужната и југозападната страна. Од источната страна е пресечена со долината на Злетовска Река, додека од западната страна со долината на Добревска Река. Врвот на купата претставува добро сочувана калдера (еродиран кратер), чиј пречник изнесува 1,5 км, а длабочината во средишниот дел е од 150-200 м. Околу средишниот дел на калдерата прстенето се распоредени 7-8 купести возвишенија, вулкански некови (чуки). Тие се: Сморинец, Егуменички Рид, Варадинова (Ѕанева) Чука, Нушева Чука, Света Троица, Коларско, Свети Атанас, Штрби Камен, Мали Врв и Илински Врв, а јужно од нив и возвишенијата Волујак и Драч.[3] Од нив, највпечатлив е северниот нек наречен Илин Крст (1.127 м), кој веројатно бил главен вулкански центар и од каде што избивало најголемо количество на лава и вулканокластичен материјал. На јужната и источната страна од купата се јавуваат уште три изразени нека: Гумички Рид (1.048 м), Нушева Чука или Горно Брдо (1.025 м) и Света Троица (1.012 м).[4] Низ средишниот дел на кратерот, во правец североисток-југозапад, тече малата Лесновска Река, која ја пресекува западната рамка на кратерот. На местото на пресекот, долината на реката е стрмна и со голем број на пештери) по страните. Вдлабнатините и дупките во карпите во најголем дел не се природни, туку веројатно се последица на вадењето на цврст вулкански камен за производство на воденички камења.[1]

Геоморфологија[уреди | уреди извор]

Лесновската Купа претставува остаток од олигоценска вулканска активност во овој дел на Кратовско-злетовската палеовулканска област. Во активниот период, пред околу 25-30 милиони години, купата била многу повисока, а кратерот со поинаков изглед. Вулканот на овој простор се одликувал со силни, експлозивни ерупции, проследени со исфрлање на големо количество на пепел, гасови и густа, тестеста лава. Поради тоа, во околината се среќаваат значителни наслаги на туфови, траги од течење на лава, а има и појави на вулкански бомби. Долготрајната ерозија по завршувањето на активниот вулкански период условила снижување, засекување и засипување на оваа појава, која и покрај толку милиони години денес е релативно добро сочувана. Вулканските карпи на овој простор, односно дацитските игнимбрити се изложени на ерозивни процеси, при што во релјефот се создаваат бројни мали денудациони форми (остенци, чашки, стапалки и др.).[5]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 М., И.. „Лесново и Лесновскиот кратер-природна и духовна убавина!“, Игеографија, 4 јануари 2012.
  2. Споменичко наследство — Споменици и спомен обележја, официјално мрежно место на Општина Пробиштип.
  3. К., С.. „Лесново, село со илјадагодишна историја: Камените тркала на мајсторот Никола во Лесновскиот Кратер[мртва врска]“, Дневник, 13 октомври 2013.
  4. Милевски, И. (2011). „Значајни геоморфолошки локалитети на Осоговскиот планински масив“ (PDF). Скопје: Билтен за Физичка географија (7-8). стр. 29–44.
  5. Милевски, И. (2005). „Палеовулкански релјеф во западниот дел на Осоговскиот масив“. Географски разгледи. Скопје. 40: 47–67.

42°0′55″N 22°13′50″E / 42.01528° СГШ; 22.23056° ИГД / 42.01528; 22.23056