Атанас Мучев

Од Википедија — слободната енциклопедија
Атанас Мучев
Атанас Мучев пред своја слика, 1946
Роден(а)10 мај 1917
Иловица
Починал(а)4 јули 1962(1962-07-04) (возр. 45)
Струмица

Атанас Мучев (10 мај 1917 – 4 јули 1962) — македонски сликар.

Животопис[уреди | уреди извор]

Атанас Мучев е роден во село Иловица, Струмичко, од татко Гоце и мајка Ружа. Потекнува од трговско семејство, кое живеело во село Морарци, Кукушко. Селото било запалено во јули 1913 година, а имотот присвоен од Грците. Фамилијата се иселува во Дупница. По краткиот престој тие се преселуваат во Иловица – Струмичко. Рано останал без родители, на една година ја губи мајката, а на шест години и таткото. За него се грижат четирите сестри: Звезда, Ленка, Стојна и Слава. Во родното село Иловица, го завршува основното образование. Неговиот учител Беќир Томовиќ го засакал заради неговиот талент за цртање и подоцна му овозможува да го продолжи школувањето во Штип. За завршено четврто одделение оценет е со многу добар успех.

Атанас Мучев (6-ти од лево) со група ученици на изложбата организирана по повод Видовден во Штип, 1940.

Во Штип се запушува во „Државната реална гимназија“, што ја завршил во 1933-1934 година со одличен успех. Се запознава со фамилијата на Љупчо Донски. Во штипската гимназија цртање предавал Богдан Бакиќ – академски сликар од Ваљево, кој ќе одигра пресудна улога за сликарската и педагошката определба на Атанас Мучев. Во 1934-1935 се запишува на Кралската уметничка школа во Белград, што ја завршува 1937-1938 година. Условите во кои се школувал биле многу тешки и често го доведувале во состојба на очај. Се занимавал со разни тешки работи, меѓу другото растовара јаглен на железничката станица итн. Станува симпатизер, а подоцна и член на Комунистичката партија. Доаѓал неколку пати во Струмица за да ги избегне прогоните на полицијата.

Есента 1939 е назначен за хонорарен наставник во штипската Државна реална гимназија, со решение на Просветното одделение при Кралската банска управа на Вардарска бановина, каде останува до 30.10.1940 година, кога оди во војска. Воениот рок го служи во Шабац до 06.04.1941 година каде го затекнува почетокот на војната. Бил кратко време заробеник од 06.04 до 01.05.1941 година.

Потоа, се вратил во Струмица. Со општа наредба на Министерството за народна просвета на Бугарија, е назначен за наставник во штипската гимназија, каде работел од 01.05.1941 до 09.09.1944 година. Станал и активен член на КПЈ. Од 1959 работел во основното училиште „Сандо Масев“ во Струмица до неговата смрт на 4 јули 1962 година.