Цевконосни

Од Википедија — слободната енциклопедија
Цевконосни
Период: еоцен - денес
Албатрос скитник Diomedea exulans
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Птици
Инфракласа: Нововилични
Надред: Neoaves
Ред: Procellariiformes
Fürbringer, 1888[1]
Фаммилии

Procellariidae
Diomedeidae
Hydrobatidae
Pelecanoididae

Цевконосните или бурницовидни птици го образуваат редот Procellariiformes, чии претставници се морски видови како што се албатросите, процелариидите, бурниците и нуркачките бурници. Сите тие се речиси исклучиво пелагијални форми (се исхрануваат на отворениот океан). Имаат космополитско распространување долж светските океани, најмногу околу Нов Зеланд. Треба да се напомене дека името ,,цевконосни‘‘ потекнува од поранешното име на овој ред — Tubinares, но тоа сè уште се користи во македонската и светска научна литература.

Цевконосните птици се колонијални, најчесто гнездат на напуштени острови на кои нема грабежливци. Поголемите видови гнездат на површината, додека повеќето помали видови гнездат во природни празнини и дупки. Се одликуваат со силна филопатрија, при што се враќаат во нивната родна колонија за да се размножуваат и се враќаат на истото место на гнездење по многу години. Цевконосните се моногамни и образуваат долготрајни врски кои се формираат во текот на неколку години и можат да траат доживотно. Положуваат само едно јајце и обично има само еден обид за гнездење во текот на годината, иако поголемите албатроси можат да гнездат еднаш на секои две години. И двата родитела учествуваат во инкубацијата и одгледувањето на младите. Инкубациското време е долго во споредба со другите птици, како и периодите кога птиците се учат да летаат. Откако младата птица за првпат ќе полета, за неа понатаму не се грижат родителите.

Цевконосните биле важна храна за многу луѓе, а денес продолжуваат да се ловат како такви во некои делови од светот. Тие се среќаваат и како културни обележја, особено албатросите. Цевконосните се едни од најзагрозените птичји таксони , при што многу видови се под закана од истребување како резултат на наметнати грабежливци во нивните гнездови колонии, загадувањето на морињата и опасноста од незаконски риболов. Луѓето од целиот свет работат за намалување на заканите на кои се изложени овие птици, а овие напори доведоа до потпишувањето на Договорот за зачувување на албатросите и процелариидите, легално-обврзувачки договор потпишан во 2001 година.

Малку познатата новозеландска бурница била сметана за истребена 150 години пред да биде откриена во 2003 година

Потекло на поимот[уреди | уреди извор]

Името Procellariiformes доаѓа од латинскиот збор procella што значи силен ветер или бура и iformes што се додава за да симболизира ред. Така, на членовите на овој ред им годи бура и ветровито време.[2]

Општи одлики[уреди | уреди извор]

Сите имаат необично обликуван клун составен од повеќе тесни надолжни рожнати делови. Завршетокот на носот кој се наоѓа на клунот е во вид на две цевчиња кои служат за излачување на сол од морската вода што ја земаат заедно со храната. Освен тоа, некои видови можат низ тие цевчиња да излачат маслена течност со непријатен мирис и да го испрскаат непријателот, што го збунува и го одвлекува од нападот доволно долго за птицата да се скрие. Со оваа тактика често се служат младите додека се сè уште беспомошни во гнездото.

Карактеристичен е краток врат, кратка опашка и кратки нозе. Предните три прсти се меѓусебно споени со пливачки кожички. Многу видови од овој ред поседуваат, освен тоа, долги и тесни крила. Меѓу најпознатите припаѓа секако албатросот скитник кој со својот распон на крилата од преку три метри има најголем распон на крила од сите морски птици.

Цевконосните птици се извонредно прилагодени на долготраен лет. Тие можат да прелетаат многу големи растојанија, а можат и да поднесат многу силни бури. Големите видови (албатросите, на пример) претежно едрат и притоа ги користат нагорните воздушни струи над брановите. Нуркачките бурници при летот користат наизменично треперење и едрење.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. * Brands, Sheila (August 14, 2008). „Systema Naturae 2000 / Classification - Parker (1982)“. Project: The Taxonomicon. Архивирано од изворникот на 2010-06-14. Посетено на 12 February 2009.
  2. * Gotch, A. F. (1995) [1979]. „Albatrosses, Fulmars, Shearwaters, and Petrels“. Latin Names Explained. A Guide to the Scientific Classifications of Reptiles, Birds & Mammals. New York, NY: Facts on File. стр. 190. ISBN 0 8160 3377 3.