Фонд за население на Обединетите нации

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) започна со работа во 1969 година како Фонд за активностите на населението на Обединетите нации чиешто име беше променето во 1987 година под раководство на Фондот за развој на Обединетите нации. Во 1971 година, УНФПА беше ставен под надлежност на Генералното собрание на Обединетите нации.

Програмите за поддршка на УНФПА се присутни во повеќе од 150 земји, територии и области, односно се распространети на четири географски региони: арапските држави и Европа, Азија и Пацификот, Латинска Америка и Карибите и супсахарска Африка. Околу три четвртини од персоналот работат на терен.

Дел од работењето на УНФПА вклучува обезбедување добра и давање услуги за репродуктивното здравје. УНФПА исто така го поттикнува учеството на младите луѓе и на жените да помогнат во обновување на нивните општества каде што репродуктивното здравје е на ниско ниво, и коешто е присутно во областите како што се превенција од сексуално преносливите болести, вклучувајќи ја и ХИВ/СИДАТА.

Улога[уреди]

Утврдената мисија на УНФПА е да го промовира правото на секоја жена, маж, дете да ужива здрав живот и еднакви можности. УНФПА ги поддржува земјите во користењето на податоци за населението за политики и програми за намалување на сиромаштијата и за да се обезбеди дека секоја бременост е посакувана, секое раѓање е безбедно, секое младо лице е незаболено од ХИВ/СИДА и секоја девојка е третирана со достоинство и почит.

Главни цели на агенцијата се:

  • универзален пристап до услугите за репродуктивно здравје до 2015 година,
  • универзално основно образование и надминување на половиот јаз во образованието до 2015 година,
  • намалување на смртноста на родилките за 75% до 2015 година,
  • намалување на смртноста на новороденчињата,
  • зголемување на животниот век,
  • намалување на стапката на ХИВ-инфекции.

Раководство[уреди]

Извршни директори и заменик-генерален секретар на ОН: Од 2000 година до денес, г-ѓа Тораја Ахмед Обаид од Саудиска Арабија. Од 1987 година до 2000 година Др. Нафис Садик од Пакистан. Од 1969 година до 1987 година г-дин Рафаел М. Салас од Филипините.

Области на работење[уреди]

УНФПА е најголемиот светски мултилатерален извор на финансирање на населението и на програмите за репродуктивно здравје. Фондот работи со Влади и со невладини организации во преку 150 земји со поддршка на меѓународната заедница, и ги поддржува програмите коишто им помагаат на жените, на мажите и на младите луѓе:

  • да го планираат своето семејство и да ја избегнат несаканата бременост,
  • да имаат посакувана бременост и породување,
  • да го избегнат ширењето сексуално преносливи инфекции,
  • да се намали насилството врз жените,
  • да се зголеми еднаквоста на жените.

Според УНФПА овие елементи го промовираат правото на репродуктивно здравје, односно физичкото, менталното и социјалното здравје во прашања поврзани со размножувањето и репродуктивниот систем.

Фондот ја подигнува свеста за овие потреби насекаде низ светот, се залага за тоа да се обрнува големо внимание на проблемите поврзани со населението и им помага на сиромашните земји во креирањето политики и стратегии за поддршка на одржливиот развој. Од 2001 година, УНФПА го предводи Тораја Ахмед Обаид. Исто така Фондот го претставуваат и амбасадорите на добра волја на УНФПА.

Програма за акција[уреди]

УНФПА работи според Програмата за акција којашто е усвоена од страна на 179 Влади, на Меѓународната конференција за население и развој во 1994 година. На конференцијата сите се согласија дека задоволувањето на потребите на луѓето во поглед на образованието и здравјето, вклучувајќи го и репродуктивното здравје е предуслов за одржлив развој.

Главни цели на Програмата за акција се:

  • универзален пристап до услугите за репродуктивно здравје до 2015 година,
  • универзално основно образование и надминување на половиот јаз во образованието до 2015 година,
  • намалување на смртноста на родилките за 75% до 2015 година,
  • намалување на смртноста на новороденчињата,
  • зголемување на животниот век.

Во 1999 година, овие цели беа подобрени. Една од најважните дополнителни цели се однесува на ХИВ:

  • стапката на ХИВ-инфекции кај лицата на возраст од 15 до 24 години треба да се намали за 25% во земјите коишто се најмногу погодени до 2005 година, и за 25% на глобално ниво до 2010 година.

Приод кон здравствената заштита[уреди]

Фондот промовира холистичен приод кон грижата за репродуктивното здравје којшто вклучува пристап до многубројни контрацептивни методи коишто се безбедни и достапни како и пристап до советување во однос на деликатни теми како што се: пренаталната нега, кој може да присуствува на пораѓајот, итната акушерска нега, постнаталната нега и превенцијата на сексуално преносливи инфекции со промовирање на побезбедно сексуално однесување.

УНФПА има намера да ги подобри животите на поединците и на двојките и да им даде повеќе избори затоа што според УНФПА со време, репродуктивните избори коишто сè повеќе се застапени во заедниците и земјите, влијаат врз составот и трендовите на населението.

Агенцијата работи во насока на подобрување на репродуктивното здравје, побезбедно мајчинство, поддржување на адолесцентите и на младите, превенција од ХИВ и СИДА, промовирање на родова еднаквост, заштита на човековите права и обезбедување средства за репродуктивното здравје. Притоа тие имаат чувствителен културен приод. Земјите коишто се во развој добиваат помош од Агенцијата којашто е во согласност со нивните приоритети за развој.

Програми на УНФПА[уреди]

Остварување на развојните цели[уреди]

УНФПА работи во партнерство со Влади како и со други агенции и граѓански општества нашироко за да постигне напредок во својата мисија. Постојат две рамки коишто служат за насочување на своите напори: Програмата за акција којашто е усвоена на Меѓународната конференција за население и развој и Милениумските развојни цели кон коишто по шест години се обврза меѓународната развојна заедница. Бидејќи датумите за постигнување на овие цели и намери коишто се меѓусебно поврзани наближуваат, направено е доста во поглед на анализирањето на она што функционира, како и поттикнување на поддршката и удвојување на напорите.

Три клучни области на интерес[уреди]

Трите суштински области кон коишто е насочено работењето на УНФПА, репродуктивното здравје, родовата еднаквост и стратегии за население и развој, се нераскинливо поврзани. Популационата динамика, во којашто спаѓаат стапките на пораст на населението, старосната структура, плодноста и смртноста, миграцијата итн., влијаат врз секој аспект на човековиот, социјалниот и економскиот развој. Репродуктивното здравје и еманципацијата на жените силно влијаат врз популационите трендови и обратно.

Стратегии за население и развој[уреди]

Фактот дека светското население се движи кон бројката од 7 милијарди луѓе (бројка којашто во 1950 година изнесуваше 2.5 милијарди), пришто се очекува целокупниот пораст на населението да се случи во градовите на помалку развиените земји, има сериозни последици за развојниот процес. Владите треба да бидат способни да соберат соодветни информации за популационата динамика и трендовите за да создадат и водат стабилни политики и за да создадат политичка волја за соодветно задоволување како на тековните така и на идните потреби. УНФПА им помага на земјите во оваа задача од секој аспект, од развивање на способност за прибирање податоци и анализирање, до учествување во националниот, регионалниот и глобалниот политички дијалог. Помеѓу клучните области на интерес спаѓаат и миграцијата, стареењето на населението, климатските промени и урбанизацијата.

Сексуално и репродуктивно здравје[уреди]

Работејќи со голем број на партнери УНФПА им помага на Владите да обезбедат грижа за сексуалното и репродуктивното здравје на жените, во текот на нивниот животен циклус. Помеѓу областите во коишто се дава помош спаѓаат:

  • планирање семејство,
  • пренатална нега, безбедно породување и постнатална нега,
  • спречување и соодветно лекување на неплодноста,
  • превенција од абортусот и справување со последиците настанати од него,
  • лекување инфекции на репродуктивниот тракт,
  • превенција, нега и лекување на сексуално преносливите болести, помеѓу коишто спаѓа и ХИВ,
  • соодветно информирање, образување и советување за човековата сексуалност и репродуктивното здравје,
  • спречување на насилството врз жените, грижа за преживеаните жртви на насилство како и други активности за елиминирање на традиционалните штетни практики,
  • соодветни упатувања за дополнителна дијагноза и справување со горенаведеното.

Подобрување на здравјето на мајките, е петтата цел од Милиниумските развојни цели (МРЦ5), и претставува клучен приоритет за УНФПА но, исто така и цел којашто најмногу заостанува зад другите. Тематскиот фонд наменет за здравјето на мајките, Кампањата за крај на фистулата и многубројните партнерства спаѓаат помеѓу клучните иницијативи во оваа област. Фактот дека универзалниот пристап до репродуктивното здравје беше додаден помеѓу МРЦ во 2005 година од страна на меѓународната заедница ја истакнува неговата важност.

Пристапот до здравствена заштита на репродуктивното здравје исто така го бара она што УНФПА го нарекува безбедност на производите за репродуктивно здравје, односно способноста сите поединци да набават и да користат достапни, квалитетни производи за репродуктивно здравје, по сопствен избор и кога и да им се потребни. Ова е целта на Глобалната програма за средства за заштита на репродуктивното здравје, којашто ја предводи УНФПА.

Родова еднаквост и еманципација на жените[уреди]

Важноста на родовата еднаквост и еманципацијата на жените за развојниот напредок е нагласена со фактот дека тие се дел од осумте Милениумски развојни цели. Покрај тоа што родовата еднаквост и самата е една од целите, таа исто така е двигател на сите останати МРЦ и е тесно и експлицитно поврзана со целите за подобрување на здравјето на мајките (родилки) и новороденчињата како и со целите за намалување на ширењето на ХИВ.

Родовата рамка на УНФПА опфаќа четири стратегии коишто се однесуваат на критични фактори кои ги нагласуваат нееднаквостите и прекршувањата на правата на: образование на девојчињата, економско еманципирање и политичко учество на жените и балансирање на репродуктивните и продуктивните улоги.

Фондот го свртува вниманието кон родовите прашања и промовира правни и политички реформи и прибирање родово-чувствителни податоци. Фондот работи на тоа да се стави крај на насилството базирано на родот, вклучувајќи традиционални практики коишто ги повредуваат жените, како што се бракови коишто се склучуваат помеѓу деца и осакатување на женските гениталии/ обрежување. Исто така, Фондот ја подигнува свеста за специфичните сили, слабости и потреби на жените во однос на многубројни прашања, како што се критичните хуманитарни ситуации, климатските проблеми и миграцијата. УНФПА исто така ги признава правата, перспективите и влијанието на мажите и момчињата, и се обидува да ги вклучи во напорите за промовирање родова еднаквост и подобрување на репродуктивното здравје.

Прашања од заеднички интерес[уреди]

Суштина на сите програми на УНФПА се промовирањето и заштитата на основните човекови права, вклучувајќи ги и репродуктивните права. Тоа е една од причините зашто приоритет на Фондот е да се допре до оние коишто имаат најголема потреба, дали поради сиромаштија, маргинализација, неприлики, возраст, пол, етничко малцинство или здравствен статус.

Културно чувствителни приоди базирани на човековите права[уреди]

Силното нагласување на човековите права, вклучувајќи ги и репродуктивните права на жените и мажите ја поткрепува работата и начинот на работење на УНФПА.

Промовирањето и заштитата на овие права налага значителен културен тек, затоа што УНФПА дејствува во некои од најчувствителните и најинтимни сфери на човековото постоење, вклучувајќи ја сексуалноста, односите помеѓу родовите и прашањата поврзани со населението. Од 2002 година, УНФПА става акцент на интегрирањето на културно- чувствителните приоди во своите програми. За таа цела, Фондот тесно соработува во рамките на заедниците со локалните агенти на промени, вклучувајќи ги верските лидери и организациите засновани на вера.

Поддржување на адолесцентите и младите[уреди]

Повеќе од една четвртина од светското население, односно околу 1,8 милијарда луѓе, се на возраст помеѓу 10 и 24 години. УНФПА ги промовира и штити правата на оваа важна генерација на млади луѓе и се залага за свет во којшто девојчињата и момчињата ќе имаат оптимални можности да го развијат својот целосен потенцијал, слободно да се изразуваат и свет во којшто нивните погледи ќе се почитуваат и во кој ќе нема сиромаштија, дискриминација и насилство.

„Четирите клуча“ на УНФПА за отворање на можностите за младите луѓе опфаќаат вклучување на прашањата поврзани со младите во националните стратегии за развој и намалување на сиромаштијата, овозможување поголем пристап до родово-чувствителното образование во поглед на сексуалното и репродуктивното здравје коешто го поттикнува развојот на животните вештини, потоа промовирање неопходен пакет којшто нуди услуги и производи за здравствена заштита на младите луѓе и поттикнување на водството и учеството на младите.

Справување со епидемијата на СИДА[уреди]

Задачата на УНФПА да ја намали сиромаштијата, да ја елиминира родовата нееднаквост и да обезбеди универзален пристап до сексуалното и репродуктивното здравје го оформува придонесот на Фондот во глобалниот одговор на СИДАТА.

Како коспонзор на УНАИДС и според поделбата на надлежностите на УНАИДС, УНФПА го насочува својот одговор кон превенција од ХИВ помеѓу младите луѓе, жените и маргинализираните групи како и во контекст на проституцијата. Фондот ги поддржува сеопфатните програми за машки и женски кондоми и се залага за поврзување и интегрирање на сексуалното и репродуктивното здравје и ХИВ политиките, програмите и услугите. УНФПА има за цел да се осигура дека планирањето семејство и здравствените услуги за мајките ги задоволуваат потребите на жените коишто живеат со ХИВ. Тука спаѓаат интервенциите за спречување на пренесувањето на ХИВ/СИДА од мајката на детето и поддршката за доверливо и доброволно ХИВ-тестирање и советување.

Исто така, УНФПА дејствува во многу насоки, вклучувајќи ги хуманитарните и постконфликтните ситуаци, во насока на елминирање на насилството базирано на родот и превенција од ХИВ.

Помош во неприлика[уреди]

Во време на превирања, се зголемува бројот на смртни случаи поврзани со бременоста и расте сексуалното насилство. Честопати, здравствените услуги поврзани со репродуктивното здравје и акушерските услуги се недостапни. Младите луѓе се сè поизложени на ХИВ-инфекција и на сексуално експлоатирање. Во рамките на координираниот меѓуагенциски одговор на катастрофите, УНФПА дејствува брзо во случај на несреќа. Фондот го предводи обезбедувањето средства и давањето услуги за заштита на репродуктивното здравје, со посебен акцент на ранливите жени и на младите луѓе со посебни потреби.

УНФПА поддржува разни активности за прибирање податоци како и пописи за да обезбеди детални информации за планирање и за брза проценка на здравјето за да обезбеди соодветна, ефективна и ефикасна помош. Исто така, Фондот им помага на погодените заедници да ја надминат акутната криза и да влезат во фазата на реконструкција.

Како работи УНФПА[уреди]

Фондот за да ја подигне свеста и за да добие поддршка и средства коишто му се потребни за да ја оствари својата мисија, работи во партнерство со Влади, со други агенции на ОН, со заедници, невладини организации, фондации и со приватниот сектор. Фондот е целосно посветен на еден поефективен, покохерентен и подобро координиран систем на ОН којшто работи како еден и којшто е суштината на тековниот процес на реформи на ОН.

Од 2007 година, УНФПА ги децентрализираше своите активности за да стане теренски поконцентриран, поефикасен, стратешки партнер на земјите на коишто им служи. За таа цел, Фондот има основано пет регионални и шест субрегионални канцеларии на терен коишто помагаат да се координира работата во околу 150 земји, области и територии преку мрежа на канцеларии во 129 земји.

Во 2009 година, приходот на УНФПА изнесуваше 783.1 милион долари вклучувајќи ги и 496.4 милиони долари од доброволни прилози од страна на Влади и приватни донатори.

Кампања за крај на фистулата[уреди]

  • Оваа глобална кампања предводена од страна на УНФПА дејствува во насока на превенција на ректовагиналната фистула, деструктивна повреда при пораѓајот којшто доведува да општествена изолација, потоа лекување на жените коишто живеаат со оваа болест и им помага на оние коишто се лекувани да се вратат во своите заедници. Кампањата работи во повеќе од 40 земји во Африка, арапските држави и Јужна Азија.

Крај на осакатувањето на женските гениталии/ обрежување[уреди]

  • УНФПА долго време работи на тоа да се стави крај на практиката на осакатувањето на женските гениталии/ обрежување (познато и како женско обрежување), односно делумно или целосно отстранување на надворешните женски органи поради културни или други немедицински причини. Оваа практика, од којашто се погодени 100-140 милиони жени и девојчиња низ светот, го прекршува нивното право на здравствен и телесен интегритет. Во 2007 година, УНФПА во партнерство со УНИЦЕФ отпочна програма во вредност од 44 милиони долари чијашто цел е намалување на оваа практитка за 40% во 16 земји до 2015 година и да ѝ се стави крај во рамките на една генерација. Неодамна, УНФПА го спонзорираше Глобалното техничко советување, за што се собраа експерти од целиот свет за да разгледаат стратегии како да ги убедат заедниците да ја прекинат оваа практика.

Сенегал[уреди]

  • Успешна програма на УНФПА којшто спроведе три специфични проекти за намалување на смртноста кај мајките и којашто беше насочена кон изградба, реновирање и опремување на здравствените центри и породилните одделенија во руралните области.

Односи со Владата на Соединетите Држави[уреди]

Фондот за население на Обединетите нации е обвинет од страна на различни групи дека ги поддржува владините програми коишто промовираат присилни абортуси и стерилизација. Расправиите во однос на овие тврдења понекогаш доведуваа до нестабилни односи помеѓу организацијата и Владата на Соединетите Држави и тоа за време на претседателствувањето на тројца претседатели, а тоа се Роналд Реган, Џорџ Х. Буш и Џорџ В.Џ Буш, коишто го прекинаа финансирањето на УНФПА.

Во периодот од средината до доцните ’90-ти, УНФПА му даваше помош на Перу за програмата за контрола на населението. Кога се дозна дека програмата на Перу е вмешана во спроведување присилна стерилизација, УНФПА побара реформи и протоколи за да се заштитат правата на жените коишто бараат помош. Фондот за население на Обединетите нации не беше директно вклучен во скандалот, но откако злоупотребувањата излегоа на виделина, Фондот продолжи со програмата за планирање семејство за да стави крај на злоупотребувањата и за да ги измени законите и практиките.

Од 2002 година до 2008 година, Владата на Буш го одби финансирањето на УНФПА коешто веќе беше доделено од страна на Конгресот на Соединетите Држави, делумно заради тоа што УНФПА ја поддржуваше владината програма на Кина којашто опфаќаше присилни абортуси и стерилизација. Во едно писмо од Државниот потсекретар за политички прашања, Николас Брнс коешто беше упатено до Конгресот, администрацијата се изјасни дека утврдила дека поддршката на УНФПА на програмата за население на Кина ја „помага програмата за присилен абортус на (нејзината) Влада“ со што го прекршува амандманот Кемп-Кестен којшто го забранува помагањето на Соединетите Држави на организации коишто го поддржуваат или пак учествуваат во управувањето програма на присилен абортус и стерилизација.

УНФПА вели дека не ги поддржува услугите за абортус. Во статутот на УНФПА постои цврст став којшто ја осудува принудата.

Испратени беа разни тимови од Соединетите Држави, Обединетото Кралство и ОН да ги испитаат активностите на УНФПА во Кина и истрагите коишто тие ги спроведоа, ја оспорија поврзаноста на УНФПА со Владата на Кина којашто спроведувала присилни абортуси. Посебно беше испратен истражувачки тим од Државниот секретаријат на САД којшто беше составен од три члена, на три-неделна тура низ Кина. Во извештајот до Државниот секретаријат на САД стоеше дека не нашле ниту еден доказ дека УНФПА ја поддржува или учествува во управувањето со програмата за присилен абортус или стерилизација во Кина, како што обвинуваат критичарите.

Сепак, според тогашниот Државен секретар Колин Пауел, Фондот за население на Обединетите нации на Кинезите им донирал возила и комјутери за да ги спроведуваат своите политики за контрола на населението. Републиканскиот конгресмен од Њу Џерси, Кристофер Х. Смит ја критикува истрагата на Државниот секретаријат велејќи дека на претставниците на истражувачкиот тим им биле покажани „Потемпкинови села“ чиишто жители биле заплашени да лажат за програмата за планирање семејство. Д-ка Нафис Садик, поранешна директорка на УНФПА, рече дека нејзината агенција била главна во менувањето на методите за принудна контрола на населението во Кина, но еден извештај од 2005 година од страна на „Амнести интернешнл“ (Меѓународна амнестија) и еден друг извештај од Државниот секретаријат на САД, открија дека Кинезите сè уште редовно ги применуваат принудните техники со што се доведуваат во прашање изјавите на Садик.

Една студија од 2001 година, направена од страна на Институтот за истражување на населението (ПРИ) којшто е против абортусот тврди дека УНФПА дели канцеларија со кинеските службеници за планирање семејство коишто вршеле присилни абортуси. – Ние ги пронајдовме канцелариите за планирање семјество и во нив ја пронајдовме и канцеларијата на УНФПА и тамошните службениците за планирање семејство ни потврдија дека нема разлика помеѓу она што го прави УНФПА и она што го прави Кинеската канцеларијата за планирање семејство.- рече Скот Ваинберг, гласноговорник на ПРИ.

Претседателот Буш одби да го финансира УНФПА. За време на неговото претседателствување, извршната власт блокираше вкупно 224 милиони долари од финансиските средства одобрени од Конресот.

Како одговор на тоа, ЕУ одлучи да ја пополни празнината којашто ја оставија Соединетите Држави според извештајот на Снадбак. Според својот Годишен извештај за 2008 година, УНФПА главно бил финансиран од страна на Европски влади: од вкупниот приход којшто изнесувал 45,3 милиони долари, 118 милиони долари ги донирала Холандија, 67 милиони долари Шведска, 62 милиони долари Норвешка, 54 милиони долари Данска, 53 милиони долари Обединетото Кралство, 52 милиони долари Шпанија и 19 милиони долари донирал Луксембург. Европската комисија донирала дополнителни 36 милиони долари. Најзначајната земја-донатор којашто не е земја-членка на ЕУ била Јапонија којашто донирала 36 милиони долари. За една година бројот на донатори беше поголем од 180.

Во Америка, непрофитни организации како што е Американците за УНФПА работеа за да надокнадат за загубата од федералното финансирање на Соединетите Држави со собирање приватни донации.

Во јануари 2009 година, претседателот Обама го продолжи финансирањето на УНФПА изјавувајќи дека со нетрпение ја очекува соработката со Конгресот за обновување на финансирањето на Фондот за население на Обединетите нации од страна на САД. Со повторното финансирање на УНФПА, САД ќе им се придружи на 180-те други земји-донатори коишто работат заедно на намалување на сиромаштијата, на подобрување на здравјето на жените и децата, на превенција од ХИВ/ СИДА и на обезбедување помош на жените од 154 земји при планирањето семејство.

Други агенции и субјекти за население на ОН[уреди]

Субјекти во рамките на ОН, надлежни за население:

  • Комисија за население и развој
  • Одделение за население на Обединетите Нации