Фестивал на театар и краток филм „Култра“

Од Википедија — слободната енциклопедија

Фестивалот на театар и краток филм „Култра“ своето прво издание го имаше во 2011 година, во периодот од 30 јуни до 2 јули во Мултимедијалниот центар при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Фестивалот содржи богата програма која се состои од македонски аматерски театарски претстави како и кратки филмови во македонска продукција. Фестивалот има за цел да им даде креативен простор на сите млади и независни уметници кои храбро експериментираат со уметничките изрази користејќи нови форми за уметничка комуникација. Фестивалот „Култра“ има бројна публика како од помладата популација, така и од повозрасните љубители на културни активности.

Организација и структура[уреди | уреди извор]

Организацијата на фестивалот се одвива преку единицата Центар за односи со јавноста на Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип, со соработка и партнерства со поединци и институции, како и со други субјекти и фестивали од странство. Фестивалот се одржува секоја година во Штип, во простории во сопственост на Универзитетот, односно Мултимедијален центар при Универзитетот. Деновите на одржување на фестивалот се најмалку 3 а најмногу 5, типично пред и за време на викенд. Традиционално, најмалку еден месец пред одржување на фестивалот се објавува повик за учество на кој може да се пријават како институции така и/или поединечни проекти кои сакаат да земат учество во фестивалот. Комисијата која е составена од професионалци од областа на културата одлучува за програмата на фестивалот која понатаму преку сите видови на медиуми се проследува до штипската публика. Останатите детали поврзани со програмскиот дел на фестивалот се објавуваат најмалку две недели пред почетокот на фестивалот, на мрежното место на Универзитетот.

Активности[уреди | уреди извор]

Во состав на активностите на фестивалот „Култра“ во првото издание се најдоа претставата „Мизантроп“ на независниот скопски театар „Театра”, претставата “Оркестар ББ” во изведба на студентите од Факултетот за драмски уметности како и претставата “Свекрва, верзија 7” на штипскиот театар. Еден час пред претставите беше резервиран за проекција на одбрани кратки филмчиња, најголем дел во продукција на студентите од Факултетот за драмски уметности.

Во второто издание на фестивалот се одржаа три театарски претстави, „Човекот“, пантомимичарска претстава во изведба на Трајче Ѓорѓиев, претставата „Стаклена менажерија“ како и претставата „Аморика“ во изведба на студенти од ФДУ од Скопје. Околу 30 кратки филмови ја исполнија програмата пред секоја од претставите, а во рамки на off-програмата се најде музички настап на проектот N.G.O. од Скопје. Во периодов е во тек повикот за учество во третото издание на Култра чија програма ќе биде утврдена кон крајот на месец март 2013.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]