Управување со средствата и обврските

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Управување со средствата и обврските (англиски: Asset and Liability Management, ALM) - претставува функција во работењето на банките задолжена за управување со ликвидносниот ризик и со каматниот ризик во „банкарската книга“ (banking book).[1]

Цели и задачи на АЛМ-функцијата[уреди | уреди извор]

АЛМ претставува фукнција која раководи со каматниот ризик и со ликвидносниот ризик. Притоа, оваа функција се фокусира врз два вида каматен ризик: ризикот од промена на каматниот приход поради промена на пазарните каматни стапки и ризикот од т.н. „вградени“ опции, т.е. опасноста од предвремена отплата на кредитите и од предвремено повлекување на депозитите од страна на клиентите во случај на намалување или зголемување на каматните стапки. Управувањето со средствата и обврските е насочено кон две целни големини: нето-каматниот приход и нето-сегашната вредност на средствата и обврските. Притоа, за разлика од пазарниот и кредитниот ризик, АЛМ претставува функција во која ризикот се мери збирно (агрегатно), т.е. на целиот биланс на состојба. Во тој поглед, централен концепт во АЛМ е несовпаѓањето меѓу средствата и обврските. На пример, ликвидносниот јаз ја претставува разликата меѓу средствата и обврските кои достасуваат во определен временски хоризонт, додека каматноосетливиот јаз се пресметува како разлика меѓу каматноосетливите средства и каматноосетливите обврски во определен временски хоризонт. Во продолжение, за разлика од пазарниот и кредитниот ризик, АЛМ најчесто ја применува техниката на сценарио, т.е. се претпоставуваат различни можни сценарија за движењето на каматните стапки или за паричните приливи и одливи и на тој начин се утврдуваат потенцијалните ефекти врз ликвидноста, нет-каматниот приход или нето-сегашната вредност.[2]

Притоа, оваа функција ги покрива следниве цели и задачи:[1]

Во управувањето со средствата и обврските посебно внимание се посветува на следниве фактори:[3]

  • динамиката на кредитите и депозитите
  • каматните стапки на средствата и на обврските (фиксни или варијабилни)
  • временското несовпаѓање меѓу промената на пазарните каматни стапки и каматните стапки на кредитите и на обврските на банката
  • потребите на банката за ликвидност
  • условите под кои се склучени одделните банкарски производи (обезбедувањето, можноста за предвремено повлекување, итн.)

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 38.
  2. Joël Bessis, Risk Management in Banking (second edition). Chichetser, UK: John Wiley and Sons, 2002, стр. 131-134.
  3. Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 39.