Прејди на содржината

Тринаесет колонии

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Тринаесетте колонии)
Тринаесетте колонии
Знаме
Местоположба на Тринаесетте колонии
Главен градАдминистрирани од Лондон, Велика Британија
Уредување Колонијална уставна монархија

Тринаесетте колонии биле колонии на Велика Британија кои се наоѓале на атлантскиот брег на Америка, основани во 17 и 18 век, кои прогласиле независност во 1776 година и ги создале Соединетите Американски Држави. Тринаесетте колонии имале слични политички, уставни и правни системи и во нив доминирале протестанти, говорници на англискиот јазик. Колониите во Нова Англија (Масачусетс, Конектикат, Род Ајленд и Њу Хемпшир) биле создадени пред сè за верско убедување, додека другите колонии биле основани за деловно и економско проширување. Сите тринаесет колонии биле дел од колонијалните територии на Британската Империја кои се познати како Британска Америка, во кои се вбројуваат и колонии во Канада, Флорида и Карибите.

Колонијалното население пораснало од само 2 илјади до 2,4 милиони во периодот помеѓу 1625 и 1775 година, кога домородните Американци биле раселувани. Населението вклучувало и луѓе подложни на систем на ропство, кој бил легален во сите колонии пред Американската војна за независност.[1] Во 18 век, британската влада управувала со овие колонии преку политика на меркантилизам, со која централната власт управува со запоседнатите земји на начин на кој од нив извлекува поголема економска придобивка за матичната земја.

Тринаесетте колонии имале висок степен на самоуправа, активно одржувале локални избори и се спротивставувале на барањата на Лондон за поголема контрола над нив. Француската и индијанската војна (1754-1763), насочена против Франција и нејзините индијански сојузници, довела до зголемени тензии меѓу Велика Британија и тринаесетте колонии. Во текот на 1750-тите, колониите започнале да соработуваат меѓусебно наместо да се обраќаат директно кон Велика Британија. Овие меѓу-колонијални активности изградиле чувство за споделен американски идентитет и довеле до повици за заштита на нивните права, особено се истакнувало незадоволството формулирано во геслото „без застапување нема оданочување“ (no taxation without representation). Конфликтите со британската влада околу даноците и правата на колониите довеле до Американската револуција, во која колониите се здружиле во напорот за создавање на Континентален конгрес (Continental Congress). Колонистите се бореле во Американската војна за независност (1775–1783) со помош на Кралството Франција и, во многу помал степен, Холандската Република и Кралството Шпанија.[2] Кратко пред прогласувањето на независноста, тринаесетте колонии ги сочинувале Њу Хемпшир, Масачусетс, Конектикат, Род Ајленд, Њујорк, Њу Џерси, Пенсилванија, Делавер, Мериленд, Вирџинија, Северна Каролина, Јужна Каролина и Џорџија.[3]

  1. Junius P. Rodriguez (2007). Slavery in the United States: A Social, Political, and Historical Encyclopedia. ABC-CLIO. стр. 88. ISBN 978-1-85109-544-5.
  2. Richard Middleton and Anne Lombard, Colonial America: A History to 1763 (4th ed. 2011)
  3. Editors, History com. „The 13 Colonies“. HISTORY (англиски).CS1-одржување: излишен текст: список на автори (link)