Тиридат III

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Тиридат III Велики
Tiridates III illustration.jpeg
Крал на Ерменија
287–околу 330
Косров II
Косров III Малиот
Деца
Косров III Малиот
Саломе
Династија Аршакиди
Татко Косров II
Роден(а) 250s
Починал(а) c. 330
Почивалиште Кемах

Тиридат III (се изговара и како Трдат; Տրդատ Գ; 250-330) бил крал од династијата на Аршакидите (287–330), а познат е и како Тиридат Велики Տրդատ Մեծ. Во 301 година, Тиридат го прогласил христијанството за државна религија во Ерменија, и со тоа, кралството Ерменија е првата држава која официјално го прифатила христијанството.[1]

Детство[уреди | уреди извор]

Тиридат III е син на Косров II, а името на неговата мајка останува непознато. Се знае дека имал сестра по име Косровидукт, и дека е крстен по својот дедо, Тиридат II. Татко му е убиен во атентат, што го извршил Анак, благородник од покраината Партија. Анак бил фатен, и речиси целото негово семејство е убиено, освен неговиот син Гргур Просветител, кој бил скриен во Кападокија. Тиридат, како единствен наследник на тронот, бил однесен во Рим веднаш по смртта на татко му. Во Рим стекнал образование, а научил и разни јазици и воени тактики.[2][3] Исто така го изучил и римското право. Ерменскиот историчар Мовсес Хоренаци го опишал Тиридат како храбар и силен воин, кој учествувал во битките против непријателите, и лично ја водел својата војска во многу битки до победа.

Доаѓање на престолот[уреди | уреди извор]

Во 270 година, римскиот цар Аврелијан ги ги нападнал Сасанидите од исток, кои ја презеле власта од Партијците во Ерменија, и ги натерал да се повлечат. Тиридат, кој бил наследник на ерменскиот трон, што сега го држеле Сасанидите, се вратил во Ерменија, создал војска, и ги истерал непријателите во 287 година, а потоа го прогласил градот Вагаршапат за главен град.[4] Во тоа време имало борба меѓу двајца браќа околу тронот на Персиското Царство. Граѓанската војна набрзо завршила, и Нарсес е прогласен за крал на Персија, кој веднаш повел војна против Ерменија. Втор пат, Тиридат избегал во Рим. За време на владеењето на Диоклецијан, римско-ерменскиот сојуз се засилил. Со помош на Диоклецијан, Тиридат успеал да ги избрка Персијците од Ерменија.[2] Во 299 година, Диоклецијан ја напуштил Ерменија, која останала со статус на протекторат.[5] Тиридат се оженил со аланската пронцеза, Ашкен, во 297 година, и со неа имал три деца: синот Косров III Малиот, ќерката Саломе[6] и уште една ќерка на која не ѝ се знае името, а е омажена за Хусик I, еден од првите поглавари на Ерменската апостолска црква.

Христијанизација[уреди | уреди извор]

Покрстувањето на Тиридат III

Приказната за покрстувањето на кралот и целиот народ се базира врз „Историја на Ерменците“ од Агатангелос, од 5 век.[7] Се зборува за тоа како Гргур Просветител, синот на Анак, станал христијанин, па чувствувал вина заради гревот на својот татко. Гргур се приклучил на ерменската војска и станал секретар на кралот. Христијанството станало силно кон крајот на третиот век, иако голем дел од населението сè уште биле пагани. Тиридат не бил исклучок од ова: обожавал древни богови. За време на една религиозна паганска церемонија, Тиридат му наредил на Гргур да стави венец од цвеќе кај нозете од статуата на божицата Анахит во Ериза. Гргур одбил, велејќи дека е христијанин. Ова го разбеснило кралот, кој уште повеќе се огорчил кога му кажале дека Гргур е син на Анак, човекот кој го убил таткото на Тиридат. Гргур бил измачуван, а потоа фрлен во Хор Вирап, затвор кој се наоѓал длабоко под земја.

Додека Гргур бил во затвор, во Ерменија дошла група на свештенички девици, водени од Гајана, а кои избегале од Рим заради христијанската верба. Тиридат чул за оваа група, како и за легендарната убавина на една од членките, Рипсиме. Наредил да се доведат во замокот, и побарал да се ожени со убавата девица, но таа го одбила. Кралот потоа наредил да се измачува и да се убие целата група. По овој настан, кралот се разболел, и според легендата, почнал да се однесува како див вепар, бесцелно скитајќи по шумата. Сестрата на кралот, Косровидукт, сонувала дека Гргур е сè уште жив во затворот и дека само тој може да го излечи кралот. Веќе биле поминати 13 години од затворањето на Гргур, и сеќавањата на него биле бледи. Го извлекле од затворот, и иако бил ослабен, сепак бил жив. Успеал да преживее поради тоа што една добра жена му фрлала леб секој ден во Хор Вирап.[8]

Гргур е донесен пред Тиридат, и кралот е волшебно излечен од болеста во 301 година.[9] Убеден во силата на лекот, кралот веднаш го прогласил христијанството за државна религија. Така Ерменија станала првата официјална христијанска држава. Тиридат го прогласил Гргур за прв поглавар на Ерменската апостолска црква.

По покрстувањето[уреди | уреди извор]

Промената на традиционалната ерменска паганска религија во христијанство, не одела лесно. Тиридат често користел сила за да го натера населението да се покрсти, а имало и вооружени конфликти, бидејќи паганството фатило длабоки корени меѓу ерменскиот народ. Тиридат го посветил крајот на животот во обидите да ги отстрани сите древни верувања: уништил бројни статуи на божества, храмови и пишани документи. Поради ова, се зачувале многу малку локални извори за древната ерменска историја и култура. Кралот трескавично работел на ширење на новата вера. Умрел во 330 година. Мовсес Коренаци изјавил дека неколкумина членови од највисоките семејства се сојузиле во заговор против Тиридат, и на крајот го отруле.[10]

Тиридат III, Ашкен и Косровидукт се прогласени за светци во Ерменската апостолска црква, а за нивен ден е прогласена саботата, која доаѓа по петтата недела по Духовден.[11] На овој ден се чита На кралевите.[12] Најчесто паѓа околу 30 јуни.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Binns, John. An Introduction to the Christian Orthodox Churches. Cambridge: Cambridge University Press, 2002, p. 30. ISBN 0-521-66738-0.
  2. 2,0 2,1 (ерменски) Grigoryan, V. «Տրդատ Գ Մեծ» (Tiridates III the Great). Armenian Encyclopedia. vol. xii. Yerevan, Armenian SSR, 1987, p. 94.
  3. (ерменски) Movses Khorenatsi. History of Armenia, 5th Century (Հայոց Պատմություն, Ե Դար). Gagik Sarkisyan (ed.) Yerevan: Hayastan Publishing, 1997, 2.79. ISBN 5-540-01192-9.
  4. Ghazarian, The Armenian Kingdom in Cilicia During the Crusades: The Integration of Cilician Armenians With the Latins, 1080-1393, p.173
  5. Barnes, Timothy David, Constantine and Eusebius, (Harvard University Press, 1981), 18.
  6. Ashkhen’s genealogy at Rootsweb
  7. http://www.vehi.net/istoriya/armenia/agathangelos/en/AGATHANGELOS.html Agathangelos, History of St. Gregory and the Conversion of Armenia
  8. https://www.youtube.com/watch?v=AxRND4ucKqs
  9. Оваа приказна е прераскажана и од Агатангелос во неговата „Историја на светиот Гргур и преобраќањето на Ерменија“.
  10. Movses Khorenatsi. History of the Armenia, 2.92.
  11. Biographies of Armenian Saints, St Drtad (250-330)
  12. Biography on Saint Gregory the Illuminator