Термална бања во Мишколц

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Термалната бања во Мишколц

Термалната бања во Мишколц (унгарски: Barlangfürdő) е топлинска бања во природна карпа во Miskolctapolci, што е дел од градот Мишколц во Унгарија. Слична бања на оваа се наоѓа единствено уште во Словачка, во местото Склени Топлици.

Термалната вода во Мишколц, која е со температура од 30°C, е позната по своето благопријатно дејство на болки во зглобовите и, бидејќи содржи помалку соли од повеќето термални бањи (околу 1000 mg/литар), луѓето можат да се бањаат подолго време, практички неограничено. Пештерската бања може да се посети преку цела година, освен во јануари.

Влезот во бањата

Пештерата и термалниот извор се познати од дамнешни времиња, но таа станала популарно место за капење дури по завземањето на Унгарија од страна на Османлиите (16-17 век). Во тоа време, подрачјето на бањата бил во сопственост на грчкиот манастир Görömböly (Герембеј). Развивањето на местото во бања била замисла на манастирскиот управител во 1711 година. Биле повикани и доктори од Кошице (Словачка) за да ги испитаат благотворните особини на водата. Во 1723 година се изградени три базени и гостилница. Базените биле сместени надвор, а топлите води во пештерата тогаш сѐ уште не се користеле. Во тој период водата била поладна од денешната, затоа што се користела ладната вода на Таполце (денес таа вода се користи за снабдување на градот Мишколц со вода за пиење). По кусиот период на популарност, бањата била занемарена во средината на 18-тиот век, така да во 19-тиот век од некогашните згради на бањата останале само рушевини.

Во 1837 новите манастирски управители ја обновиле и прошириле бањата. Тогаш бил направен и првиот внатрешен базен (кој сѐ уште не бил поврзан со пештерата), но само за побогати гости.

Внатрешност на пештерата

На почетокот на 20-тиот век, градот Мишколц го купил целото подрачје на бањата од Грчката православна црква, не само поради термалните води туку и поради потребите на вода за пиење за градот.

Во текот на наредните години биле направени нови јавни бањи, а во 1934 година Таполца станал спа центар. Во тек на изградба на новите делови, откопани се и неколку археолошки наоѓалишта, како и нов извор со температура на вода 31.5°C. Термалната бања била отворена во 1941 година, но делот во пештерата бил отворен дури на 14 мај 1959 година.

Од тогаш комплексот на бањи се проширувал неколку пати. Надворешниот базен е со кров кој е со карактеристична форма на школка и бил направен во 1969 година. Во 1980-тите биле направени нови згради, коридори и базени со потопла вода (34-36°C). Најновото ширење на комплексот бањи почнало во 1998 година.

Галерија[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]