Северно Гашово Езеро

Од Википедија — слободната енциклопедија
Северно Гашово Езеро

Карта

Површина 631 м2
Длабочина 2,2 м
Надморска висина 1.770 м
Планина Дешат

Северно Гашово Езеро е мало ледничко езеро кое се наоѓа на источните падини на планината Дешат непосредно под нејзиниот највисок врв Веливар (2373 м.н.в). Сместено е во мал дол и вдлабнатина на почетокот на самото тревнато било на планината Дешат на надморска височина од 1770 метри, веднаш над завршетокот на горскиот појас. Зафаќа површина од 631 м2, а неговата најголема длабочина изнесува 2,2 метри, додека просечната длабочина изнесува 1,2 метри[1]. Најголемата должина на езерото, измерена по оската на протегање југозапад - североисток изнесува 54,4 метри, а најголемата широчина измерена во средишниот дел изнесува 17,5 метри[2]. Езерото се храни со вода од водите што дотекуваат од Јужното Гашово Езеро, околните извори, водотеци, како и подземните води кои избиваат во непосредна близина на езерскиот брег[3].

Поглед на езерото

Во неговата најнепосредна близина на оддалеченост од само 1,5 метри се наоѓа Јужното Гашово Езеро[3], од кое е одвоено со мала земјена издигнатина покриена со трева. Езерото има заоблен облик поради проширувањето во средината и е поставено во правец исток - запад. Тоа постојан водостој и не пресушува ниту се намалува преку целата година, а во него постои помал растителен свет од ендемски видови на треви. Водите на езерото се бистри и чисти, а поради малата површина и длабочина брзо се загреваат. Од неговите води често пијат стадата овци кои се напасуваат по билото на Дешат. До езерото може да се стигне преку необележана патека која води десно од езерото Локув, низ шумата и пасиштето каде стои таблата на граничниот појас и стрмниот камен дол преку кој се излегува на билото на Дешат. Овие две езера кои меѓу народот се познати како вирови, бари или локви, првобитно биле означени како Северно и Јужно Требишко Езеро, но на предлог на македонскиот хидрограф-истражувач Драган Василески изнесен во 1996 година тие се именувани со сегашните имиња во чест на македонскиот истражувач - хидрограф проф. д-р. Миливој Гашевски[4].

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Василески, Д.(2008): Планински езера на Дешат - Lakes on mountain Desat. АД НАпредок, Тетово; стр. 53-54
  2. Василески, Д.(2008): Планински езера на Дешат - Lakes on mountain Desat. АД НАпредок, Тетово; стр. 53
  3. 3,0 3,1 „- Предлог студија за валоризација на заштитено подрачје Маврово, стр.51“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2013-01-24. Посетено на 2014-11-11.
  4. Василески, Д.(2008): Планински езера на Дешат - Lakes on mountain Desat. АД НАпредок, Тетово; стр. 43