Ребро

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ребро
Човечко ребро
Податоци
Назнаки
Латинскиcostae
TAA02.3.01.001
A02.3.02.001
FMAFMA:7574

Во анатомијата ’рбетниците, ребрата (лат. costae) се долгите закривени коски кои го образуваат градниот кош. Кај повеќето ’рбетници, ребрата го опкружуваат градниот кош, овозможувајќи им на белите дробови да се шират при што се олеснува дишењето преку ширење на градната шуплина. Тие служат за заштита на белите дробови, срцето и другите внатрешни органи на градниот кош. Кај некои животни, особено кај змиите, ребрата обезбедуваат поддршка и заштита на целото тело.

Човечка анатомија[уреди | уреди извор]

Луѓето имаат 24 ребра (12 пара). Првите седум пара ребра, познати како „вистински ребра“, се директно прикачени на градната коска со 'рскавица. Првото ребро е уникатно и потешко се разликува од другите ребра. Тоа е кратка, рамна коска, во облика на буквата „С”. Поврзувањето на оваа коска со ‘рбетот започнува веднаш под вратот и поголемиот дел од оваа коска може да се најде над нивото на клучната коска. Ребрата од два до седум имаат повообичаен изглед. Наредните пет пара се познати како „лажни ребра“, од кои три делат заедничко 'рскавично поврзување за градната коска, додека последните две (единаесеттото и дванаесеттото ребро) се нарекуваат „лебдечки ребра“ (costae fluitantes) или ’рбетни ребра. Тие се прикачени само на пршлените, а не и на градната коска или 'рскавицата која излегува од градната коска. Кај некои луѓе недостасува едно од двата пара лебдечки ребра, додека други имаат трет пар. Отстранување на ребро е хируршки зафат со кој се отстрануваат ребра од терапевтски или козметички причини.

Во принцип, човековите ребра се зголемуваат во должина од првото до седмото ребро, а започнуваат да се намалуваат до ребро 12. Со оваа промена во големината, ребрата од еден до девет постепено се закосуваат, а останатите се сè помалку закосени.

Градниот кош е одвоен од долниот дел на стомакот со торакалната дијафрагмата која го контролира дишењето. Кога дијафрагмата се собира, градниот кош и торакалната празнина се шират, намалувајќи го торакалниот притисок со што се овозможува навлегување на воздух во белите дробови.

Кај другите животни[уреди | уреди извор]

Скелет на куче со неговите ребра

Кај рибите, најчесто постојат две групи на ребра прикачени за ’рбетниот столб. Еден пар, дорсалните ребра, се наоѓаат во поделбената преграда меѓу горните и долните делови на главните мускулни сегменти, проектирајќи приближно искосување на ’рбетниот столб. Вториот пар на вентрални ребра произлегуваат од ’рбетниот столб веднаш под дросалните ребра, и се стеснуваат кон долниот дел од телото, често сраснувајќи на крајот од телото. Не сите видови ги поседуваат и двата вида на ребра, со тоа што дорзалните ребра најчесто се отсутни. Ајкулите, на пример, немаат дорсални ребра, туку само многу кратки вентрални ребра, додека змиулките воопшто немаат ребра. Кај некои целокоскени риби, може да има дополнителни коски во вид на ребра во рамките на мускулната маса.

Кај четириношците, пак, само некои имаат еден единствен пар ребра кои веројатно се хомологни со дорсалните ребра на рибите. Во почетокот на појавувањето на четириношците, секој прешлен имал еден пар ребра, иако тие на градните пршлени обично биле најдолги. Крсните ребра биле тенки и кратки, бидејќи формирале дел од карлицата, поврзувајќи го ’рбетниот столб со колкот.

Кај повеќето форми на животни кои подоцна се развивале, многу од овие ребра кои порано постоеле биле загубени, а кај некои водоземци и влекачи кои денес постојат, има голема варијација во структурата и бројот на ребрата. На пример, желките имаат само осум пара ребра, кои се развиени во коскени или ‘рскавични черупки и наградници, додека змиите имаат голем број на ребра по должината на целиот труп. Жабите обично немаат ребра, освен крстниот пар, кој е дел од карлицата.

Кај птиците ребрата се застапени како посебни коски само во торакалниот регион, иако мали споени ребра се присутни на вратните пршлени.

Цицачите обично имаат различни ребра само на градниот прешлен, а кај клунарите се присутни фиксни ребра на вратот. Кај торбарите и плаценталните цицачи, цервикалните и лумбалните ребра се само мали остатоци сраснати кон пршлените. Во принцип, структурата и бројот на вистински ребра кај луѓето е слична со онаа кај другите цицачи. За разлика од влекачите, опашните ребра никогаш не се среќаваат кај цицачите.