Птераспидоморфи

Од Википедија — слободната енциклопедија
Птераспидоморфи
Период: ордовик - девон
Птераспидот Drepanaspis gemuendina (лево), придружен од оклопната риба Tiaraspis subtilis (десно).
Научна класификација
Царство: Animalia
Колено: Chordata
Класа: Agnatha
Поткласа: Pteraspidomorphi
Кладови

Птераспидоморфите (Pteraspidomorphi или Pteraspidomorpha) биле примитивни безвилични ‘рбетници од раниот Ордовик па сè до доцниот девон, што значи дека живееле пред околу 470 до 370 милиони години.

Фосилите од овие видови покажуваат јак штит на главата, што се образувал од кожните слоеви и коските кои се состоеле од аспидин. Птераспидоморфите го населувале морето, најчесто близу брегот, а се верува и дека некои видови продреле во слатките води. Скелетот бил ‘рскавичен, но кај Eriptychiida (и можеби Arandaspida) се најдени траги на калцификација. Освен опашката, другите делови од телото не поседувале перки. Кај некои птераспиди краевите од жабрените плочки (што ги препокривале жабрите) образувале криловидни издолжувања кои биле налик на перки.

Птераспидоморфите долго време се сметале за риби (односно ‘рбетници со вилица) врз основа на некои сличности меѓу овие две групи животни (синапоморфии), но со филогенетската систематика се откриени нивни својствени одлики (плезиоморфии) кои тие ги споделуваат со други групи.

Систематика и градба[уреди | уреди извор]

Arandaspida (арандаспиди)[уреди | уреди извор]

Арандаспидите или арандаспидидите биле само морски претставници. Најстарите фосили на арандаспиди доаѓаат од горниот Ордовик од Австралија. Друг добро познат фосил е 40 cm долгиот Sacabambaspis janvieri од Јужна Америка.

Арандаспидите имале рибовидна форма на телото, со една опашна перка. Главата и предниот дел од телото биле препокриени со грбна и стомачна коскена плоча (штит), меѓу кои се наоѓале жабрените отвори, кои имале посебни жабрени плочки. Сите плочки имале три слоеви: тенок базален, кожесто-сунѓерест и порозен надворешен слој. Внатрешната анатомија на овие животни е непозната, а телото било прекриено со долги вертикални лушпи.

Sacabambaspis, најдобро познатиот арандапсид.

Astraspida (астраспиди)[уреди | уреди извор]

Астраспидите или астраспидидите, биле исто така исклучиво морски и биле современици на повеќето арандаспидиди од средниот Ордовик, пред околу 460 милиони години.

Нивната форма, надворешна анатомија, штитот и градбата на коскените плочки е слична како кај арандаспидидите. Нивната внатрешна анатомија е исто така непозната.

Важни фосили на астраспиди се Astraspis desiderata и Eriptychius americana, и двата од Северна Америка. Како најблиски на оваа група се сметаат или Arandaspida, или Heterostraci, во зависност од авторот.

Astraspis desiderata, од Ордовик од Колорадо.

Eriptychiida (ериптихииди)[уреди | уреди извор]

Ериптихиидите потекнуваат од средниот Ордовик, од пред околу 450 милиони години. Фосили од единствените видови Eriptychius americanus и Eriptychius orvigi се најдени од Северна Америка. Кај нив е сочувана само калцифицирана ‘рскавица од егзоскелетот. Изгледот на овие животни е непознат, бидејќи пронајдени се само фрагментарни останки.

Heterostraci (разноштитни ‘рбетници или хетеростраки)[уреди | уреди извор]

Разноштитните се најмладата група на птераспидоморфи, а нивните фосили датираат од силурот и девонот. Местата каде се пронајдени се Северна Америка, Европа и Сибир.

Повеќето биле морски видови, кои живееле во плитки води од лагуни и естуари. Некои веројатно живееле во слатки води. Достигнувале од 5 до 30 сантиметри, но еден претставник од фамилијата Psammosteidae бил значително поголем и достигнуал до 150 сантиметри.

Некои поглавни видови од вкупно 300 се: Doryaspis, Protaspis (Cosmaspis) и Allocryptaspis sandbergi.

Неколку претставници од хетеростраките.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Ханс-Питер Шулце: Pteraspidomorphi in: W. Westheide und R. Rieger: Spezielle Zoologie. Teil 2. Wirbel- oder Schädeltiere. Spektrum, München 2004; Seite 183-184. ISBN 3-8274-0307-3
  • Роберт Л. Карол: Paläontologie und Evolution der Wirbeltiere, Thieme, Stuttgart (1993); Seite 29-36. ISBN 3-13-774401-6
  • Џозеф С. Нелсон, Fishes of the World, John Wiley & Sons, 2006, ISBN 0-471-25031-7
  • Оскар Кун: Die vorzeitlichen Fischartigen und Fische, A. Ziemsen Verlag, 1967, Wittenberg

Надворешни врски[уреди | уреди извор]