Продажба на кредит

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Продажба на кредити)
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Продажба на кредит (англиски: loan sale) претставува финансиска операција со која банката продава делови од поединечен кредит што таа претходно го одобрила на некој клиент. Продажбата на кредитите е масовно присутна во меѓународното банкарство и неа најчесто ја практикуваат големите меѓународни банки.

Поим и карактеристики[уреди | уреди извор]

Продажбата на кредити е активност која наликува на процесот на секјуритизација, бидејќи со неа банката се ослободува од кредитот што претходно го одобрила, а на тој начин пренесува и дел од кредитниот ризик. Од друга страна, продажбата на кредити се разликува од секјуритизацијата по тоа што банката не формира група на кредити, туку таа продава делови од поединечен кредит од нејзиното портфолио. Притоа, продажбата на кредитите најчесто се врши без отштета, односно, купувачите целосно го преземаат кредитниот ризик. Со продажбата на кредитот се врши пренос на побарувањето од банката-продавач на купувачот, т.е. сега корисникот на кредитот му должи на купувачот на кредитот. Оттука, понекогаш, пред продажбата на кредитот потребно е да се обезбеди согласност на должникот за промена на доверителот.

Банката која ги продала кредитите продолжува да извршува одредени функции за сметка на инвеститорите и, се разбира, за тие услуги наплаќа провизија. Така, банките кои ги продаваат кредитите обично го вршат администрирањето на кредитите, односно тие се грижат за наплатата на каматата и главницата и за преносот на паричните текови до купувачите на кредитите. Исто така, искористувајќи ја својата информациска предност која ја поседуваат како даватели на кредитите, банките-продавачи вршат надзор на финансиската состојба и однесувањето на должниците.

Оваа активност е особено присутна во меѓународното банкарство, каде што претставува задолжителен елемент на кредитирањето со посредство на синдикати на банки. Имено, кај овие кредити, водечката банка и раководните банки им продаваат делови од кредитот на другите банки, кои учествуваат во синдикатот. Како продавачи на кредити најчесто се јавуваат големи банки, а купувачи се други банки и институционални инвеститори (инвестициски банки, инвестициски фондови, осигурителни друштва итн.).

Продажбата на кредити најчесто се врши на куси рокови, т.е. повеќето продадени кредити се со рочност до 90 дена, а 2/3 од продадените кредити имаат рочност до 30 дена. Тоа произлегува оттаму што продажбата на кредитите често се извршува преку продавање делови, т.е. исечоци од кредитите (loan strips), кои претставуваат делови од кредитите што достасуваат во блиска иднина. На пример, банката може да продаде делови од ануитетот на кредитот кој достасува за наплата во следните 30 дена. На тој начин се намалува ризикот за инвеститорите, кои не сакаат да се изложуваат на кредитниот ризик на долг рок, туку претпочитаат да купат кусорочни финансиски побарувања, што се одликуваат со понизок степен на ризик. Бидејќи во овој случај не се продава целиот кредит, туку само делови од него, кредитот и понатаму останува да се води во билансот на состојбата на банката-продавач, така што таа продолжува да го носи кредитниот ризик.

Предности и недостатоци[уреди | уреди извор]

Продажбата на кредити ги носи следниве предности:

  • со продажбата на кредитите се намалува изложеноста на кредитниот и каматниот ризик;
  • од билансот на состојбата се отстрануваат ризичните средства, со што се намалува потребата од капитал, т.е. се зајакнува капиталната адекватност на банката-продавач;
  • при пораст на пазарните каматни стапки, старите кредити се заменуваат со нови, кои се одобруваат по повисоки каматни стапки;
  • со продажбата на кредитите се остварува прилив на парични средства и се подобрува ликвидноста;
  • банката-продавач остварува дополнителни приходи од услугите кои ги врши за сметка на купувачите итн.

Основниот проблем при продажбата на кредитите лежи во тоа што може да се случи во билансот на банката-продавач да останат полошите кредити, т.е. да се влоши квалитетот на нејзиното кредитно портфолио. Тоа произлегува оттаму што поквалитетните кредити се продаваат полесно, бидејќи за нив владее поголем интерес кај инвеститорите. Од друга страна, продажбата на кредитите може да предизвика проблеми и за купувачите: имено, самата продажба на кредитите не го решава проблемот на кредитниот ризик, туку тој само преминува од продавачите на купувачите. Тоа значи дека купувачите мора да внимаваат на финансиската состојба на должниците, со цел да се заштитат од можните загуби на кредитите.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание). Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 359-360.