Поткапина

Од Википедија — слободната енциклопедија

Подкапина — земјиштен облик во вид на карпеста длабнатина. Тие се кратки пештери со дневна светлина до нивниот краен дел[1]. По правило подкапините не се подолги од 50 метри[1]. Настанати се под непосредно дејство и влијание на водата, односно од ударите на брановите на морињата или езерата и одронување на делови од карпите, со што се создава вдлабнатина во самата карпа. Нивното создавање е предиспонирано со пукнатини и поволна наведнатост на карбонатната маса што овозможува разлевање на дождовницата на широка површина долж отсекот[1]. Поткапините може да се најдат покрај морските или езерските брегови, но и во сувоземни предели, како во Порече и други области во Македонија, настанати во геолошките процеси под дејство на големите плеистоценски езера. Обично се сретнуваат по страните на клисурите, со отвори што може да достигнуваат и значителни димензии[1]. Положбата им е различна но ретко се јавуваат во подножјата на отсеците или во ниво на речните корита[1]. Најчесто се јавуваат високо на одсеците на значителна релативна височина[1]. Влезниот дел на подкапините е обично полиран со корозивното делување на атмосферската вода и има благо вдлабена форма[1]. Распространетиот инчест влез брзо се стеснува и снижува[1]. Тоа е општ изглед на подкапините освен ако нема појава на уривање на таванскиот дел[1]. Иако може да имаат значителна длабочина, должина и височина поткапините се разликуваат од пештерите по тоа што немаат внатрешен пештерски систем на сали и канали, ниту пак имаат пештерски облици и украси како сталактити и сталагмити. Во подкапини не се вбројуваат сосема кратките пештери кои се јавуваат на врутоците на подземните речни текови или на понорите[1]. Правите подкапини се надвор од влијанието на механичката и хемиската ерозија на водните текови[1]. Потполно се суви и немаат никаква хидрографска функција[1].

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 Колчаковски, Драган (2006). Геоморфологија. Скопје. стр. 348. ISBN 9989-2635-0-7.