Показатели на финансиски извештаи

Од Википедија — слободната енциклопедија

Вредностите во финансиските извештаи сами по себе не можат да бидат основа за донесување на квалификувани оценки за тековната состојба и успехот на компанијата. Токму заради тоа е потребно да се пресметаат финансиски показатели, преку кои ќе се оцени финансиската состојба на една компанија. Финансиските показатели се релативни показатели и ги претставуваат односите меѓу одделни билансни позиции. Тие се добиваат врз основа на хоризонтални, вертикални и временски споредби на позициите од финансиските извештаи на претпријатието и помеѓу претпријатијата, врз основа на споредба на податоците од финансиските извештаи и утврдените стандарди, како и врз основа на пресметаните проценти за индустриската гранка, за стопанската гранка на ниво на земјата.

Класификација на финансиски показатели[уреди | уреди извор]

  1. Показатели на ликвидност
  2. Показатели на солвентност
  3. Показатели на деловна активност
  4. Показатели на профитабилност
  5. Профит (добивка) по вработен

Анализа на финансиски показатели[уреди | уреди извор]

Податоците од финансиските извештаи за 2004, 2005 и 2006 година за акционерското друштво А (во натамошниот текст: АД А) се дадени во Преглед 1 и Преглед 2.

Преглед 1: Биланс на успех за период од 01.01. до 31.12.2004, 2005, 2006

Ред. број Позиција 2004 2005 2006
1 Приходи од основна дејност
од тоа на странски пазар
36.676.199
10.636.150
48.488.333
12.883.401
44.317.566
11.269.910
2 Расходи од основна дејност (37.263.139) (47.338.688) (43.422.195)
3 Приходи од други активности 1.658.629 1.960.338 2.315.827
4 Расходи од други активности (756.759) (1.362.866) (1.943.310)
5 Вкупно приходи 38.334.828 50.448.671 46.633.393
6 Вкупно расходи (38.019.898) (48.701554) (45.365.505)
7 Добивка пред оданочување 314.930 1.747.117 1.267.888
8 Данок на добивка (52.908) (293.515) (200.183)
9 Добивка за финансиската година 262.022 1.453.602 1.067.705

[1]

Преглед 2: Биланс на состојба на АД “А” на ден 31.12.2004, 2005 и 2006 година

Позиција 2004 2005 2006
Актива
А. Побарувања за запишан а неуплатен капитал - - -
Б. Постојани средства - - -
1.Нематеријални средства 292.866 430.915 833.448
2.Материјални средства 43.967.725 40.792.032 37.700.740
3.Финансиски вложувања - долгорочни 142.801 211.836 3.944.527
В. Тековни средства 25.587.845 32.815.831 35.469.834
1.Залихи 11.489.595 9.815.941 9.942.333
2.Побарувања
а)Побарувања од купувачите
б)Останати побарувања

3.513.940
68.652

5.015.371
102.355

9.054.031
184.776
3.Финансиски вложувања - краткорочни 9.152.005 15.713.502 14.696.688
4.Парични средства и хартии од вредност 1.363.653 2.168.662 1.592.006
Г. Платени трошоци за идните периоди и недостасана наплата на приходи 206.318 175.208 157.235
Д. ВКУПНА АКТИВА 70.197.555 74.425.822 78.105.784
ПАСИВА
А. Капитал и резерви 57.658.308 59.405.425 59.421.506
1.Запишан капитал 50.257.560 50.257.560 50.257.560
2.Премии на емитирани акции - - -
3.Ревалоризациона резерва 6.702.780 6.702.780 6.703.403
4.Резерви 435.946 729.461 767.838
5.Акумулирана добивка - 262.022 625.000
6.Пренесена загуба - - -
7.Добивка за финансиската година 262.022 1.453.602 1.067.705
8.Загуба за финансиската година - - -
Б. Долгорочни резервирања за ризици и трошоци 256.279 515.748 520.883
В. Долгорочни обврски 5.360.155 4.493.537 3.786.437
Г. Краткорочни обврски 6.922.813 10.011.112 14.376.958
Д. Одложено плаќање на трошоците и приходите во идни периоди - - -
Ѓ. ВКУПНА ПАСИВА 70.197.555 74.425.822 78.105.784

[2]

[3]

Показатели на ликвидност[уреди | уреди извор]

Ликвидноста најчесто се дефинира како способност на тековно плаќање. Моменталната способност за плаќање може значително да варира. Поради тоа ликвидноста се проценува само во просек. Врз основа на податоците предочени во финансиските извештаи тешко е да се стекне потполна слика за ликвидноста на тековниот период, бидејќи почетните позиции на Билансот на состојбата постојано се менуваат.

За што попрегледен приказ на односите на позициите на Билансот на состојбата врз основа на кои се пресметуваат показателите на ликвидноста и солвентноста добро е да се утврдат процентните односи на главните позиции во Билансот на состојбата.

Коефициент на општа ликвидност[уреди | уреди извор]

Коефициентот на општа ликвидност се нарекува тековен однос ratio Current Ratio. Тоа е однос меѓу тековната актива и тековната пасива. Коефициентот на општа ликвидност покажува можност дека од тековната актива (која ја сочинуваат парите, побарувањата, финансиските средства, други слични средства и залихи) може да се намират тековните обврски меѓу кои најголем дел отпаѓа на обврските спрема добавувачите и краткорочните кредити.

Врз основа на искуствата се смета дека коефициентот на општа ликвидност е 2,00 според некои 1,5 за кои се верува дека сите тековни обврски ќе бидат намирени на време.

За АД “А” коефициентот на општа ликвидност за 2006 година изнесува 2,48.

Коефициент на општа ликвидност = Тековна актива / Тековна пасива = 35.627.069 / 14.376.958 = 2,48

Коефициент на забрзана ликвидност[уреди | уреди извор]

Коефициентот на забрзана ликвидност се пресметува на следниов начин:

Коефициент на забрзана ликвидност = (Тековна актива - Залихи) / Тековна пасива

За АД “А” коефициентот на забрзана ликвидност за 2006 година е следниов:

Коефициент на забрзана ликвидност = (35.627.069 - 9.942.333) / 41.376.958 = 1,786

Коефициентот на забрзана ликвидност покажува способност за намирување на тековните обврски под претпоставка дека залихите не може да се продадат. Врз основа на искуствата се верува дека коефициентот на забрзана ликвидност е 1,00 или повеќе и се смета дека сите тековни обврски ќе бидат намирени на време.

Според тоа, АД “А” има добра позиција на ликвидност дури и ако се појават тешкотии во продажба на залихите. За жал, овој показател е индиферентен спрема неможноста да се наплатат побарувањата.

Работен капитал[уреди | уреди извор]

Работно расположливиот капитал Capital Working Capital или работен капитал претставува разлика меѓу тековната актива и тековната пасива. Тој дава информација за висината на капиталот кој стои на располагање за задоволување на тековните обврски и несаканите парични издатоци. Ако работниот капитал е негативен, ликвидноста е загрозена бидејќи тоа значи дека долготрајната актива се финансира од тековните обврски.“ Идеалната” висина на работниот капитал би требала да биде еднаква на половина од тековната актива. За АД “А” во 2006 година тој изнесува 17.813.534 денари. Бидејќи работниот капитал е позитивен и ја пречекорува контролната мерка, тоа дополнително ја потврдува добрата позиција на ликвидноста.

Време за наплата на побарувањата од купувачите[уреди | уреди извор]

Времето за наплата на побарувањата се пресметува на следниов начин:

Времето на наплата на побарувањата(во денови) = 360(денови) / Коефициент на обрт на побарувањата

Коефициент на обрт на побарувањата = Ненаплатени побарувања / Просечна состојба на побарувањата

Времето на наплата на побарувањата(во денови) = 360(денови) / Просечна состојба на побарувањата

Пресметката може да се изврши и на следниов начин:

Времето на наплата на побарувањата(во денови) = Просечна состојба на побарувањата / Просечна дневна наплата на побарувањата

Просечна дневна наплата на побарувањата = Наплатени побарувања / 360

Времето на наплата на побарувањата(во денови) = Просечна состојба на побарувањата / (Наплатени побарувања / 360)

односно:

Времето на наплата на побарувањата(во денови) = (Просечна состојба на побарувањата * 360) / Наплатени побарувања

Прецизен податок за просечната состојба на побарувањата може да се утврди единствено ако се пресмета просекот на дневни салда на сметките од побарувањата од купувачите. Бидејќи тоа често е невозможно, просечната состојба на побарувањата од купувачите се пресметува така што се собира состојбата од Билансот на состојбата за тековната година и состојбата за претходната година па се дели со два. Најчесто за да се поедностави пресметката, место вистински просек на побарувањата од купувачите, се зема состојбата на побарувањата од купувачите од Билансот на состојбата за тековната година.

Прецизен податок за наплатените побарувања може да се утврди единствено ако се соберат наплатените побарувања на сите сметки од побарувањата од купувачите. Ако дел од продажбата се однесува на продажба во готово, тогаш според оригиналниот модел за пресметување на времето на наплата на побарувањата во денови не се добива вистинска слика за ликвидноста.

Поради тоа место стварно наплатените побарувања се запишува податок за наплатен приход од продажба. Меѓутоа, во наши услови наплатениот приход од продажба на домашен пазар треба да се зголеми за ДДВ со што би бил изедначен и споредлив со побарувањата во кои е вклучен ДДВ.

Показатели на солвентност[уреди | уреди извор]

Анализата на солвентноста треба да даде одговор на прашањето дали може да се очекува дека компанијата ќе може на време да ги задоволи своите обврски на подолг рок. Станува збор, значи, за оценка на долгорочната финансиска стабилност.

Коефициент на финансиска стабилност[уреди | уреди извор]

Коефициентот на финансиска стабилност покажува во која мерка постојаните средства зголемени за залихите се покриени од долгорочните извори на финансирање, т.е. сопствен и туѓ капитал. Коефициентот на финансиска стабилност се пресметува на следниов начин:

Коефициент на финансиска стабилност = (Сопствен капитал + Долгорочни резервирања + Долгорочни обврски) / (Постојани средства + Залихи)

Врз основа на искуствата се смета дека друштвото има финансиска стабилност ако залихите се покриени од долгорочните извори на финансирање. Поради тоа контролната мерка за овој показател е 1,00. Коефициентот на финансиска стабилност на АД “А” за 2006 година е следниов:

Коефициент на финансиска стабилност = (59.421.506 + 520.883 + 3.786.437) / (42.478.715 + 9.942.333) = 1,22

Коефициентот на финансиска стабилност на АД “А” за 2005 година изнесува 1,26. Бидејќи коефициентот на финансиска стабилност е поголем од 1, може да се каже дека финансиската стабилност на АД “А” е многу добра.

Степен на самофинансирање[уреди | уреди извор]

Степенот на самофинансирање покажува во кој процент се покриени средствата од сопствени извори. Што е поголем процентот на сопствени извори (капитал и резерви) на финансирање се смета дека друштвото е финансиски постабилно. Меѓутоа, врз основа на анализа на односите на Билансот на состојбата во праксата се смета дека е оптимално кога средствата се покриени од сопствените извори во 50% износ.

Степенот на самофинансирање се пресметува на следниов начин:

Степен на самофинансирање(во %) = (Сопствен капитал * 100) / Вкупни средства (вкупна актива)

Степен на самофинансирање(во %) = (59.421.506 * 100) / 78.105.784 = 76,08 %

За 2005 година степенот на самофинансирање на АД “А” изнесува 79,82 %. Според тоа, АД “А” има многу висок степен на самофинансирање, што говори за висока солвентност и изразена финансиска стабилност.

Фактор на задолженост, број на години[уреди | уреди извор]

Факторот на задолженост, број на години, покажува колку години би биле потребни, со остварување на тековната добивка и амортизација да се подмират вкупните обврски. Факторот на задолженост се пресметува на следниов начин:

Фактор на задолженост, број на години = Вкупни обврски / (Добивка + Амортизација)

Врз основа на анализата на “идеалните” односи на Билансот на состојбата со вклучување на фактички статистички податоци може да се претпостави дека контролната мерка за овој показател е 5 години. Со други зборови, ако за покривање на вкупните обврски од добивката и амортизацијата потребно е помалку од 5 години, тогаш солвентноста е добра, а ако е потребно повеќе од 5 години задолженоста е превисока.

За АД “А” факторот на задолженост за 2006 година изнесува:

Фактор на задолженост, број на години = 18.684.278 / (1.067.705 + 5.381.320) = 2,90 години

Факторот на задолженост на АД “А” за 2005 година изнесува 2 години. Според тоа, задолженоста на АД “А” е многу ниска, што говори за јака солвентност. Факторот на задолженост покажува дека обврските ќе бидат вратени во краток рок благодарение на пресметката за забрзана амортизација.

Однос на покривање на каматите[уреди | уреди извор]

Односот на покривање на каматите говори за тоа колку пати трошоците за камата се покриени со износот на оперативната добивка. Тој покажува способност на друштвото да им го плати на кредиторите со камата позајмените пари односно способноста за задолжување.

Односот на покривање на каматата се пресметува на следниов начин:

Однос на покривање на каматата = (Добивка пред оданочување + Трошоци за камата) / Трошоци за камата

За АД “А” односот на каматите за 2006 година изнесуваат:

Однос на покривање на каматата = (1.267.888 + 1.943.310) / 1.943.310 = 1,65

Односот на покривање на каматите на АД “А” за 2005 година изнесува 2,28. АД “А” нема задоволителен однос на покривање на каматите. Меѓутоа, благодарение на одличните позиции на ликвидноста и солвентноста, може кредитно да се задолжи врз товар на добивката ако тоа им одговара на акционерите.

Показатели на деловна активност[уреди | уреди извор]

Анализата на активноста на друштвото е значајна поради тоа што таа може да ги открие причините за незадоволителната профитабилност и да укаже на можноста за нејзино подобрување. Фактот кој често се занемарува е дека друштвото па и вкупното стопанство кое има недоволна активност тешко може да оствари задоволителни резултати. При недоволна активност релативниот удел на фиксните трошоци расте, а се намалува добивката. Тоа значи намалување на трошоците може да се постигне единствено со зголемена активност која ќе биде на задоволително ниво. Анализата на активноста треба да покаже кое ниво на активност е потребно за да се остварат задоволителни резултати.

Коефициент на обрт на вкупните средства[уреди | уреди извор]

Коефициентот на обрт на вкупните средства е основен показател на активноста на друштвото. Тој покажува колку секоја парична единица на средства генерира приходи. Коефициентот на обрт на вкупните средства се пресметува на следниов начин:

Коефициент на обрт на вкупните средства = Приход / Просечно користени средства

или

Коефициент на обрт на вкупните средства = Вкупен приход / Вкупни средства(вкупна актива)

Просечно користените средства може да се пресметаат така што износот на средствата од Билансот на состојбата од тековната година ќе се собере со износот на средствата од Билансот на состојбата од претходната година и ќе се подели со два.

Коефициент на обрт на вкупните средства = 46.633.393 / (74.425.822 + 78.105.784) / 2 = 0,61

Коефициентот на обрт на вкупните средства од 0,6 покажува дека обртот на средствата е 0,6 пати во 2006 година, односно дека приходот изнесува 61 % во однос на користените средства. Во пресметката е земен вкупниот приход, а не приходот од продажба затоа што се поаѓа од претпоставката дека вкупните средства создаваат вкупен приход.

Коефициентот на обрт на вкупните средства е груб показател за активноста на друштвото, бидејќи средствата во Билансот на состојбата може да бидат преценети или потценети. Притоа, кај споредбата на друштвата меѓусебно или кај одредувањето на контролната мерка треба да се биде внимателен, бидејќи производната дејност по правило има помал коефициент на обрт на средства од трговијата и услугите.

Често се смета дека класичните производни дејности за добар деловен резултат би требало да остварат приход најмалку во висина на просечнокористените средства.

Динамика на приходите[уреди | уреди извор]

Динамиката на приходите е дополнителен показател за активноста кој укажува на нејзиното динамичко движење.

Врзување на залихите во денови[уреди | уреди извор]

Врзувањето на залихите во денови правилно би било да се пресмета на следниов начин:

Врзување на залихите во денови = 360(или 365) / Коефициент на обрт на залихите

Коефициент на обрт на вкупните средства = Просечна состојба на залихите / Трошоци за продажба

Врзување на залихите во денови = Просечна состојба на залихите * 360 / Трошоци за продажба

Бидејќи од финансиските извештаи е скоро невозможно да се утврдат трошоците за продажба, во тој случај пресметката ќе се изврши на следниов начин:

Врзување на залихите во денови = [(Залихи од Билансот на состојбата од тековната година + Залихи од Билансот на состојбата од претходна година * 360) / 2] / Трошоци за продажба

или

Врзување на залихите во денови = (Залихи од Билансот на состојбата од тековната година * 360) / ТПриходи од продажба

Врзување на залихите во денови = [(9.942.333 + 9.815.941) * 360 / 2] / 44.317.566 = 80,25 денови или приближно 81 ден

Приход по вработен[уреди | уреди извор]

Приходот по вработен е дополнителен показател за активноста. Меѓутоа, тој треба да се зема многу внимателно и со резерва, бидејќи на него влијаат промените во технологијата и други фактори.

Бројот на вработените во АД “А” во 2006 и 2005 година е 241.

Показатели на профитабилност[уреди | уреди извор]

Показателите на профитабилност се сметаат за најважни показатели при оценка на бонитетот на друштвото. Поради тоа треба да им се посвети посебно внимание. Иако пресметката на показателите на профитабилност изгледа едноставна, анализата ќе покаже дека тоа не е така. Поради тоа пресметаните показатели дополнително се анализираат. Потоа, се дава вкупна оценка за профитабилноста.

Враќање на сопствениот капитал (РОЕ)[уреди | уреди извор]

Враќањето на сопствениот капитал (капитал и резерви) е најважен показател за профитабилност. Начинот на пресметување се изведува од основниот општ модел за пресметување на враќањето на инвестиции:

Враќање на инвестиции = Добивка / Инвестирано

Со употреба на различни категории добивка и ангажиран капитал се добиваат различни модели за пресметување на враќање на вложувањата.

Враќањето на сопствениот капитал се пресметува на следниов начин:

Враќање на сопствен капитал(РОЕ) = Нето добивка од тековната година / Просечно ангажиран (користен) сопствен капитал

Меѓутоа, ако се работи за акционерско друштво кое има приоритетни акции тогаш дивидендата врз основа на приоритетни акции треба да се исклучи од добивката, а сопствениот капитал во форма на приоритетни акции треба да се исклучи од користениот капитал. При внесувањето на податоците за користен сопствен капитал се појавуваат одредени дилеми кои треба да се решат.

Исправно би било да се пресмета стварно ангажираниот сопствен капитал за деловната година вклучувајќи ја и временската димензија на неговото користење ако имало промени во текот на годината.

Притоа останува дилемата дали треба на одреден начин да се вклучи во сопствениот капитал и остварената добивка во текот на набљудуваната деловна година. Тоа зависи од начинот на обработката на вложениот капитал. Ако вложениот капитал се смета како еднократна инвестиција како кај вложувањето депозит во банка заради заработувачка на камата, добивката од тековната година не се вклучува во ставката на користен сопствен капитал. Ако вложениот капитал се смета како континуирана инвестиција тогаш се поаѓа од претпоставката дека добивката од тековната година се заработува и реинвестира во текот на годината.Во тој случај добивката од тековната година се вкучува во ставката за користен сопствен капитал. Добивката од тековната година најправилно би било да се вклучи во просечниот годишен износ, што значи 50 % од конечниот износ.

Враќање на средствата (РОА)[уреди | уреди извор]

За пресметување на враќањето на средствата би требало да се користи оперативна добивка, т.е. добивката пред одданочување зголемена за трошоците од камата, меѓутоа вообичаено се зема добивката по одданочување. Во примерот е земена добивка по одданочување.

Нето враќање на средствата(РОА) = Нето добивка од тековна година / Просечно користени средства

Просечно користените средства се пресметуваат така што се собираат средствата од Билансот на состојбата од тековната година и средствата од Билансот на состојбата од претходната година па се дели со два.

Нето враќање на средствата(РОА) = Нето добивка од тековната година / [(Вкупни средства од претходната година + Вкупни средства од тековната година) / 2]

Нето враќање на средствата(РОА) = 1.067.705 / [(74.425.822 + 78.105.784) / 2] = 0,0140 или 1,40 %

Профитна маржа[уреди | уреди извор]

Менаџерите најчесто профитната маржа за утврдување на профитабилноста ја пресметуваат на следниов начин:

Профитна маржа = Добивка / Приход

Во зависност од тоа кои категории на добивки и приходи се земаат постојат и различни модели за пресметување на профитната маржа како што се: бруто профитна маржа, оперативна профитна маржа и нето профитна маржа. Профитната маржа се пресметува на следниов начин:

Удел на добивка по оданочување во вкупниот приход(%) = Добивка по одданочување / Вкупен приход

Удел на добивка по оданочување во вкупниот приход(%) = 1.067.705 * 100 / 46.633.393 = 2,29%

Нето останат профит (добивка)[уреди | уреди извор]

Нето останатиот профит се пресметува на следниов начин:

Нето останат профит = Добивка од тековната година - Пазарна цена на капиталот

Ако нето останатиот профит е позитивна величина тогаш сопствениците на капиталот заработуваат во друштвото повеќе отколку што би можеле да остварат врз основа на алтернативни релативно безизречни вложувања. Ако нето останатиот профит е негативна величина тогаш таа покажува опортунитетна загуба на сопственикот на капиталот во однос на добивката која може да се оствари врз основа на алтернативни вложувања.

Пазарната цена на сопствениот капитал се пресметува врз основа на различни модели обработени во странската литература. Меѓутоа, бидејќи кај нас финансискиот пазар не е доволно развиен цените на сопствениот капитал може да се изведат со помош на алтернативно вложување со поврзано штедење во банка. Тоа значи дека и пазарната цена на капиталот ќе варира зависно од промените на каматните стапки.

Профит (добивка) по вработен[уреди | уреди извор]

Профитот по вработен се пресметува на следниов начин:

Профит по вработен = Добивка од тековната година / Просечен број вработени врз основа на работни часови

Тоа е податок кој дополнително се користи за потполност на сликата за профитабилност на набљудуваното друштво.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Репрезент“ – стручно списание на Рафајловски консалтинг број 3 март 2005 година
  2. „Репрезент“ – стручно списание на Рафајловски консалтинг број 4 април 2006 година
  3. „Репрезент“ – стручно списание на Рафајловски консалтинг број 5 мај 2007 година

Надворешни врски[уреди | уреди извор]