Награда за превод „Драги“

Од Википедија — слободната енциклопедија

Награда за превод „Драги“ — награда за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ е воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му било доделено на Драги Михајловски (1951-2022) - писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Наградата треба да ја стимулира преведувачката дејност и да го подигне квалитетот на преведените дела.[1].

Оваа награда најпрво му била доделена на писателот Драги Михајловски кој остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот итн. Тој објавил и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше и на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор.

Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ е воспоставена за да се направи вреднување на преведувачката продукција во Македонија, како и да се истакне вредноста и важноста на преведувањето за нашиот културен простор. Наградата се состои од плакета и статуетка „Драги“.

За наградата може да се учествува со книги објавени во периодот меѓу 1 јули претходната година до 30 јуни од тековната година.

Објавените книги мора да бидат преведени од изворниот јазик, а може да се конкурира со дела преведени од „живи“ и од класични јазици (арапски, старогрчки, санскрит и латински јазик). Наградата се доделува за превод на дела од сите книжевни видови: проза, поезија и драма. Право на номинација за наградата имаат издавачки куќи, здруженија на граѓани и преведувачи. Секоја издавачка куќа или здружение на граѓани имаат право да номинираат најмногу пет книги, а секој преведувач има право да номинира најмногу две книги.

Еден преведувач не може да биде номиниран со повеќе од еден превод.

Номинираните книги може да бидат објавени во хартиена форма или како електронски изданија и мора да имаат ЦИП-запис од Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ – Скопје.

За наградата „Драги“ во 2023 година биле номинирани 37 преведувачи од 16 издавачи и едно приватно издание.[2].

Наводи[уреди | уреди извор]