Момичек

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Момичек
МестоБелица, Порече, Македонија Македонија
Должина90-110 m[1]

Момичек е пештера која се наоѓа на западните падини на планината Даутица, околу 1.5 km југоисточно од поречкото село Белица. Влезот на пештерата е на 850 м н.в. и е со северна експозиција. Пештерата е изградена во калцитски мермери со прослојци од доломити со прекамбриумска старост. Вкупната должина на пештерските канали на пештерата Момичек изнесува од 90 до 110 m[1] и важи за една од наколоритните пештери во Македонија.[2]

Карактеристики[уреди | уреди извор]

Морфометриски карактеристики.

На една издолжена пукнатина се имаат формирано два отвора, од кои само едниот се користи како влез на пештерата, поради неговите димензии: 3 x 1.5 m. Влезниот дел на пештерата е претставен со вертикален канал со длабочина од 6 m. Првата пештерска сала е експонирана кон југ. Нејзините димензии се: должина 25 m, широчина 6 - 13 м m височина 4 - 10 m. Подот на салата е инверсен, со вредност од 10 - 20°. Истиот е покриен со крупни карпести блокови сурнати од таванскиот дел. Во истиот правец продолжува друга пештерска сала која од првата е одвоена со карпести блокови. Нејзините димензии се 12 x 10 m и височина 4 m. Во правец запад-исток има пештерски канал кој е преграден со масивни карпести блокови, сурнати од таванскиот дел, и подоцна формирани пештерски украси. Западно од "преградата" неговите димензии се: должина 12 м, широчина 8 м и височина 5 м. Кон исток има две пештерски езера чии димензии се: 3 x 2 m и 2 x 1.5 m. Од овој канал чија должина е 20 m, кон север има помала пештерска сала (5 x 7 m). Од главниот пештерски канал кон исток има три конформни канали чии дна се покриени со глина. Нивната вкупна должина изнесува околу 10 m.

Хидролошки карактеристики

Од хидрографските објекти во пештерата се евидентирани две пештерски езера чии нивоа осцилираат во зависност од дотекот на вода. Температурата на водата им е еднаква и изнесува 9°C (ссотојба 2006).

Геоморфолошки карактеристики

Пештерата Момичек припаѓа на групата прави пештери чии пештерски канали се распоредени на едно ниво. Пештерските канали наизменично се сменуваат во инверзни и конформни. Акумулативните подземни форми се застапени во пештерскиот канал со правец запад-исток. Тие се претставени со сливови, сталактити, сталагмити, корали, драперии. Истите се со маркантни димензии, некои се простираат од таванот до дното на каналите. Нивната боја е црна, бела и жолта.

Постанок на пештерата

Траги од механичка ерозија во пештерата не се забележуваат. Единствено се забележува хемиската ерозија преку процесот на сурнување на карпести блокови од тавнскиот дел (особено во каналот со правец севр - југ). Подоцна започнува акумулативната улога на водата прокапница чии траги се формираните пештерски украси врз сурнатите карпести блокови.

Останати карактеристики

Влезниот дел на пештерата е обраснат со мов поради влажноста од пештерата и дневната светлина. Од крупната рецентна фауна, во текот на неколкуте истражувања, не биле забележани примероци иако во влезниот дел на пештерата има коски од изумрени животни. Во поглед на климатските карактеристики температурата на воздухот во пештерата е со вредност од 13°C, а надворешната температура е 21°C (состојба во 2006).

Спелеолошки парк

До Министерството за екологија од страна на спелеолошкото друштво „Пеони“ било поднесено барање местото Белица да биде прогласено за спелеолошки парк. Барањето се однесувало на три пештери од овој реон и тоа: Голубарник, Лапарник и Момичек, кои треба да бидат заштитени со законот за природни реткости и убавини.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Балкански спелолошки собир 2010 - 8-11 април во Белица“ (македонски). Јавното претпријатие за управување и заштита на повеќенаменското подрачје "Јасен". 2011. конс. 2011-10-02. 
  2. „Пештери и пропасти во Македонија“ (македонски). Спелеолошка федерација на Македонија. конс. 2011-10-02.