Мало претпријатие

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Малопродажна продавница како пример за мало претпријатие

Мало претпријатие — вид на претпријатие во приватна сопственост коешто по бројот на вработени и остварениот приход е помало од средно претпријатие.

Дефиниција[уреди | уреди извор]

Во сите национални законодавства се поаѓа од квалитативни и квантитативни критериуми за одредување на големината на едно претпријатие. Во квантитативни критериуми влегуваат: обемот на продажба, бројот на вработени, висината на остварена добивка, пазарното учество на претпријатието и сл. Различни земји применуваат различни методологии и критериуми за да извршат дефинирање на малите и средни претпријатија.

Македонија[уреди | уреди извор]

Во Македонија, поделбата на мали и средни претпријатија е направена во Законот за троговски друштва донесен во 2004 година. Согласно овој закон, трговците се делат на големи, средни, мали и микро-трговци во зависност од бројот на вработените, годишниот приход и просечната вредност на вкупните средства по годишните сметки во последните две пресметковни години. Во првата година од работењето, трговецот се распоредува според проценетиот обем на своето работење, а во втората според податоците од претходната година на работењето.

Европска Унија[уреди | уреди извор]

Со цел да се подобри пристапот кон претприемништвото во Европската Унија, да се поедностави законската и политичката средина за малите и средни претпријатија, како и да се отстранат сите останати пречки за нивниот развој донесен е Актот за мали претпријатија за Европа. Тој претставува сеопфатна рамка за политиката на Европската Унија кон малите и средни претпријатија.[1] Главните приоритети на актот се:

  • промовирање на претприемништвото;
  • помал регулаторен товар;
  • пристап до финансии; и
  • пристап до пазари и интернационализација.

Актот не е законско барање, туку водич кон низа мерки коишто секоја земја треба да ги воведе — прилагодени на нејзините потреби — на патот кон усогласување со законодавството на Европската Унија. Актот за мали претпријатија се потпира на десет принципи со чиешто имплементирање земјите членки на Унијата ќе се справат со пречките кои го ограничуваат потенцијалот за раст на малите и средни претпријатија. Тие десет принципи се:

  1. Претприемништво: создавање околина во која претприемачите и семејните претпријатија ќе можат да напредуваат, а претприемништвото да се наградува.
  2. Втора шанса: да им се овозможи втора шанса за успех на искрени претприемачи кои доживеале неуспех.
  3. Прво мисли како мал: проектирање на правила за малите и средни бизниси според овој принцип.
  4. Одговорна администрација: јавната администрација да одговара на потребите на малите и средни претпријатија.
  5. Државна помош и јавни набавки: прилагодување на алатките на јавната политика да одговараат на потребите на малите и средни претпријатија, како и олеснување на нивното учество во јавните набавки и подобар пристап до државната помош наменета за мали и средни претпријатија.
  6. Пристап до финансии: олеснување на пристапот до финансии на малите и средни претпријатија и развој на правно и деловно окружување погодно за нивните посебни барања.
  7. Единствен пазар: помагање на малите претпријатија да искористат повеќе од можностите кои ги нуди единствениот отворен пазар.
  8. Вештини и иновации: промовирање на сите видови иновации и зголемување на вештините на работната сила во малите претпријатија.
  9. Опкружување: овозможување на малите претпријатија да ги преобразауваат предизвиците од окружувањето во економски можности.
  10. Интернационализација: охрабрување на малите и средни претпријатија да го искористат растот на глобалните пазари и давање на поддршка во реализација на оваа цел.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Desquitado, Tara. „5 Ways Europe Prioritizes SMEs, The 'Backbone' of its Economy“. The Sociable. Посетено на 8 January 2018.

Користена литература[уреди | уреди извор]

  • Stefanović I., Milišević D. and Miletić S. (2009). „Significance and development problems of SMEs in contemporary market economy“, Serbian Journal of Management, 4(1), pp. 127–136.
  • „Закон за трговски друштва“, Службен весник на Република Македонија, бр. 28/04.