Макеата и двете сирачиња

Од Википедија — слободната енциклопедија

Макеата и двете сирачиња — македонска народна приказна.

Приказната е објавена во 1999 година, од страна на издавачката куќа „ФОС“ од Скопје, во едицијата сликовници под наслов „Македонски народни приказни“. Текстот на сликовницата го напишала Шенка Колозова, по кажување на Ристо Колозов, илустрациите биле дело на Славко Данев, а сликовницата била испечатена во печатницата СОБО од Скопје. Сликовницата има 20 страници, таа е каталогизирана во Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје и ја носи меѓународната ознака ISBN 9989-667-02-0.

Содржина[уреди | уреди извор]

На едне човек му умрела жената и тој останал сам со две деца. По некое време, тој се оженил со лоша жена, која постојано ги терала децата да работат и им давала да јадат само по едно парче леб. Еден ден, таа ги избркала од куќата, а на мажот му кажала дека децата ѝ го украле златниот прстен и дека избегале. Таткото отишол да ги бара, а кога виделе дека тој ќе ги стигне, децата фрлиле чешел, кој се претворил во трње. По некое време, таткото повторно ги стигнал, но тие фрлиле огледало, кое се претворило во големо езеро. Кога таткото ги стигнал по третпат, тие ги фрлиле врвците со кои мајка им ги врзувала плетенките и тие се претвориле во змии, така што татко им побегнал.

Кога стигнале во планината, братот заминал да најде храна, а сестрата го чекала, качена на едно дрво. Во меѓувреме, тука поминал еден принц, кој ги поканил кај себе во дворецот. Тие му кажале на принцот за своите маки и принцот ги затворил таткото и маќеата на децата. Истовремено, принцот се оженил со девојката, а нејзиниот брат се оженил со една убава дворјанка и така тие си живееле среќно.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Макеата и двете сирачиња, ФОС, Скопје, 1999.