Кодификација на македонскиот стандарден јазик

Од Википедија — слободната енциклопедија
Решение за македонската азбука, донесено на 5 мај 1945 година

Кодификацијата е прифаќање и систематизација на јазични правила и закони и пропишување задолжителна јазична норма. Таа претставува значаен чин во историјата на еден народ.

Кодифицираниот јазик е нормиран јазик.

Кодификацијата на Македонскиот јазик е поврзана со следниве историски настани:

Македонската државност се зацврстува со историските решенија на Првото заседание на АСНОМ. Меѓу тие решенија од особено значење е Решението за воведување на македонскиот литературен јазик како службен во македонската држава.

Исто така Президиумот на АСНОМ како највисоко тело на македонската држава, во ноември 1944 година назначил комисија која требало да поднесе предлог за азбука и правопис на македонскиот јазик.

Првата комисија не ги оформила целосно своите ставови, па, со извесни измени во составот на комисијата прашањето за азбуката и правописот се изјаснило во мај 1945 година. Притоа се поставиле следниве принципи:

  • Во македонскиот литературен јазик треба да се установат оние форми од централните говори што во најголем степен ќе ги поврзат сите наши говори и ќе бидат лесно применливи за луѓето од сите наши краишта.
  • Во македонскиот литературен јазик треба до најголем степен да се изрази неговата народна основа. Речникот на литературниот јазик да се обогатува со зборови од сите наши дијалекти, да се изградуваат нови зборови со живи наставки, и само колку што е потребно да се усвојуваат и туѓи заменки.
  • Македонската азбука да биде составена од толку букви колку што има гласови во литературниот јазик. Правописот да се изработи врз фонетскиот принцип.

(Блаже Конески, Граматика на македонскиот литературен јазик, Култура, Скопје, 1982, стр. 56.)

Комисијата за азбука и правопис во дефинитивна форма ги формулира своите ставови во Резолуција, донесена на 3 мај 1945 година. Таа е усвоена на 5 мај 1945 година од Народната влада на федерална Македонија.

Правописот на македонскиот јазик е озаконет на 7 јуни 1945 година.

Донесувањето на азбуката и правописот претставува значаен придонес во чинот на кодификацијата на македонскиот литературен (стандарден) јазик. Со тоа се олеснува стандардизацијата на јазичната норма во јазичната практика.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]