Клас

Од Википедија — слободната енциклопедија
За соцветието, видете Клас (соцветие).

Класот е релативно постојана работна заедница на ученици на приближно еднаква возраст (временска и умствена) и приближно еднакви предзнаења, кои водејќи се по заедничкиот наставен план и програма под непосредно водство на наставникот, систематски се стекнуваат со образование и воспитување. Се споменува и постарото име – годиште како ознака на група ученици со подеднакви години живот, односно подеднакви години на школување.

Историски развиток[уреди | уреди извор]

Сè до 17 век во наставата доминирало поединечното поучување на ученикот. Иако наставникот пред себе имал поголема група ученици, сепак директно работел со поединци. Останатите во тоа време самостојно учеле според претходно добиените задачи од наставникот. Поединечното поучување било условувано од хетерогениот состав на учениците по возраст и предзнаење. При тоа треба да се има на ум дека само некој процент од младото поколение бил опфатен со школувањето.

Со економскиот развој на општеството расте потребата за образование на граѓаните, а исто така и за повисокиот степен на образование, па школувањето мора да биде помасовно. Но, со преминот на масовно школување на младото поколение се бара поекономична организација на наставата со формирање класови како постојани и хомогени социолошки формации на ученици во кои наставникот истовремено работел со сите ученици.

Така, со воведување на класот и класната настава, од поединечно поучување на поединци се преминува на истовремена работа со постојана група на ученици.

Клас и одделение[уреди | уреди извор]

Од поимот клас треба да се разликува поимот одделение. Тоа е исто така релативно постојана група на ученици кои истовремено ги поучува еден наставник или наизменично неколку наставници во иста училница. Значи, поимот одделение вклучува ознака за простор (просторен поим), а поимот клас означува година односно степен на школување (временски поим).

Во училишната пракса можат да постојат различни односи меѓу класовите и одделенијата. Некаде еден клас се совпаѓа со едно одделение, односно едно одделение воедно прави и еден клас. Така на пример, во основно училиште може да постои едно одделение од петти, шести, седми и осми клас. Во училиштата со поголем број ученици, пред сè, во централните училишта, постојат повеќе одделенија од истиот клас на пример Va, Vб, Vв итн. Римскиот број го означува класот, а буквите одделението. Тоа се т.н. паралелни одделенија на исти клас. Од двата примера тоа се т.н. чисти одделенија затоа што во секое одделение се ученици од исти клас.

Меѓутоа, некаде поради малиот број ученици, пред сè во малите основни училишта (т.н. џуџести училишта), учениците на два или повеќе класа се спојуваат во едно одделение. Тоа се комбинирани одделенија, на пример комбинирано одделение I и II, III клас и IV клас и сл.

Според тоа, едно основно училиште од осум класа може да има различен број одделенија, што зависи од бројот на ученици. Бројот на учениците во едно одделение се регулира според видот и степенот на училиштето и според тоа одделението е чисто или комбинирано. Со оглед на педагошките и хигиенските причини, најдобро би одговарало во чистите одделенија во основното училиште да бидат од 30 до 35 ученика, а во средното училиште 25 до 30 ученика. Ако во основното училиште има повеќе од 45 ученика на исти клас, а во средното повеќе од 40 класот ќе се дели на две паралелни одделенија. Во комбинираното одделение, бројот на учениците се одредува според бројот на споени класови, колку што во одделението има повеќе класови, толку треба да има помалку ученици.

За формирање на бројот на одделененија одлучува наставниот совет во соогласност со просветно-педагошката служба. Учениците од исто одделение прават работна и животна заедница која со систематско воспитание и образование се формира во чист колектив. Бидејќи колективот на учениците не е даден готов, туку се формира со педагошки постапки, формирањето на работниот колектив на ученици е посебен педагошки процес.

Дидактички погледи[уреди | уреди извор]

Од дидактичко гледиште, класовите и класните одделенија треба да се формираат за да се создадат поволни услови за единствена работа со сите ученици според пропишаниот наставен план и програма. Тоа ќе биде можно ако класното одделение е постојана група на ученици со приближно подеднаква возраст и предзнаење. Константноста на групата е услов да се формира класен колектив, а подеднаквата возраст и подеднаквото предзнаење е предуслов со сите истовремено да се изведува наставната работа. Од аспект на тоа, секое класно оддеение донекаде е хомогена група ученици, иако хомогеноста никогаш не е потполна и апсолутна.

Во историјата на наставата имало обиди да се формираат потполно хомогени класови според психофизичките особини на учесниците за да со тоа се создадат уште поповолни услови за максимлано развивање на нивните поединечни способности. Имено, се сметало дека класовите со хетероген состав овозможуваат поволни услови за поинтензивен поединечен напредок на секој ученик, односно дека во класот со хетероген состав најдобро поминуваат т.н. просечни ученици, а надарените не доаѓаат до израз поради тоа што наставата им е прелесна и затоа неинтересна, додека на слабите им е претешка, не можат да ја следат со останатите ученици и поради тоа заостануваат. Во настојувањето подобро да се искористат поединечните разлики на учениците се барале различни мерила за формирање хомогени класни одделнија во кои поединечните разлики потполно би ги сменило или барем би се смалиле.

Меѓутоа обидот за формирање потполно хомогени класови значел педагошка утопија, затоа што таквите апсолутни еднаквости меѓу учениците не можеле да се утврдат, ниту такви еднаквости меѓу учениците реално постојат. Секој ученик е поединечност за себе во многу работи, па според тоа класот е група на ученици со различни поединечност. Поради тоа и настојувањето на формирање потполно хомогени класови впрочем водело кон нивелирање на поединечните разлики и унифицирање на наставната работа, што било негативно. Освен тоа, во помалите училишта формирањто на хомогени класови практично е неспроведливо затоа што во секој клас има ученици само за едно одделение.

Кога во одредувањето на поимот клас земеме предвид подеднаква возраст и предзнаење, на ум го имаме општиот психофизички развој на учениците на одреден развоен степен како основен предуслов за заедничка наставна работа. Одредената хетерогеност на класот која произлегува од специфичните поединечни разлики меѓу учениците не е препрека да се работи по заеднички наставен план и програма и да се формира класен колектив. Поединечните разлики на учениците наметнуваат потреба за поголема диференцијација и индивидуализам на наставата, а не создавање на еднакви индивидуалитети.

Поради тоа тенденцијата за формирање класни одделенија по посебен критерим (пол, умствена возраст, коефициент на интелигенција и сл.) е педагошка предрасуда од класното општество. Исклучок од тоа се единствено специјалните класови и специјалните училишта за психички и физички дефектни деца, односно т.н. развојни одделенија во основните училишта за психички ретардирани деца.

Иако класот е постојана група, односно социолошка формација на ученици со кои наставникот заеднички работи, сепак работата во наставата може повремено да се дели на помали групи, па сè до поединечни должности. Таква поделба на работата ја диктираат објективни причини според посебните задачи на наставата, како и субјективни причини за индивидуализација на наставата.