Кавалерија Рустикана

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Кавалерија рустикана (италијански: Cavalleria rusticana) - опера во еден чин, дело на италијанскиот композитор Пјетро Маскањи.

Ликови[уреди | уреди извор]

Во операта се појавуваат следниве ликови:[1]

  • Сантуца - млада селанка
  • Туриду - нејзиниот свршеник
  • Алфио - колар
  • Лола - неговата жена
  • Лучија - мајката на Туриду

Содржина[уреди | уреди извор]

Дејството се случува во едно село во Сицилија, вечерта пред Велигден. Младата девојка Сантуца се упатува кон домот на својот сакан Туриду, со цел да разговара со него. Меѓутоа, таа е сведок на тајната средба на Туриду и Лола, жената на коларот Алфио. Инаку, пред да замине во армијата, Туриду бил свршен со Лола, но потоа таа се омажила за имотниот Алфио. По враќањето од армијата, разочараниот Туриду побарал утеха во прегратките на селанката Сантуца. Совладана од љубомората, Сантуца ѝ кажува на Лучија, мајка му на Туриду, каков грев направил нејзиниот син. На тоа се надоврзува и Алфио, кој по подолго време се вратил во селото и кој кажува дека и тој го видел Туриду како се вртка околу неговата куќа. Зборовите на Сантуца и Алфио ја фрлаат Лучија во сомнеж и страв. По некое време, на сцената доаѓа и Туриду. Сантуца сака да зборува со него, но се појавува Лола, која заедно со Туриду заминува во црквата. Селаните ја сметаат Сантуца за грешница и ѝ ја затвораат портата на црквата, така што таа останува сама и отфрлена од сите. Кога пристигнува Алфио, таа му кажува за прељубата на Лола и тој се заканува дека ќе му се одмазди на Туриду. Сантуца се кае за својата постапка и, за да го спаси саканиот, заминува да ги викне карабинерите со цел да го спречат Алфио. По црковната служба, Туриду ги поканува другарите да се напијат во неговата кафеана. Таму, доаѓаат и Лола о Алфио, а Туриду ги гледа како танцуваат. По острата расправија, Алфио и Туриду закажуваат двобој. Туриду ѝ се обраќа на својата мајка, со молба да ја чува Сантуца, ако тој не се врати. Лучија сè уште не сфаќа што се случува, а кога пристигнува Сантуца со карабинерите, веќе е доцна, зашто се слуша гласот дека Туриду е мртов.[1]

Изведби во Македонија[уреди | уреди извор]

На 31 октомври 2017 година, Македонската опера и балет премиерно ја извела операта „Кавалерија рустикана“. Диригент бил Џанлука Мартиненги, режисер бил Џандоменико Вакари, сценографијата била дело на Зоран Николовски, а костимограф била Елена Донева. Улогите ги толкувале: Весна Ѓиновска Илкова (Сантуца), Ѓорѓи Цуцковски (Туриду), Борис Трајанов (Алфио), Николина Јаневска (Лола) и Марика Поповиќ (Лучија). Неколку дена подоцна, на 3 ноември, операта била прикажана со друга постава, и тоа: Сандра Митровска (Сантуца), Зоран Сотиров (Туриду), Ристе Велков (Алфио), Катерина Стојановска (Лола) и Елена Тасевска (Лучија), а режисер бил Иван Еминовиќ.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 Македонска опера и балет, Пјетро Маскањи, Кавалерија Рустикана (премиера), Скопје, 2017.