Зоранчо Малинов

Од Википедија — слободната енциклопедија

Зоранчо Малинов е доктор на етнолошки науки и универзитетски професор.

Историја[уреди | уреди извор]

Роден е на 23.10.1964 година во Штип, каде што завршил основно и средно образование - гимназија. Магистрирал во 1999 година на одделот за етнологија на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Белград, а докторирал во 2005 година на Институтот за етнологија и антропологија на ПМФ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од 1995 година работи во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје како истражувач на народните обичаи, а во периодот 2011-2019 бил и директор на оваа реномирана научна институција од областа на истражувањето на традиционалната култура на македонскиот народ. Во периодот 2006-2012 година хонорарно е ангажиран како наставник на Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, а од 2007 година и како наставник по група етнолошки предмети на студиската програма по етнокореологија на Музичката академија при штипскиот универзитет „Гоце Делчев“. Во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, како негова матична институција е вклучен и на студиите од втор и трет циклус на студиската програма по фолклористика. Неговиот научен интерес е насочен кон етнологијата на македонскиот народ првенствено кон истражувањето на обредите, обичаите, култовите, верувањата, празниците, народната религија, обредниот фолклор, културните ареали, акултурацијата на населението и др. Учесник е во над десетина домашни и меѓународни научноистражувачки проекти, а има учествувано и во над 40-ина научни собири во земјава и странство. Автор е на неколку монографски трудови и на над 70-ина научни статии од областа на етнологијата и фолклористиката.[1] Автор е и на елаборатот за валоризација на нематеријалното културно добро „Св. 40 маченици - Чет’рсе во Штип“ (Feast of the Holy Forty Martyrs in Štip), кое претставува и првото нематеријално културно добро од Република Македонија поставено во 2013 година на претставителниот список на нематеријалното културно наследство на човештвото што ја изготвува светската организација за образование, наука и култура - УНЕСКО.[2] Добитник е и на награда (признание) од Општина Штип за особен придонес и постигнувања во афирмацијата на Општината во 2011 г.

Библиографија[уреди | уреди извор]

  • Посмртните обичаи во Брегалничката област, Институт за фолклор „Марко Цепенков“, посебни изданија, кн. 36, Скопје, 2001.
  • Традицискиот народен календар на Шопско-брегалничката етнографска целина, Институт за фолклор „Марко Цепенков”, посебни изданија, кн. 68, Скопје, 2006.
  • Етнолошка монографија на Зрново (Драмско), Егејска Македонија, „Камелеон“, Скопје, 2009.
  • Ѓурѓовден во Република Македонија (соавтор), уредник: д-р Зоранчо Малинов, Институт за фолклор „Марко Цепенков“, посебни изданија, кн. 84, Скопје, 2018.

Наводи[уреди | уреди извор]