Зоопланктон

Од Википедија — слободната енциклопедија
Веслоного ракче (Calanoida sp.).
Крил (Meganyctiphanes norvegica).

Во составот на зоопланктонот припаѓаат речиси сите видови на праживотни (Protozoa) и најмалите претставници од животинското царство. Покрај тоа, во оваа група се вбројуваат и некои јајца на рибите како и ларви од ракчиња, прстенести црви, риби, жаркари, школки итн.

Во зоопланктонот на копнените води се вбројуваат различни праживотни, ротифери, водни болви (Cladocera) и веслоноги (Copepoda). Од праживотните се среќаваат Flagellata, Rhizopoda, Testacea, Heliozoa и Ciliata. Последниве се особено бројни во органски оптоварени води и многу видови се добри индикатори за сапробност на водата. Често, доминантна зоопланктонска група во копнените води се ротиферите. За разлика од слатките води, океанско-морскиот зоопланктон е побогат со видови. Така, во него се среќаваат и претставници од т.н. желатинозен зоопланктон (или Gelata), каде се вклучени медузите (Scyphozoa и Cubozoa) заедно со медузовидните претставници на реброносците, салпите (Thaliacea), апендикулариите (Larvacea), стрелестите црви (Chaetognatha) и некои пелашки полжави од типот Mollusca. Последниве, всушност, се и едни од најчестите планктонски животни. грабливите хетероподи поседуваат единечна пловна перка за придвижување во водата. Птероподите, за разлика од претходните, имаат еден пар на пловни крила, па затоа одредени видови се познати и како морски пеперутки, по начинот на кои ги движат крилата. Друга група на птероподи користи различни типови на мукусни мрежи за гризење на фитопланктонот и други мали честички. Трета група од птероподите е граблива и користи сложени усни структури за фаќање на желатинозен плен.