Закупничката на Вајлдфел Хол

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
„Закупничката на Вајлдфел Хол“  
The Tenant of Wildfell Hall.jpg
Автор Ен Бронте
Наслов на
оригиналот
The Tenant of Wildfell Hall
Земја Обединето Кралство
Јазик Англиски
Жанр(ови) општествена критика
Издавач Томас Котли Њуби
Издадена јуни 1848
Страници ~370
Претходна Агнес Греj

Закупничката на Вајлдфел Хол (анг.The Tenant of Wildfell Hall) е втор и последен роман на англиската писателка Ен Бронте. Првпат бил издаден во 1848 година под псевдонимот Актон Бел. Како најшокантен роман напишан од сестрите Бронте, веднаш доживеал огромен успех. Меѓутоа, по смртта на Ен, нејзината сестра Шарлот не дозволила романот пак да биде објавен.

Романот е во форма на писмо напишано од Гилберт Маркам до неговиот пријател и зет во кое се опишани настаните при запознал својата жена.

Млада мистериозна вдовица и нејзиниот син пристигнуваат во Вајлдфел Хол, куќа во елизабетански стил. Таа се претставува под лажното име Хелен Грејам и наскоро станува жртва на локалните клеветења. Гилберт не сака да верува дека таа е поврзана со било какви скандали и ги открива нејзините мрачни тајни. Хелен во својот дневник пишува за физичкото и моралното пропаѓање на својот сопруг поради алкохолот, како и за развратниот и суров свет од кој побегнала. Оваа емотивна приказна за предавство е испреплетена со строга морална основа и е ублажена со вербата на Ен во универзално покајание.

Закупничката на Вајлдфел Хол се смета за еден од првите феминистички романи. Во 1913 година, Меј Синклер изјавила дека трескањето на вратата на спалната соба пред носот на маж ѝ одекнувало низ Англија во викторијанскиот период. Со бегството од својот маж, не ги прекршува само социјалните конвенции, туку и англискиот закон.


Основна идеја[уреди]

Во романот, некои делови од животот и од карактерот на братот на Ен, Бранвел Бронте, соодветствуваат со ликот на Артур Хантингдон. Тие се слични на три начина: добар физички изглед, сексуални авантури (пред аферата со г-ѓа Робинсон, се претпоставува дека Бранвел имал незаконско дете кое умрело на раѓање) и алкохолизмот.

Винифред Герин, биографот на сестрите Бронте, смета дека Вајлдфел Хол всушност е Понден Хол, фарма близу Стенбури во Западен Јоркшир, Англија. Тие имаат одредени архитектурни сличности: прозорци со ситни ромбоидни стакла, централна колонада од столбови со спомен-плоча. Линден-Кар, во чија близина се наоѓа Вајлдфел Хол, се наоѓа во Јоркшир. На северниот дијалект, Кар значи езерце, бара или ниско, калливо земјиште. Кај Линденхоуп, хоуп значи мала, окружена/опколена долина.

Содржина[уреди]

Романот е поделен на три тома:

Прв дел (1-15 поглавје) во кој Гилберт Маркам раскажува за пристигањето на мистериозната вдовица Хелен Грејам во стариот замок Вајлдфел Хол. Госпоѓа Грејам и нејзиниот син Артур, како извор на љубопитност во малото село, полека навлегуваат во друштвените кругови. Гилберт Маркам претходно се додворувал на Елајза Милворд иако мајка му смета дека може да си најде подобра. Откако ќе ја запознае госпоѓа Грејам, се помалку се интересира за Елајза. За да се одмазди, Елајза шири (најверојатно и измислува) скандалозни гласини за Хелен.

Поради многуте гласини, Гилберт верува дека неговиот пријател, господин Лоренс, се додворува на госпоѓа Грејам. Сретнувајќи се случајно, љубоморниот Гилберт со камшик го удира Лоренс при што тој паѓа од коњот. Не знаејќи за ова, Хелен одбива да се омажи за Гилберт, но му ги дава своите дневници кога тој ке и рече дека е вљубена во Лоренс.

Вториот дел (16-44 поглавје) ги опфаќа дневниците на Хелен и раскажува за нејзиниот брак со Артур Хантингдон. Згодниот и духовит Хантингдон истовремено е и разгален, себичен и хедонист. Пред да се ожени со Хелен, Артур Хантингдон глертува со Анабела. Флертот го користи за да манипулира со Хелен и ја убедува да се омажи за него. Хелен, заслепена од љубов, се мажи за него и нежно убедувајќи го, се обидува да го преобрази. По раѓањето на нивниот син, кој исто така се вика Артур, Хантингдон станува се пољубоморен на него и на вниманието и наклонетоста на Хелен кон него.

Хантингдон и неговите развратни пријатели често се впуштаат во пијани веселби во Грасдејл. Мажите и жените кои присуствуваат на овие веселби се деградирачки, додека лејди Анабела Лоубороу е прикажана како неверна сопруга на својот потиштен, но посветен маж. Волтер Харгрејв, братот на пријателката на Хелен, Милисент Харгрејв, се обидува да ја придобие наклонетоста на Хелен. Иако не е див како неговите врсници, Волтер е непожелен додворувач. Хелен ја забележува неговата ненаситност, која ја открива за време на партија шах. Волтер ѝ открива на Хелен дека Артур има афера со лејди Лоубороу. Кога друштвото на Артур ќе се распадне, тој отворено копнее по својата љубовница и ја исмејува жена си.

Однесувањето на Артур кон нивниот син, учејќи го да пие и пцуе уште како мал, ја прелива чашата. Хелен планира да избега со синот, но Артур дознава за нејзиниот план од нејзиниот дневник и ги спалува нејзините алатки за цртање (со кои таа планирала да заработува за живот). Сепак, со помошта на брат ѝ, Хелен се засолнува во Вајлдфел Хол.

Третиот дел (45-53 поглавје) започнува откако Гилберт ќе ги прочита дневниците на Хелен. Таа му вели на Гилберт да ја остави бидејќи не може да се мажи. Тој се согласува и наскоро дознава дека отишла во Грасдејл бидејќи дознала дека Артур е сериозно болен. Помошта на Хелен е залудна. Хантингдон умира во болки, исплашен од тоа што допрва го чека. Хелен не може да го утеши бидејќи тој одбива да преземе одговорност за своите дела. Наместо тоа, тој посакува таа да „дојде со него“ и да се моли за неговото спасение.

По една година, до Гилберт стигнуваат гласини дека Хелен ќе се мажи. Распрашувајќи се, дознава дека всушност господин Лоренс (со кој повторно е во добри односи) ќе се жени со пријателката на Хелен, Естер Харгрејв. Гилберт го посетува Грасдејл и дознава дека Хелен е богата и дека се преселила на својот имот во Станинглеј. Тој заминува за Станинглеј, загрижен бидејќи Хелен сега е на повисоко ниво од него. Пристигнува пред нејзината куќа и се двоуми дали да влезе внатре кога случајно ја среќава заедно со нејзината тетка и синот Артур. Хелен и Гилберт се помируваат и се венчаат.

Ликови[уреди]

Хелен и нејзиното семејство[уреди]

  • Хелен Лоренс Хантингдон или госпоѓа Грејам (Грејам е моминското име на мајка ѝ) – главен лик во романот и закупничка на замокот Вајлдфел Хол во кој е родена таа и нејзиниот брат. По смртта на мајка ѝ, Хелен отишла да живее во Станинглеј со вујна ѝ и вујко ѝ, додека нејзиниот брат Фредерик останал со татко ѝ.
  • Артур Хантингдон – синот на Артур Хантингдон и Хелен кој многу личи на вујко си Фредерик. Оваа сличност била причина за многу озборувања.
  • Господин Максвел – богатиот вујко на Хелен.
  • Пеги Максвел – вујната на Хелен која се обидела да ја убеди да не се мажи за Хантингдон.
  • Фредерик Лоренс – братот на Хелен кој ѝ помага да побегне од Хантингдон и ѝ позајмува пари за да може повторно да слика.

Хантингдон и неговите пријатели[уреди]

  • Артур Хантингдон – мажот на Хелен кој е алкохоличар и ја малтретира. Тој преставува лик од делата на Бајрон кој е многу привлечен и има многу морални слабости. Сепак, кога ќе се разболи (сериозно ќе ја повреди ногата при пад од коњ во пијана состојба), Хелен ќе се врати во *Грасдејл за да се грижи за него. Се претпоставува дека неговиот лик е создаден според Бранвел.
  • Анабела Вилмот; Лејди Лоубороу – љубовницата на Артур Хантингдон. Таа е храбра, многу убава и сака да флертува, но нејзината неверност и развратност ја доведуваат до самоуништување.
  • Лорд Лоубороу – пријател на Артур и маж на Анабела. Тој е рамнодушен и верен човек кој искрено ја сака Анабела и страда поради нејзиното неверство.
  • Ралф Хетерслеј – пријател на Хантингдон и маж на Милисент. Се оженил со неа само затоа што сакал молчелива жена која ке му дозволува да прави што сака без да приговара и да се жали. Често ја малтретирал. „Понекогаш помислувам дека нема чувства и продолжувам да ја малтретирам се додека не заплаче – и тогаш сум задоволен“ – и рекол на Хелен. Подоцна се преобразува во грижлив сопруг и татко.
  • Гримзби – пријател на Артур кој ги мрази жените. Му помага на Артур да ја прикрие аферата со Анабела.

Жители на фармата Линден-Кар[уреди]

  • Гилберт Маркам – дваесетичетиригодишен фармер кој е раскажувач во романот. Иако е претставен како херој, кај Маркам се забележуваат неговите несовршености како што се љубомората, нерасположеноста и бесот.
  • Фергус Маркам – помал брат на Гилберт. Весел и духовит човек. Кога Гилберт ќе се пресели кај Хелен во Станинглеј, му ја остава на Фергус фармата Линден-Кар.
  • Роуз Маркам – паметна и убава девојка. Таа е помала сестра на Гилберт и пријателка на сестрите Милворд.
  • Госпоѓа Грејам – мајката на Гилберт, која му се восхитува на свештеникот Милворд и на неговите гледишта.

Жители на фармата Рајкот[уреди]

  • Џејн Вилсон – пријателка на Елајза Милворд. Таа е интригантка која се обидува да го заведе Фредерик. Кога Фредерик ќе дознае од Гилберт за нејзината омраза кон Хелен, става крај на нивната врска.
  • Ричард Вилсон – брат на Џејн. Ја продолжил работата на свештеникот Милворд во Линденхоуп и подоцна се оженил со неговата ќерка, обичната и непривлечна Мери.
  • Роберт Вилсон – брат на Џејн и Ричард, фармер со селски манири.
  • Госпоѓа Вилсон – мајката на Џејн, Ричард и Роберт која е озборувачка исто како ќерка ѝ.

Жителите на Викараџ[уреди]

  • Елајза Милворд – една од ќерките на свештеникот, пријателка на Џејн и озборувачка како неа. Гилберт флертува со неа пред да ја запознае Џејн.
  • Мери Милворд – постара сестра на Елајза и нејзина целосна спротивност. Таа е непривлечна, молчелива, чувствителна девојка која е домаќинка и слугинка во куќата. Татко ѝ ја почитува и цени; кучињата, мачињата, децата и сиромашните ја сакаат, а сите други ја омаловажуваат и запоставуваат.
  • Свештеникот Мајкл Милворд – татко на Елајза и Мери. Тој е човек со утврдени принципи, силни предрасуди и навики. Смета дека секогаш е во право и човекот кој не се согласува со него сигурно е неук или заслепен.

Жителите на Гроув[уреди]

  • Волтер Харгрејв – пријател на Артур. Тој многу ѝ се додворувал на Хелен додека таа сеуште живеела со сопругот. Анабела Вилмот му е братучетка.
  • Милисент Харгрејв – сестра на Волтер и блиска пријателка на Хелен. Кротка и смирена девојка. Се омажила за Ралф против своја волја, но со текот на времето и со преобразбата на Ралф, се вљубуваат еден во друг.
  • Естер Харгрејв – помала сестра на Милисент и Волтер и пријателка на Хелен. За разлика од нејзината сестра, таа е храбра, весела и независна. Подоцна, се мажи за Фредерик, братот на Хелен.
  • Госпоѓа Харгрејв – мајката на Волтер, Милисент и Естер. Таа е скржава и бескрупулозна жена која го обожава син ѝ и се обидува што побрзо да ги омажи ќерките.

Други ликови[уреди]

  • Господин Борхам – еден од додворувачите на Хелен пред нејзиниот брак. Сепак, Хелен ја одбива неговата понуда за брак бидејќи води здодевни разговори и премногу се разликува од неа. Таа исто така сака да го спелува неговото име како Bore’em што значи досада.
  • Господин Вилмот – вујко на Анабела Вилмот и додворувач на Хелен која смета дека е никаквец.
  • Рејчел – слугинка и пријателка на Хелен и нејзиниот син. Таа се грижела за Хелен уште од нејзиното раѓање.
  • Алис Мајерс – невешта гувернанта на малиот Артур и љубовница на Хантингдон.
  • Бенсон – слуга во Грасдејл. Тој ја сожалува Хелен и ѝ помага да избега.
  • Џек Халфорд – селски благородник, маж на Роуз Маркам и примач на писмото на Гилберт.

Хронолошки приказ[уреди]

Романот го опфаќа периодот помеѓу регентството и викторијанството.

  • 1793 – раѓањето на Артур Хантингдон
  • 1803 – раѓањето на Хелен Лоренс во Вајлдфел Хол; раѓањето на Гилберт Маркам
  • 1821 – започнува дневникот на Хелен (1ви јуни). Таа се враќа од престојот во Лондон каде го запознала Артур; венчавката на Хелен и Артур
  • 1822 – раѓањето на малиот Артур во Грасдејл (25ти декември)
  • 1824 – Хелен дознава за аферата на Артур и Анабела (7ми октомври)
  • 1827 – Хелен бега во Вајлдфел Хол со Рејчел и малиот Артур (24ти октомври)
  • 1828 – Хелен се враќа во Грасдејл за да се грижи за болниот Артур (4ти ноември); Артур умира (5ти декември)
  • 1830 – венчавката на Гилберт и Хелен (август)
  • 1847 – Гилберт го завршува своето писмо до Џек Халорд (10ти јуни)


Теми[уреди]

Алкохолизам[уреди]

Хантингдон и повеќето од неговите пријатели се алкохоличари. Лорд Лоубороу е „пијаница од нужда кого го затекла несреќа. Наместо машки да се справи со ситуацијата, тој настојува со алкохолот да ги реши проблемите“. Од друга страна, Артур станал „пијаница бидејќи кога бил мал премногу му угодувале“.

Лорд Лоубороу и Ралф Хатерслеј, мажот на кротката Милисент која ја малтретира, се единствените кои ги преобразуваат своите животи. Волтер Харгрејв, непожелниот додворувач на Хелен, никогаш не бил голем пијаница како Артур и неговите пријатели. Ова ѝ го дава на знаење на Хелен со цел да ја стекне нејзината наклонетост.

Вообичаените знаци на алкохолизмот особено се забележуваат кај Артур и Лорд Лоубороу. Тие често се опијануваат се додека не можат да се разберат и откако ќе се разбудат утрото по нивните „оргии“, повторно пијат за да се чувствуваат подобро. Лорд Лоубороу сфаќа дека има проблем и успева да ја совлада својата зависност со огромен напор и волја.

Артур продолжува да пие иако се повредува при пад од коњ, што на крајот го доведува до смрт.

Иако многу пие со своите пријатели, Ралф не страда толку од алкохолизмот колку што страда од начинот на живот. Откако ќе се оттргне од Лондон и од искушенијата и ќе се пресели на село со Милисент и нивните деца, тој станува среќен човек.

За разлика од него, Гримзби, продолжува да пропаѓа, одејќи од лошо на полошо се додека на крајот не умре при тепачка. Артур, синот на Хантингдон, е зависник од алкохол бидејќи татко му го терал да пие. Хелен, не сакајќи син ѝ да стане пијаница како татко му, почнува во виното да става мала количина средство за повраќање „сосем доволно за да предизвика гадење и депресија, но не и да го разболи“. Набрзо, на момчето почнува да му се слошува од самиот мирис на алкохол.

Односи меѓу половите[уреди]

Мајката на Гилберт се држи до пинципот дека „работата на мажот е да си угодува себеси, а нејзината (т.е. на жената) е да му угодува нему“. За разлика од неа, преку ликот на Хелен се нагласува автономијата на жените и нивната улога да ги корегираат мажите. Така значително се потценува желбата да им се потчинуваат на своите сопрузи. Тоа ја прави Хелен модерна жена.

Брак[уреди]

Жената во Англија законски не можела да е независна, да поседува имот, самостојно да склучува правни договори, да поднесе тужба за развод или за старателство над децата се до донесувањето на Законот за имот на омажени жени во 1870 година во Англија. Хелен, залажувајќи се со идеи за романтична љубов и должност, залудно се обидува да го поправи однесувањето на маж ѝ. Хетерслеј изјавува дека сака послушна жена која нема да му ја расипува забавата, но подоцна излегува дека го сака сосема спротивното. Милисент, не можејќи да се спротивстави на упорноста на мајка ѝ, се мажи за Ралф против својата волја. Богатата Анабела сака само да има титула, додека Лорд Лоубороу искрено и верно ја сака. Кариеристката Џејн Вилсон бара само богатство.

Мајчинство[уреди]

Хелен го прекршува законот на Англија кога побегнува од својот маж, не за свое, туку за доброто на син ѝ Артур. Таа сака „да го спречи син ѝ да стане џентлмен како татко му“.

Побожност[уреди]

Хелен никогаш не се откажува од својата религија и моралните принципи. По сите маки што ќе ги преброди, таа е наградена со богатство и среќен втор брак.

За разлика од неа, нејзината пријателка, трпеливата Милисент Харгрејв, ги толерира сите пороци на својот маж пред тој да се преобрази со помошта на Хелен.

Мери Милворд и Ричард Вилсон се венчаат откако тајно ќе се верат. Повеќето од нивните пријатели и роднини ги омаловажуваат и запоставуваат. Хелен се спријателува со Мери. Таа е единствената личност на која Хелен го доверува малиот Артур на чување. Исто како Гилберт и неговата сестра Роуз, Мери не сака да поверува во гласините за Хелен без да го дознае нејзиното минато. Тие ја насетуваат нејзината добрина која не е лесно подложна на пороци.

Жена уметник[уреди]

Во романот, Бронте го претставува вториот брак како релативен и амбициозен обичај кој го ограничува талентот и правата на Хелен. Талентот за сликање на Хелен игра главна улога во нејзините врски со Гилберт и Артур. Нејзиниот талент за сликање и фактот дека не може да слика по свои услови, не само што ја комплицира улогата на Хелен како жена, вдовица и уметница, туку и ѝ овозможува на Бронте да ја критикува домашната сфера која е воспоставена од бракот и која е повторно воспоставена со откако ќе се премажи.

Младата и сеуште немажена Хелен, уште на почетокот на својот дневник се опишува/дефинира/изјаснува како уметница. Таа наведува дека сликањето “најмногу ми одговара бидејќи во исто време и сликам и размислувам”. Нејзините први слики ги изразуваат искрените чувства кои ги има кон Артур Хантингдон. Занесена од емоциите, нема да го согледа неговото вистинско лице и ќе се омажи за него. Меѓутоа, покрај тоа што се откриваат нејзините вистински чувства, слободното изразување при сликањето ја определува како уметница. Ова се потврдува и со фактот што таа вложува многу труд во своите слики и цртежи.

Хелен, откако ќе се омажи, го прифаќа идеалот на 19тиот век каде што жената управува со домаќинството, се грижи за сопругот и децата, им помага на сиромашните и оди во црква. Според белешките на Елизабет Лангланд, ваквиот домашен идеал е „јавно поддржано управување како фасада на изолирано пензионирање” при што жената е презафатена со должности и има малку време за други активности како што е сликањето. Таа повеќе нема можност за да има свое хоби. Иако неговото уништување го потиснува талентот за сликање на Хелен, таа успева да го поврати без нејзиниот маж да ја поседува неа, ниту нејзините слики.

Откако ќе се исели од Грасдејл, Хелен добива слобода да се занимава со сликањето која, доколку се премажи, постои ризик да ја загуби. Затоа желбата на Гилберт да се ожени со неа е уште поголема бидејќи тој не треба само да го освои нејзиното срце, туку и да се помири со загубата на влијанието и сопственоста кои таа ќе ги добие ако се премажи. Сликите на Хелен ја откриваат вистината иако таа се стреми да ја сокрие: исто како што нејзиниот претходен цртеж му даде на знаење на Артур дека е вљубена, така и сликата на Вајлдфел Хол, под името „Вилата Фернли”, ја потврдува нејзината очајна улога на жена-бегалка.


Прифаќање на книгата[уреди]

Закупничката на Вајлдфел Хол доживеа моментален успех и набргу продаде повеќе примероци од Орканските височини на Емили. Романот беше распродаден за шест недели.

Меѓутоа, критиките беа различни односно и пофалби за „моќта” и „ефектот” на романот и остро критикување дека романот бил вулгарен. Шарлот Бронте, сестрата на Ен, му пишала на нејзиниот издавач дека „тешко не е пожелно да се зачува... изборот на темата е грешка”. Многу критичари го протолкувале предупредувањето на Ен за опасноста на развратноста како нејзино одобрување. Списанието North American Review смета дека Гилберт е „жесток, горд, намуртен, љубоморен, одмаздлив, а понекогаш и брутален човек”. Иако потврдува дека Хелен е „решителна”, тврди дека ѝ недостигаат „привлечни женски доблести”. Во заклучокот наведува дека: „Читателот на Актон Бел не добива општа слика за човештвото испреплетена со многу дејствија, туку приказната е ограничена на мал број на луѓе каде може да се воочи волчешката страна на луѓето која е буквално и разумно образложена”. The Spectator, како и некои други списанија, погрешно ја протолкувале целта на книгата, опишувајќи ја како „морбидна љубов за вулгарните, односно бруталните луѓе”.

Критичар од списанието Sharpe’s London Magazine напишал статија преку која ги советува читателите, особено женската популација, да не ја читаат книгата. Тој ги посочува „богохулните изрази, несфатливиот вулгарен јазик и гнасните сцени и описи со кои се изобличуваат страниците”.

Како одговор на ова, Ен го напишала нејзиниот познат предговор на второто издание каде што ја брани намерата со која го напишала романот. Таа тврди дека не го напишала романот со цел да го забавува читателот или да го задоволи својот вкус, туку „сакав да ја кажам вистината, бидејќи вистината секогаш го пренесува моралот кај оние кои можат да го прифатат”. Таа додала и следново: „Не можев да замислам како може човек да си дозволи да напише нешто што би можело да биде навистина срамно за една жена, или зошто една жена треба да биде критикувана доколку напише нешто што би било соодветно и погодно за еден маж”.

Списанието The Rambler во септември објавило уште една лоша критика велејќи дека Актон и Карер Бел се најверојатно една иста жена од Јоркшир. Иако смета дека писателот е паметен и енергичен, сепак го разоткрива „навредливиот и сензуален дух” во романот тврдејќи дека содржи „одвратни сцени на развратност” и дека самиот романот не е „ниту поучен, ниту реален, ниту предупредувачки”. Во исто време, списанието Sharpe’s Magazine ги предупредува дамите да не го читаат романот Закупничката на Вајлдфел Хол велејќи дека не е „соодветна тема за едно дело... да се наметне од секоја библиотека за позајмување по предупредувањето на нашите сестри, жени и ќерки”.

Сепак, има неколку позитивни критики. Според списанието The Athenaeum, ова е „најинтересниот роман во изминатиот месец”.

Анализа[уреди]

Закупничката на Вајлдфел Хол ги предизвика моралите кои преовладуваа во викторијанскиот период. Најшокантен дел од романот е кога Хелен, по долго малтретирање, пред нос ќе му ја тресне вратата на маж ѝ, со што се руши сексуалната политика за тоа време. Еден критичар отиде до таа мера што го нарече романот „целосно несоодветен за да го читаат девојки”, иако друг критичар смета дека е „најзабавниот роман што можевме да го прочитаме изминатиот месец”. Романот се смета за еден од првите феминистички романи. Главниот лик, Хелен, е храбра и отворена личност и не се плаши искрено да зборува со мажите во нејзиниот живот. Ен Бронте смета дека ова е пожелно во споредба со кроткоста на Милисент која мажот ја малтретира и игнорира и воопшто не се кае за тоа. Хелен, влечкајќи се со синот, заминува.

Сепак, пороците не се само за мажите. Прељубата на Лејди Лоубороу има катастрофални последици врз нејзиниот маж и злобата на Елајза Милворд е отровна за целата заедница. Вечната борба меѓу доброто и злото е уште повеќе нагласена со референци од Библијата: грешниците кои ќе се покајат и ќе го слушаат разумот се враќаат во стадото, додека оние што ќе останат тврдоглави ќе имаат насилен или мизерен крај.

Исто така, романот наликува на Оркански височини на Емили. Една од сличностите е тоа што преовладуваат имињата кои започнуваат на “Х” (Халфорд, Хелен, Хантингдон, Хетерслеј и Харгрејв). Исто така, има сличности и кај имињата и местата кои се наведуваат во Вајлдфел Хол и Оркански височини. Алкохолизмот и физичкото малтретирње се теми кои се повторуваат и во Оркански височини, кои можат да се согледаат во бегството на Изабела поради суровоста на маж ѝ Хитклиф. Сепак, постои видлива разлика помеѓу романтизмот на Емили и реализмот и моралноста на Ен.

Прикривање[уреди]

Откако доживеа огромен успех при првото објавување, романот беше скоро заборавен во подоцнежните години. Година дена по смртта на Ен, Шарлот го спречила преиздавањето на романот, според некои се со цел да ја паметат сестра и по добро и да го заштити сеќавањето на неа од негативни напади. Сепак, ова изгледа како слаб аргумент кога ќе се земе предвид дека Шарлот не го сторила истото и за Емили, иако романот Оркански височини имал слични критики, и дека Шарлот секогаш била поблиска со Емили отколку со Ен.

Други сметаат дека Шарлот била љубоморна на помладата сестра. Дури и пред смртта на Ен, Шарлот го критикувала романот. Во писмо до В.С.Вилјамс напишала: „Очигледно е дека има грешки во спроведувањето и уметнички грешки, но грешки во намерата на мислењето можат да ги насети само некој што го познава писателот. Јас сметам дека темата е лошо избрана – тоа е тема која писателот не е способен одеднаш енергично и искрено да ја обработи. Мислам дека едноставното и природното, односно мали описи и едноставни патос, се силните страни на Актон Бел. Повеќе ми се допадна Агнес Греј отколку ова дело”. Интересно е тоа што ова е единствениот пат кога Шарлот ја фали книгата Агнес Греј.

Адаптации[уреди]

Според романот се снимени два филма во продукција на Би-Би-Си. Во верзијата од 1968 година глумат Џенет Монро, додека во верзијата од 1996 година глумат Тара Фицџералд, Тоби Стивенс, Руперт Грејвс и Џејмс Пјурфој. Исто така, според романот е направена е опера од три чина (според оригиналната структура од три тома) во Универзитетот на Небраска – Линколн. Музиката е компонирана од Герет Хоуп, а либретото од Стивен Соубинг.


Надворешни врски[уреди]

Wikisource-logo.svg
Викиизвор на англиски јазик содржи текст на тема:
Wikiquote-logo.svg
Викицитат има збирка цитати поврзани со:

Филмски адаптации[уреди]