Дијаспора

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Дијаспора означува дел од население од одреден регион или држава (дел од една нација) кое е расфрлено на други места. Зборот потекнува од грчкиот глагол διασπείρω (diaspeirō), кој означува „се растерува“ или „раширува“. Првично, дијаспора се однесувало на недоброволното протерување на одредено население од нивните матични земји или домородни краеви, но потоа зборот почнал да се употребува и за популацијата која доброволно преминала во дијаспора, т.е. се преселила на различни краеви надвор од нивната земја.

Често причината за вакви иселувања на населението се војните. Типичен пример за нации кои имаат голема дијаспора е Израел, каде што Евреите во дијаспора се во многу поголем број од Евреите/Израелците кои живеат во својата матична држава, а една од причините за тоа е дека тие немале своја матична земја се до XX век, а низ историјата биле принудени да прават масовни преселби од еден на друг крај во потрага по идеално место за трајно населување.

Големи или густо населени држави како Кина, Мексико, Русија итн. исто така имаат голема бројка на иселеници. Освен тоа, поради конфликтот од деведесетите во Босна и Херцеговина, голем број на луѓе биле приморани да емигрираат, а повеќето од нив останале во странските земји дури и откако завршила војната.

И Македонија има своја дијаспора за која е тешко да се процени која е точната бројка поради тоа што многу иселеници со македонско потекло се родени во странство, голем број се од второ, трето или четврто колено на потомство, при што нивната врска со матичната земја е изгубена или многу слаба. Вкупната бројка на дијаспората од прво и второ колено се проценува дека е некаде меѓу пола и еден милион луѓе. Македонската дијаспора е највеќе застапена во прекуокеанските земји Австралија, САД, Канада, како и во европските земји.