Гранична полиција на Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Сектор за гранични работи и миграции
Податоци за органот
Основан 7 мај 2004
Надлежност Министерство за внатрешни работи на Македонија
Раководител Маринко Кочовски
(Помошник директор)

Граничната полиција на Македонија, официјално Оддел за гранични работи и миграции, е посебен организационен облик во Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, кој е распореден и работи во сите четири Регионални центри за гранични работи во државата.

Пред формирањето на одделот за гранични работи и миграции, сите државни граници на Република Македонија биле обезбедувани од посебна гранична единица на Армијата на Република Македонија.

Секторот за гранични работи и миграции е формиран на 7 мај 2004 година како резултат на Националната стратегија на Владата на Република Македонија усвоена во месец октомври 2003 година, а според стандардите на европскиот систем на Интегрирано гранично управување.

Со установувањето на Граничната полиција на стратешко, оперативно и локално ниво, Република Македонија добива современ национален безбедносен сегмент способен да одговори на сите предизвици од граничната безбедност на Република Македонија, но и безбедноста и борбата со прекуграничниот криминал со земјите во регионот и во Европската Унија.

Историјат[уреди | уреди извор]

Обезбедувањето на државната граница по осамостојувањето на Република Македонија во 1991 година било вршено од посебна гранична единица на Армијата на Република Македонија. Тој систем на обезбедување на државната граница бил напуштен за да се примени европскиот систем на интегрирано гранично управување. За таа цел, Владата на Република Македонија во 2003 година усвоила Национална стратегија за интегрирано гранично управување.

Имплементацијата на Националната стратегија за интегрирано гранично управување започнала на 7 мај 2004 година, кога Министерството за внатрешни работи го презело надзорот на границите меѓу граничните премини, како и надлежностите за контрола на преминувањето на државната граница кон Република Грција. Потоа следело преземањето на надлежностите и за државната граница со Република Бугарија на 1 септември, со тогашната Државна заедница Србија и Црна Гора на 20 декември, а процесот завршил со преземањето на надлежностите за државната граница со Република Албанија на 29 август 2005 година.

Граничната полиција при Министерството за внатрешни работи официјално започнала со работа со отпочнувањето на имплементацијата на националната стратегија на 7 мај 2004 година.

Структура[уреди | уреди извор]

Според органограмот на Министерството за внатрешни работи, Одделот за гранични работи и миграции е поделена на два сектори и две единици (од кои едната е мобилна единица).

Како надлежна за сината линија, т.е. местата каде граничната линија минува низ Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро, Езерската полиција е дел од Граничната полиција.

  • Сектор за гранични операции
  1. Единица за прекуграничен криминал и миграции
  2. Единица за меѓународна соработка и заеднички операции
  • Сектор за гранична контрола и поддршка
  1. Единица за гранични проверки и граничен надзор
  2. Единица за поддршка
  • Единица за странци и реадмисија
  • Мобилна единица за компензаторни мерки

Надлежност[уреди | уреди извор]

Секторот за гранични работи како посебен организационен облик во составот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи ги има следните должности:

  • Постојано усовршување на методологијата на управување со безбедноста на границите, борба против прекуграничниот криминал, меѓунационална соработка и интерагенциска соработка со други субјекти во Интегрираниот систем на гранично управување;
  • Учество во решавање на меѓугранични спорови со соседните држави;
  • Учество во надграба на концепти за спроведување на визниот режим на Република Македонија со други држави;
  • Ги развива концептите за превенцијата од граничното работење со партнерство со заедницата и граѓаните;
  • Координира активности со меѓународни организации и агенции за реализација на оперативни планови и акции во борба против прекуграничниот криминал;
  • Гради едининствен систем за обуки, компатибилен на концептот на обуки во ЕУ-Европската агениција за безбедност на надворешните граници на Европа/ФРОНТЕКС;
  • Ги етаблира административните, кадровските и материјалните капацитети за регулирање на престојот на странци и реадмисија, прифат на странци во посебен Прифатен центар за странци;
  • Гради систем на национална меѓуагенциска соработка од областа на гранични работи;
  • Врши анализи на опасностите по националната безбедност и анализа на заканите кои можат да влијаат врз безбедноста на границите, и
  • Го надградува системот за гранични проверки и надзор на границата по стандардите на ЕУ-Европската агенција за безбедност на надворешните граници на Европа/ФРОНТЕКС.

На стратешко ниво функционира и Мобилна единица за сузбивање на прекуграничен криминал и компензаторни мерки, со задачи:

  • покривање на границата на Република Македонија со мобилни тимови од граничната линија во длабочина на територијата;
  • врши компензаторни мерки во длабочина за справување со прекуграничен криминал, и
  • справување со друг облик на криминал.

Регионалните центри за гранични работи се посебен организационен облик во составот на Бирото за јавна безбедност. Надлежноста е поделна географски на границите кон соседните држави:

  • Регионален центар за гранични работи – Север, кон Република Косово и Република Србија;
  • Регионален центар за гранични работи – Исток, кон Република Бугарија и дел на Беласица кон Република Грција;
  • Регионален центар за гранични работи – Југ, кон Република Грција вклучително водите на Преспанско Езеро и Охридско Езеро
  • Регионален центар за гранични работи – Запад кон Република Албанија.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]