Викторија Кент

Од Википедија — слободната енциклопедија
Викторија Кент

Викторија Кент  (6 март 1891 година – 25 септември 1987) — шпанска адвокатка и политичарка во текот на Втората Шпанска Република.

Животопис[уреди | уреди извор]

Викторија Кент била роденa во Малага, Шпанија. Кент била поврзана со Радикалната социјалистичка републиканска партија, а станала позната во 1930 година поради одбраната во судот на Алваро де Алборноз, кој набргу потоа станал министер за правда, а подоцна и претседател на републиканската влада во егзил (1947-1949 и 1949-1951). Кент станала членка на првиот Парламент на Втората Шпанска Република во 1931 година. Истата година, претседателот на републиката, Нисето Алкала-Самора, ја именувал за директор на затворите, работно место кое таа го имала до 1934 година. Кент активно ги продолжила реформите во затворските служби.

По Шпанската граѓанска војна, Кент заминала во егзил во Мексико, а потоа се преселила во САД. Во Њујорк го издавала списанието Иберика од 1954 до 1974 година,[1] каде се објавувале вести за Шпанците избегани во САД. Умрела во Њујорк во 1987 година.

Училишта во Малага, Фуенлабрада, Марбела, Торехон де Ардос (Институт за образование Викторија Кент) и железничка станица во нејзиниот роден град Малага, биле именувани по неа.

Политичка кариера[уреди | уреди извор]

Откако се преселила во Мадрид, Викторија Кент се приклучила на организацијата за женски права што тоа време била предводена од Марија Еспиноза де лос Монтерос. Кент била претставник на оваа организација на конференцијата во Прага, во 1921 година. Потоа, откако се приврзала кон Радикалната социјалистичка републиканска партија, таа била избрана за член на парламентот во 1931 година. На изборите од 16 февруари 1936 година, Викторија кент била избрана за член на парламентт во Хаен, како претставник на Републиканската лева партија, која била дел од народниот фронт. Исто така била потпретседател на клубот „Лицеј“, од 1926 година.

Еден од најконтроверзните моменти во политичката кариера на Кент било нејзиното спротивставување на женското право на глас[2] пред Парламентот во 1931 година, кога се соочила со феминистката Клара Кампоамор. Кент сметала дека шпанските жени немаат социјална и политичка наобразба за да можат да гласаат правилно, и поради тоа, ќе гласаат онака како што ќе им кажат католичките свештеници, што ќе биде на штета на партиите од левицата. По ова прашање Кент имала судир со феминистката Клара Кампоамор, која тврдела дека жените треба да имаат право на глас. После ваквите дискусии, Кент ја изгубила популарноста кај народот, и не добила место во парламентот на изборите во 1933 година. Кога на жените им било дадено правото на глас, Викторија Кент била приморана да ја напушти функцијата.

по завршувањето на Шпанската граѓанска војна, Кент била приморана да замине во егзил, како и многу Републиканци. Помагала да се евакуираат децата чии татковци биле војници. Заминала во Париз, каде била назначена за „прв секретар“ на шпанската амбасада, и од каде можела да продолжи да работи со бегалците од граѓанската војна.

Викторија Кент останала во Париз до почетокот на Втората светска војна. Откако Париз бил окупиран од Нацистите во јуни 1940 година, Кент живеела во мексиканската амбасада речиси цела година. Во октомври 1943 година, додека престојувала во Париз, била осудена од судот на Франко, со казна 30 години затвор. Црвениот крст ѝ помогнал со сместување и лажен идентитет. Во Мексико заминала во 1948 година,[3] каде работела како професор по криминално право на универзитет. Во 1950 година, била повикана од УН да дојде во Њујорк, каде работела во социјалната служба, и изработувала студија за лошите услови на затворите во Латинска Америка. Меѓу 1951 и 1957 година, била назначена за министер без ресор на Владата на Втората Шпанска Република од егзил. Со ова таа била втората жена министер.

Во 1977 година, Викторија Кент се вратила во Шпанија, каде била пречекана со почит. Сепак, последните години од животот ги поминала во Њујорк.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. (шпански) Catálogo biblioteca del Instituto Cervantes de Nueva York[мртва врска], Ibérica : por la libertad , Victoria Kent editor.
  2. Webtic, Euroclio. „Historiana : Case Study : Suffragettes and suffragists: the campaign for women's voting rights: Britain and the wider world“. historiana.eu. Посетено на 2016-05-12.
  3. „Victoria Kent Siano – Unlearned Lessons“. www.unless-women.eu. Архивирано од изворникот на 2016-06-03. Посетено на 2016-05-12.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]