Википедија:Избрана статија/2019/49

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
„Ctenophorae“ од делото на Ернст Хекел Kunstformen der Natur, од 1904 год.

Реброносци (науч. Ctenophora) — колено морски безрбетни животни. Реброносците се најголемите животни кои пливаат со помош на трепки (цилии), кои, кај овие животни, се нарекуваат уште и „чешли“. Во зависност од видот, возрасните реброносци имаат должина од неколку милиметри до 1,5 метри. Досега се потврдени само 100 до 150 видови кои припаѓаат на ова колено, а уште 25 други не се целосно опишани и именувани. Најпознати претставници на ова колено се цидипидите (ред Cydippida), кои имаат јајцевидно тело и еден пар на големи пипала со ресички од мали пипала кои се покриени со колобласти, лепливи клетки кои служат за фаќање на пленот. Нивните тела се изградени од желатинозна маса, која од надворешната страна е покриена со два слоја на клетки, а од внатрешната страна со еден слој на клетки кој ја обложува внатрешната празнина. Припадниците на ова колено имаат разновидни форми на телото, од јајцевидните цидипиди до сплесканите платиктениди и широкоусните бероиди.

Речиси сите реброносци се предатори, а пленовите може да варираат од микроскопски ларви и ротифери до возрасните единки на малите видови на ракови; исклучоци се младенчињата на два вида кои живеат како паразити на салпи кои се храна за возрасните единки на нивните видови.

И покрај тоа што имаат меки, желатинозни тела, пронајдени се фосили на реброносците во лежиште кои датираат од раниот камбриум, пред околу 525 милиони години. Положбата на реброносците во „дрвото на животот“ одамна е тема на дебата на молекуларните филогенетски студии. Според најновите хипотези за еволуцијата на животинските организми, реброносците ја сочинуваат втората најрана животинска група која се појавила веднаш после сунѓерите. Порано се верувало дека реброносците се појавиле пред сунѓерите во еволуцијата, кои самите се појавиле пред раздвојувањето на жаркарите и двостраните животни. Меѓутоа, повторната анализа на податоците покажала дека компјутерските алгоритми кои се користеле во анализата биле наведени кон погрешен резултат поради присуството на специфични гени на реброносците, кои биле значително поразлични од оние на другите испитувани видови. Неодамнешна молекуларно-филогенетска анализа заклучила дека заедничкиот предок на сите современи реброносци бил сличен на денешните цидипиди, и дека сите современи групи на реброносци се појавиле релативно неодамна, веројатно по масовното кредско–терциерното изумирање, пред 66 милиони години. Од 1980-тите години па навака, акумулирани се докази дека цидипидите не се монофилетична група на организми, со други зборови оваа група не ги опфаќа потомците на еден заеднички предок. (Дознајте повеќе...)