Брутализам

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Брутализам е стил во архитектурата кој се појавува во средината на дваесетиот век (од 1950 до средината на 1970) како дел од Модернизмот. Терминот "брутализам" потекнува од францускиот збор кој го опишува материјалот кој е карактесритичен за овој стил béton brut или натур бетон. Британскиот критичар за архитектура Рајнер Банхам го адаптира овој термин нарекувајќи го самиот стил брутализам (или во оригинал Нов Брутализам)

Телекомуникациски центар, Скопје

Во времето во кое се појавува од политичката левица бил сметан за "нов хуманизам", додека пак од политичката десница за "нов епиризам". Тој станува многу популарен при проектирање на образовни установи (особено универзитетски згради) како и кај многу владини проекти за колективно домување, шопинг центри, индустриски згради и јавни установи. Негови примери се среќаваат низ целиот свет, во Велика Британија, Франција, Германија, Јапонија, Обединетите Американски Држави, Канада, Бразил, Русија, Израел, Австралија. Тие се карактеризираат како масивни градби со изразено потенцирана конструкција и видливи сирови материјали, натур-бетон, и во одредени случаи комбинација од тула и натур-бетон.

И покрај неговата грубост и навидум недостаток на комфорт, брутализмот младата генерација на архитекти го истоветува со оптимизам, светлина, слобода на израз, особено во поствоениот свет, во кој и се создава. Банхам во еден момент во своите критички текстови се осврнува на брутализмот не само како стил туку и како атмосфера на морална сериозност меѓу архитектите. Во поново време поимот брутализам се користи при опишување на објекти кои датираат од крајот на дваесетиот век, кои се огромни и непопуларни, односно како синоним за нешто што е грубо, брутално, нападно.

Историја[уреди | уреди извор]

Станбена зграда на Ле Корбизје во Марсеј, Франција (1952)

Терминот "брутализам" бил првично употребен од шведскиот архитект Ханс Асплунд при опишување на објектот Вила Гот лоцирана во Упсала, проектирана од негови колеги Б.Едман и Л.Холм во 1949. Во оригинал е употребен терминот nybrutalism кој на шведцки јазик значи Нов Брутализам. Терминот натака е присвоен од британските архитекти Алисон и Петар Симтсон, а станува глобално прифатен после објавување на книгата на британскиот критичар/историчар Рајнер Банхам со наслов Новиот Брутализам: Етика или Естетика? (анг. The New Brutalism: Ethic or Aesthetic?) во која е анализиран новопојавениот архитектонски пристап при проектирање, конкертно во Европа.

Најдобри примери за раниот брутализам можат да се видат во работата на шведскиот архитект Ле Корбизје, конкретно "Unité d'Habitation" - објект за колективно домување изграден во 1952 год. во Марсеј, Франција како и комплексот законодавни објекти изграден 1953 година во Чандигард, Индија. Брутализмот особено зема залет во средината на дваесетиот век во Велика Британија како резултат на поствоената економска депресија и потребата за изградба на нискобуџетни станбени единици, шопинг центри и владини згради. Меѓутоа, брутализмот останува примарен избор на стил и во случаи кога се располагало со големи буџети бидејќи архитектите ја ценале искреноста, скулптуралноста, а најмногу бескомпромисната анти-буржоазиска природа на стилот.

Со социјално прогресивната идеја зад брутализмот видлива кај Корбизјевиот станбен објект, на овој стил се гледа како на позитивна опција за унапредување на модерното урбано живеење.

Карактеристики[уреди | уреди извор]

Телекомуникациски центар ПТТ, Скопје

Објектите препознатливи по овој стил, најчесто се организирани со повторувачки модуларни елементи кои формираат различни функционални зони, јасно артикулирани и групирани заедно во една целина. Бетонот, конкретно натур бетонот е најмногу употребуван како материјал, поради неговата грубост и искреност како контраст на дотогашните елитни неокласицистички стилови кои преовледувале. Лианите бетонски елемнти користени при нивна изградба, се произведени така да е целосно видлива структурата на материјалот како и трагите од оплатата. Бетонот кој сам по себе е претежно конструктивен материјал без некоја естетска вредност, наеднаш станува главен декоративен елемент. Покрај него како материјали се користат и тулата, стаклото, челикот, грубо обработениот камен и сл. Иако не сите објекти кои имаат вака видлива бетонска надворешна обработка можат да бидат сместени во овој стил, истите можат да припаѓаат на останатите модерни стилови како Конструктивизам, Интернационален стил, Постмодернизам и Деконструктивизам. Покрај нагласувањето на материјалот и конструкцијата, за овој стил е исто така карактеристично и видливата изложеност на техничките инсталации.

Брутализмот како филозофија често е поврзуван со социјалистичката идеологија, која во временската рамка во која истиот се развивал, била поддржувана од страна на неговите дизајнери. Тој е особено застапен кај архитектурата во европските комунистички земји, од средината на 1960та до касните 1980-ти години (Југославија, Советскиот Сојуз, Источна Германија, Бугарија, Чехословачка)

Брутализмот преставува изразено доминантна архитектура, која дава монументални објекти со еднојазичен израз. Најчесто бил критикуван поради тоа што ги игнорирал околните историски објекти при вклопувањето во контекстот на градот, и додека архитектите биле фасцинирани од неговиот изглед, пошироката публика имала проблем со негово прифаќање.

Брутализам во Македонија[уреди | уреди извор]

Во чекор со светскиот тренд, во периодот од 60тите па се до 80тите години од минатиот век, и во Македонија се појавуваат објекти со препознатливите карактеристики на Брутализмот. Особено во постземјотресно Скопје. Наведени се неколку примери од такви објекти, како и нивните автори:

Комплекс Банки, Скопје
Студенски дом Гоце Делчев, Скопје

Историски Архив, Скопје, 1968, Георги Константиновски

Педагошка Гимназија Никола Карев, Скопје, 1969, Јанко Константинов

Студенски дом Гоце Делчев, Скопје, 1971, Георги Константиновски

Средно медицинско училиште, Скопје, 1973, Јанко Константинов

Телекомуникациониот центар на ПТТ, Скопје, 1974, Јанко Константинов

Универзитетски кампус Св. Кирил и Методиј, Скопје, 1974, Марко Мушич

Комплекс Банки, Скопје, 1974, Олга Папеш

Шалтер салата на ПТТ, Скопје, 1979, Јанко Константинов

Македонска Пошта, Прилеп, 1975 Љубинка Маленкова

Историски Архив, Штип, 1976, Георги Константиновски

Историски Архив, Охрид, 1979, Георги Константиновски

Користена литература[уреди | уреди извор]

  • Enciklopedija Moderne Arhitekture (org.Knaurs Laxikon der modernen Architektur) Herausgegeben von Gerd Hatje, издадена 1970
  • Градители во Македонија XVIII-XX век, Георги Константиновски, издадена 2001

Наводи[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]