Афера Драјфус
Аферата Драјфус била политички скандал кој го поделил француското општество во периодот од раните 1890-ти до раните 1900-ти. Во центарот на аферата бил младиот артилериски капетан од еврејско потекло Алфред Драјфус, кој во 1894. бил осуден на доживотен затвор за предавство иако немало доволно докази за тоа. Тој бил испратен на отслужување на казната на Ѓаволскиот остров во Француска Гвајана. Претходно, Драјфус бил амбициозен и успешен офицер кој бил на тренинг во генерал-штабот на армијата.
Две години подоцна, во 1896., вистинскиот виновник бил откриен - тоа бил мајорот Фердинанд Валсин Естерхази. И покрај тоа, високите воени власти на Франција ги отфрлиле или ги игнорирале новите докази кои го ослободувале Драјфус од вината. Така, воениот суд во 1898. година едногласно го ослободил Естерхази од вината уште пред судењето да започне. Уште полошо, француски контра-разузнавачи фалсификувале документи кои требало да ја потврдат вината на Драјфус за шпионажа во корист на Германија.
Благодарение на интервенцијата на писателот Емил Зола, со објавувањето на писмото Обвинувам! во кое ги изложил сите овие настани, аферата излегла во јавноста. Писмото било во форма на отворено писмо до претседателот на Франција Феликс Форе. Емил Зола бил осуден за клевета поради писмото во јуни истата година, но наместо да оди во затвор пребегнал во Лондон каде што останал до падот на владата во октомври 1899. Покрај тоа, му било одземено и одликувањето „Легија на честа“. Написот предизвикал жестоки реакции и дебати во Франција, но и во цела Европа: на едната страна биле луѓето кои претпочитале општествена еднаквост, а на другата оние кои сметале дека на Драјфус не може да му се верува бидејќи е евреин.
Случајот морал да биде преиспитан, и Драјфус бил вратен од Гвајана за повторно судење во 1899. Му било понудено и помилување, но тој претпочитал да биде целосно рехабилитиран. На повтореното судење се покажало дека обвинувањата против Драјфус се без основа и тој бил ослободен и во 1906. вратен во армијата и унапреден во чин мајор. Подоцна служел во француската армија во текот на целата Прва светска војна и ја завршил службата со чин потполковник.
Ефектите од аферата Драјфус се двојни:
- На виделина се изнел антисемитизмот кој бил присутен во Франција, но и во другите земји во Европа. Тој кулминирал со холокаустот во Втората светска војна. Како реакција, се појавил ционизмот - единственото трајно решение за евреите да се ослободат од дискриминацијата го гледале во формирањето на сопствена држава.
- Преку интервенцијата на Емил Зола, се покажала силата на влијанието на интелектуалците во општеството - тој успеал да покрене јавна дебата за човековите права и да помогне во ослободувањето на невино осудениот офицер.
Извори
[уреди | уреди извор]- 1906 : Dreyfus rehabilitated. Site of the French Ministry of Culture Архивирано на 26 јануари 2009 г. (англиски) (француски)
- Site of the National Assembly (француски)
- Text of J'accuse! (француски)
- Text of J'accuse! Архивирано на 15 јули 2008 г. (англиски) (француски)
- Alfred Dreyfus and "The Affair"
- America's Dreyfus Affair, by David Martin
- Complete Digital Bibliography on CD-ROM Архивирано на 9 март 2021 г.
- Greatest Newspaper Article of all Time Архивирано на 26 ноември 2005 г. (Journalistic retrospective of Zola's "J'accuse!")
- Prisoner of Honor на Семрежната филмската база на податоци
- JewishEncyclopedia.com - Andre Cremieu-Foa
- Temporal and Eternal by Charles Péguy, translated by Alexander Dru Архивирано на 29 февруари 2008 г.
- The Life of Emile Zola на Семрежната филмската база на податоци
- Anya Rous The Rising Celebrity and Modern Politics—The Dreyfus Affair Архивирано на 13 мај 2007 г.
„Аферата Драјфус“ на Ризницата ? |
|