Ќук

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ќук
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Утковидни
Семејство: Утки
Род: Ќук
Вид: Ќук
Научен назив
Otus scops
(Linnaeus, 1758)

     Лете      Постојано      Зиме
Otus scops

Ќук или евроазиски ќук (науч. Otus scops) — граблива птица од редот утковидни. Се среќава и во Македонија.

Ќукот е една од најмалите утковидни птици. Должината на телото достигнува 18-21 см, распонот на крилјата е 47-54 см, а тежината од 64-135 гр. Има стројна фигура, со голема глава. Го држи телото исправено. Поседува доброразвиени куси „уши“ од пердуви, кои понекогаш се прилепуваат назад и не се забележуваат добро. Шареницата му е јаркожолта. Лицевиот дел е непотполн, светлосив, ишаран со нежни темнокафеави дамки. Ограден е со темна „огрлица“ во облик на полумесечина. Клунот е кус, извиен и во основата со издуена восковица. Бојата на пердувите на грбот варира меѓу светложолтеникава до сиво-кафеава, ишарано со темни надолжни линии и светли заоблени дамки.

Нашироко е распространет во Централна, Источна и Јужна Европа, Северна Африка, Мала Азија, Иран, Казахстан и Русија. Зимува во Африка на територијата од Сенегал и Судан до Уганда и Кенија и в југозападниот дел на Арапскиот Полуостров.

Живее во разретчени широколисни шуми со високи дрвја, стари крајречни шуми, единечни дрвја во откриени предели, зашумени појаси, градини и паркови во населени места.

Ќукот е птица преселница. До местата за размножување долетува во април. Преселбата зависи од временските прилики. При студено време одмора и се задржува на патот на преселбата, па затоа се враќа подоцна. Уште при пролетната преселба мажјаците ја демонстрираат карактеристичната песна. Во есен ќукот е молчалив. Одлетува во септември и октомври.

Исхраната на ќукот е разновидна. Се состои од инсекти, многуноги, гуштери, птици и цицачи.

Ќуковите формираат постојани двојки. На почетокот од размножувачкиот период, мажјакот непрекинато „ќука“. Тој го повторува своето повикување 20 - 22 пати во минута. Во месец мај женката снесува 3 до 6 елипсовидни, гланц-бели јајца со маса 15 - 16 g. На јајцата лежи само женката во текот на 24 - 25 денови. Мажјакот го исхранува гнездото. Не се двоуми да нападне и човек. Женката исто така ги пази јајцата и не бега при опасност.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. BirdLife International (2012). Otus scops. IUCN Red List. Version 2013.2. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 26 November 2013.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]