Ѕвончарски занает во Битола

Од Википедија — слободната енциклопедија

Ѕвончарски занает во Битола претставува духовно културно наследство според Националната класификација на културно наследство, чиј податок го издава УЗКН 3.1.5.7.17. [1]

Датирање[уреди | уреди извор]

Врз основа на историските податоци и археолошки наоди, најстарите откриени ѕвона во светот датираат од периодот на 8-9 век п.н.е. Тие биле со мали димензии и најчесто се користеле во магиски цели, за повикување на населението на собири или други јавни настани, како и за најавување на различни видови на опасности. На територијата на Балканот, првите ѕвона, пред сè се мисли на црковни ѕвона и камбани, се споменуваат во периодот од XI век. Подоцна, на турска територија на Балканот, постоела забрана за црковни ѕвона, такашто наместо ѕвона се користеле клепала. Клепалата сè уште можат да се сретнат по старите македонски цркви и манастири. Од тие причини, ѕвончарскиот занает се појавил релативно доцна, на територијата на Битола, додека пак ѕвончарскиот занает кој се занимава со изработка на ѕвонци, клопотарци и „клакачиња“, својот зачеток го бележи на крајот на 19 век или почетокот на 20 век. Оваа констатација се потврдува и со истражувањата на информаторите, според кои станува збор за тројца браќа кои во Битола се доселиле од Грција, и кои всушност биле првите мајстори, ѕвончари. Нивни современик во еден одреден период бил мајсторот Јани Кокологос, Влав кој во Битола се доселил од Јанина, Р.Грција, и кој всушност како свој ученик го оставил и последниот ѕвончар во Битола, Иван Илиевски.

Опис на доброто[уреди | уреди извор]

Кога станува збор за ѕвончарскиот занает, неопходно е да се направи дистинкција во однос на двата видови занаети кои честопати во документацијата се среќаваат под исто име-ѕвончарски и леарски занает. Ваквата состојба во поглед на именувањето на ѕвончарскиот занает кој се протега во еден подолг временски период, произлегува од финалниот производ-ѕвоното или ѕвончето кое се произведува. Имено, постојат условно речено, две гранки на ѕвончарскиот занает кои може да биде диференцирани врз основа на техничко-технолошкиот процес на изработка на ѕвоната и видовите на финални производи кои тие ги произведуваат. Постојат две гранки на ѕвонарскиот занает кои може да бидат диференцирани врз основа на техничко-технолошкиот процес на изработка на ѕвоната и видовите на финални производи кои тие ги произведуваат.

Првиот тип на ѕвонарски занает како финален производ ги има ѕвоната и ѕвончињата со различна големина, кои се произведуваат од месинг во техника на лиење. Освен овие производи, оваа група на занаетчии произведувале и авани, шандани, различни машински делови по пат на лиење и сл. Поради ова, овие занаетчиите уште се нарекуваат и леари на ѕвонци.

Вториот тип на ѕвонарски занает повторно како финален производ има изработка на ѕвончиња со разлилна големина , но во овој случај ѕвончињата се изработуваат од декапиран лим и со различен техничко-технолошки процес од претходниот. Овие ѕвончиња се наменети за добитокот. Во зависност од видот на добитокот(овци, кози, говеда) постојат неколку видови ѕвончиња-клоптарци, ѕвонци или „клакачиња“.

Поради сличности кои произлегуваат во однос на финалните производи овие два занаети во најголем број случаи се ставаат во една група, па според тоа е речиси невозможно да се одреди точниот број на занаетчии кои во подалечното минато се занимавале со леарскиот и ѕвонасркиот занает. Сепак при проучување е утврдено дека само еден од мајсторите- Јани Кокологос се занимавал со производство на клопатарци, ѕвонци или „клакачиња“.

Процес на изработка:

Техничко-технолошкиот процес на производство на клопатарци, ѕвонци и „клакачиња“ вклучува поголем број на последователни фази за да се добие финален производ. Некои од овие фази се повторуваат во неколку наврати што најчесто зависи од големината на предметите-ѕвончиња, кои се произведуваат. Според големината тие носат бројни ознаки започнувајќи од број 1 за најмалите до број 10 за најголемите ѕвончиња.

Процесот на производство започнува со сечење на лимот според соодветни шаблони кои соодветствуаат на големината на финалниот производ. Дебелината на лимот кој се користи во производството на ѕвончиња може да се движи од 0.8мм, па сè до 1.3мм што повторно зависи од големината на ѕвончиња кои треба да се произведат. За помалите предмети се користи потенок лим додека за поголемите подебел. Сечењето на лимот се врши со помож на ноже за сечење лим.

Исечените парчиња лим-шаблони, кои се идентични по големина, се ставаат едно брз друго, при што помеѓу секое поединечно парче се става по малку пепел од огништето за да се избегне меѓусебно лепење на парчињата додека се загреваат во огништето. Така поставени лимените парчиња заедно поминуваат низ неколку фази на загревање и исчукување. Загревањето на лимените парчиња се врши на тој начин што тие, со помош на клешта со долга рачка, се запретуваат со зажарен јаглен и се оставаат неколку минути додека наполно не се усвитат. Штом лимот е доволно загреан парчињата со помош на клешта, со пократка рачка , се вадат од огништето и се ставаат врз соодветниот отвор во калапот.

Откако вжарените парчиња поставени едно врз друго се вадат од огнот, започнува процесот на нивно вообличување. Мајсторите и неговиот помошник наизменично удираат врз вжарените парчиња со помош на специфични „ѕвонарчиски“ чекани со речиси цилиндричен облик. Откако лимот ќе се олади, ќе стане тежок за обработка парчињата повторно се ставаат во зажареното огниште и процесот на загревање се повторува. Повторувањето на процесот зависи од големината на ѕвонците што е правопропорционално на дебелината на лимот, што значи за поголемите ѕвонци овој процес на загревање и исчукување е подолг. Честопати како некое непишано правило се случува големината на ѕвонците да соодветствува со бројот на загревање којшто е потребен додека да не се заврши комплетното вообличување на ѕвончето. Така на пример за ѕвонци со големина број 4 лимонот се загрева четири пати.

Откако ќе заврши процесот на обликување на ѕвонецот, лимените парчиња се одделуваат едно од друго и се оставаат да се изладат.

Вака исчуканите полусвиткани лимени парчиња понатаму се ставаат врз наковална каде се свиткуваат и се дообликуваат добивајќи ја соодветната форма на ѕвонците. Прицврстувањето на лимените страни се врши со помош на по една метална нитна- „перчим“ на двете страни па според тоа овој дел од процесот е и под терминот „перчимосвање“-(перчимосување).

Постојат два видови на ѕвончиња-со уши и без уши, познати под имињата „јанински“ односно „солунски“.

Ушите се формираат во горниот дел на ѕвонецот при самото превиткување и финално обликување на ѕвонците. Така кај потврдиот лим при превиткувањето може да настанат цврсти краеви- уши кои тешко можат да се израмнат односно заоблат, додека кај помеките лимени парчиња исчукувањето на краевите оди полесно и ѕвонците добиваат еден заоблен изглед.

Наредната фаза на изработка на ѕвонците е подготовка на кал во која освен смесата од земја и вода, се додава еден килограм крупна готварска сол и еден килограм ситна месингана прашина. Во оваа подготвена смеса се става секој ѕвонец со цел на надворешната страна комплетно да се облепи со соодветна смеса. Вака обложените ѕвонци потоа се оставаат да се исушат.  Облепувањето односно ставањето на каллива смеса е неопходно за да се зачува формата на ѕвончето кое во спротивен случај би се деформирало од топлината на огнот во процесот на повеќекратно загревање и во вообличувањето на секое поединечно ѕвонче.

Откако калта ќе се исуши во внатрешноста на ѕвончето се ставаат ситни парчиња на месинг и стакло, а поретко и бакар. Секој ѕвонец поединечно се става во загреаното и вжарено огниште и делумно се запретува во зажарениот јаглен. Мајсторот со помош на клешта со долга рачка, со една рака постојано ги придржува ѕвонецот, додека пак со другата рака со помош на метална шипка ја распоредува течноста од растопената смеса од месинг,стакло и бакар, по внатрешните ѕидови- споевите на ѕвонецот, односно на краевите каде сте поставени „перчимите“. На овој начин не само што се обезбедува своевидна цврстина на ѕвонците, туку се обезбедува и подобар звук. Количината на бакар која се става во ѕвонецот за да се растопи е минимална за да се избегне тапиот звук кој го произведува бакарот.Откако растопената смеса целосно ќе ги исполни споевите-краеви и ќе изврши целосно затворање на конструктивниот метален дел на ѕвонецот, тој се вади од зажареното огниште и се запретува во смеса од ситна јагленовна прашина која како отпад претходно е извадена од огништето и на која е додадена одредена количина на вода. Оваа постапка се изведува не само за да се излади ѕвонецот, туку и да се одлепи и отпадне смесата од кал која претходно се нанесува.

Откако ѕвонците ќе се изладат тие еден по еден се ставаат врз полусферичната наковална и се исчукуваат со помош на чекан. На тој начин се врши одвојување и на деловите од стаклената легура кои останале залепени во внатрешноста на ѕвонецот за време на неговото загревање, но и на остатоците од кал кои евентуално останале од надворешниот дел.

Наредната фаза на изработка на ѕвонците подразбира повторно исчекување на долните делови на ѕвонецот кој го сочинуваат неговиот отвор, создавајќи едно мало закривување на ѕидовите кон надвор. Оваа постапка се врши за да може полесно да се исече и израмни долниот дел-ободот од ѕвонецот сè до дел на спојување на страниците, а потоа повторно долниот дел на ѕвонецот се исчукува на наковалната.Исчукувањето се врши со цел да се истанчи долниот дел на ѕвонецот за да се добие потонок и почист звук, што секако зависи и од квалитетот на материјалот, но и од умешноста и слухот на мајсторот.

По постигнувањето и завршувањето на процесот на исчукување во внатрешноста на ѕвонецот се пристапува кон финалната фаза на изработка на ѕвонецот а тоа е ставањето на „глоси“.

Зборот „глоса“ доаѓа од грчкиот збор „γλῶσσα“, што значи јазик, а од страна на денешниот мајстор е прифатен како своевидно наследство од неговиот мајстор кои го довел овој занаер од Грција.

Глосите всушност се метални јазичиња кои се ставаат во внатрешноста на секој ѕвонец и тие удирајќи врз ѕидовите на ѕвонецот произведуваат соодветен звук. Големината на глосите завис од големината на ѕвонецот за кои се наменети. Тие се изработуваат од метални шипки кои претходно се загреваат во огништето и се исчукуваат додека да ја добијат соодветната дебелина. Долниот крај на глосата секогаш е потанок и делумно заоштрен за да произведе-создаде, подобар звук, и тој секогаш е подолг и го надминува ободот на ѕвонецот. Горниот дел на глосата пак се исчукува и свиткува на наковалната така да се создаде една мала алка со која глосата во внатрешноста на ѕвонецот ќе се прицврсти за долниот дел од рачката која петходно е ставена на секој ѕвонец. Ова всушност е и последната активност од процесот на изработка на ѕвонецот , по што предметот е веќе наменет за продажба.

Алати:

Алатките кои се користат во процесот на изработка на ѕвонците се релативно едноставни, но бројни.

Главниот елемент во ѕвонарската занаетчиска работилница е огништето. Тоа е изѕидано од тули и речиси не се разликува од огништата во другите занаетчиски работилници како на пр. ковачката, калајџиската и сл. Во минатото, до пред 30-40 години загревањето на огништето се вршело со помош на голем кожен мев кој подоцна под влијание на современите техничко-технолошки процеси бил исфрлен од употреба и заменет со електричен вентилатор. Во непосредна близина на самото огниште, изѕидан како интрегрален дел, се наоѓа еден отвор во кој се става сад со вода кој служи за гасење или ладење на јагленот и огништето.

Водата во овој сад освен што се користела за гаснење и ладење на јагленот и алатите, во минатото кога се користел буков јаглен, се користела и во лековити цели. Имено според раскажувањата на мајсторот оваа вода била одличен лек против лишаи и „красти“ како и за брзо заздравување на рани. Честопати се случувало во работилницата да доаѓаат луѓе и да бараат од оваа „лековита“ вода , но постариот мајстор не секогаш излегувал во пресрет на барателите. Оваа вода ја користеле и мајсторот и калфите и во неа скоро секогаш миеле раце, а тоа им помагало брзо да им се залечат сите исеченици, гребнатинки и сл. кои ги здобивале во процесот на работа.

Во непосредна близина на овој дел од огништето се поставени неколку поединечни алатки кои се непходни во делот на загревање и обработка на ѕвонците и кои секогаш треба да бидат на дофат на мајсторот, како клешти, метални шипки, посебна четка со рачка со која се прска огништето со вода и сл.

Постојат неколку видови на клешти кои се користат при изработка на ѕвонците. Освен во горниот дел на клештата која може да биде помалку или повеќе издолжен, тие се разликуваат и по должината на рачката, која во зависност од тоа во кој дел од производствениот процес се користи може да биде подолга или пократка.

Металните шипки со зашилен или плоснат крај и со поголема должина на рачката се користат во процесот на затрупување на ѕвонците со жар, но и во делот на развлекување на растопената смеса од стакло и месинг во внатрешноста и по краевите-спојовите на ѕвонците.

Постојат два видови на наковални кои се користат. Едната наковална е во форма на буквата „г“ и на неа се изведува процесот на комплетно вообличување на ѕвонците, додека пак другата наковална е полусферична и се користи за подобро исчукување на полусферичните делови на ѕвонците како и за исчукување на остатоците од кал, стакло и метал кои останале во процесот на финално загревање на ѕвонците.

Металниот калап-„мадем“, со 7 вдлабнатини е изработен од челик и врз него се исчукуваат лимените парчиња во делот на вообличување на ѕвонците. Во зависнот од големината на ѕвонците кои треба да се изработат , лимените ѕвонци од број 1 до број 4, најчесто се користат различни вдлабнувања , додека пак за ѕвонците од број 5 до број 10 се користи едно исто вдлабнување во калапот.

Цилиндричната наковална која се користи за исчукување на металните шипки и формирање на глоси всушност е остаток од некогашна челична граната која нашла своја примена во оваа занаетчиска работилница.

Нож за метал се користи за сечење на лимените парчиња пред изработка на ѕвонците, но и за сечење и рамнење на рабовите на ѕвонците во завршна фаза на изработка. Во процесот на изработка се користат и неколку видови на помали и поголеми чекани, но најспецифични се чеканите со цилиндрично тело кои се користат во процесот на исчукување на лимените плочи врз соодветните отвори на челичниот калап.

Освен овие, се користат и бројни ситни алатки, од кои најкарактеристична е „'змба“ или „душлук“ која е мала зашилена алатка со која се прават отворите на страните на ѕвонецот во кои треба да се постават нитните.

Еснафски празник:

Еснафската организација на леарите на ѕвона во свои рамки секогаш ги вклучувала и ѕвоначарите изработувачи на ѕвонци, клопотарци и клакачина. Тоа секако во прв ред се должи на малиот број занаетчии-ѕвоначари кои работеле во Битола, но и на неговата релативно доцна појава на овие простори. Еснафската организација на ѕвончарите, како што се нарекувала со едно заедничко име ја имал истата еснафска структура која ја имале и другите еснафски организации, со своја каса, свои норми и правила на работење и однесување и т.н Еснафски празник на ѕвончарите бил „Елен- Костадин“ (св. Елена и Константин) кој се славил на трети Јуни секоја година. Со оглед на релативно малиот број на ѕвончари кумството се предавало во некоја воспоставен ред од по еден на друг мајстор без исклучоци. Празнувањето започнувало со купување на колакот од некој од бројните локални градски фурни. На колакот немало никакви еснафски или занаетчиски обележја, како што е тоа случај со некои од другите занаетчиски дејностите каде на празничниот колак се поставуваат мали, од тесто изработени фигури кои алудираат на соодветната занаетчиска дејност.

По купувањето на колакот од страна на кумот во раните утрински часови сите мајстори заминувале во некои локалните цркви каде се вршела служба. Во одредени случаи, но не секогаш, на службата присуствува и дел од калфите. Освен колакот, во црквата задолжително се носеле леблебии, пченица, вино и литургија. По завршување на службата си заминувало во домот на кумот и таму се кршел колакот и делела пченицата,виното или литургијата. Во домот на кумот се одржувал заеднички ручек на кој освен мајсторите понекогаш присуствувале и калфите. Не ретко се случувало мајсторите и да им дадат пари на калфите па тие самите да заминат некаде на ручек.Подготовката на ручекот или купувањето на храната била финансирана од страна на сите мајстори, подеднакво.

Ваквата струкутра на празнување на енсафскиот празник се задржала во периодот на 1980-тите додека не престанале да работат најголемиот дел ѕвончарско-леарски дуќани, и додека старите мајстори не починеле. Со оглед на драстичното намалување на бројот на мајстори од овој еснаф, а особено поради фактот што веќе со години во Битола постои само едне ѕвончар, тој се приклучил кон занаетчиите метало-преработувачи и го прифатил нивниот еснафски празник Св. Спиридон, чие празнување денес е речиси комплетно видоизменето. Сепак мајсторот Иван Илиевски и после многу години од својот работен век на денот на празникот „Елена-Костадин“ речиси без исклучоци оди во црква и пали свеќа.

Симболика:

Симболиката на ѕвоното во народната традиција на македонскиот народ како и кај многу други народи, е бројна и распространета, но таа пред сè е поврзана и завис од контекстот во кој се употребува ѕвоното, од што условно произлегува и неговата магијска моќ.

Во таа насока денес се зачувани само ретки примери. Така до пред 20тина години сè уште се случувало да дојдат купувачи во ѕвончарскиот дуќан, кои купувале малечки ѕвончиња од кои им давале вода на новороденчињата со цел тие да имаат убав, јасен и чист глас.

Може да се каже дека овчарот комуницира со стадотот според различните звуци што ги создаваат металните ѕвонци во зависност од приликите и ситуациите. Во таа смисла, звукот на ѕвонците на домашните животни има заштитна моќ за одбрана од волците и другите диви животни. Исто така според звукот на ѕвонците овчарот распознава дали стадото е во неговата близина. Кога пак некое животно ќе се изгуби, овчарот го следи звукот на ѕвончето за да го пронајде.

Култот кон самиот занает ,занаетчиските производи и занаетчискиот алат и денес се негува од страна на ѕвончарот. Така на приме сосема недозволиво и забрането е ставање на ѕвонците на земја, од која и да е причината , ставањето на нозете особено на металниот дел од наковалната бидејќи од неа „се вади лебот и од неа се храни семејството“ и сл.

Освен овие прагматични аспекти, постојат и многу подлабоки, религиски причин за почитување на металните ѕвонци со продорен звук. Сè што е поврзано со култот кон металот (метални предмети, железо и сл) во македонската народна религија се почитува поради тоа што е јако, силно, отпорно, ефикасно... Како и во други случаи кога големите култруни придобивки го збогатиле животот на луѓето-камени орудија, огран , земјоделство, метал/железно време, оружје- и со тоа свое сначење си обезбедиле силна религиска вредност, така и кај метало се појавува магискиот принцип на хомеопатија-спој меѓу оган и железо и ковање со продорен звук, како кај ковачите, леарите, па така и тука таа магиска компонента е силно изразена. Кај ковачите исто така се смета дека водата од ковањето е лековита, како и сите ковачки алати (наковални, чекани...).

Во обредите со маскирање посветени на промената на сезоните, учесниците создаваат ситуација на примордијален хаос преку магиската бучава на огромен број големи ѕвонци обесен на половината, нозете, вратот на машките учесници и со секое нивно брзо и силно движење, вртење, скокање, разлеваат силен и продорен звук што се посакува во оваа прилика на променета свест под влијание на обредно пиење алкохол.

Потекло[уреди | уреди извор]

Потеклото на ѕвончарскиот занает во Битола е врзано за крајот на 19 век и почетокот на 20 век. Први занаетчии- ѕвончари во Битола биле двајца браќа Грци за кои нема соодветни информации, додека за третиот мајстор, Јани Кокологос, кој на почетокот на 20 век се доселил од Јанина, Грција во Битола.

Вредност и значење на доброто[уреди | уреди извор]

Вредноста и значењето на ѕвончарскиот занает во Битола се од исклучително значење кои произлегуваат од поширокиот културно-историски контекст на неговата појава и опстојување, што го прави поспецифичен и позначаен.

Отвореноста на Битола (и важноста која овој град ја имал) како исклучително важен трговско-занаетчиски центар, особено во текот на XVIII па до почетокот на XX век, што условило прифаќање на новите занаетчиски гранки и доаѓање на различни занаетчии од други држави како што е конкретниот пример со ѕвончарскиот занает. За вредноста и значењето на ѕвончарскиот занает во Битола зборува и фактот што во Старата Чаршија се наоѓа познатата „Улица кај ѕвончарите“ иако активни мајстори ѕвончари одамна нема.

Критериуми врз кои е извршена валоризација на доброто[уреди | уреди извор]

Критериуми кои се однесуваат на својствата на доброто[уреди | уреди извор]

  • Реткост- изразена во однос на квантитетот на застапеност на оваа занаетчиска дејност;
  • Единственост - изразена како репрезентативност во својот вид којшто е ограничен и присутен само во градот Битола, и никаде на друго место на територијата на Македонија, но и по однос на дел од применетите техничко-технолошки процеси и занаетчиските изработки кои произлегуваат како финален производ на ѕвончарскиот занает;
  • Интегралност - изразена преку степенот на единство на функциите и облиците во рамките на производствениот процес;
  • Зачуваност - доброто т.е. целиот техничко-технолошки процес на изработка на ѕвонците, како и користените алати, е зачуван скоро целосно во меговата оригинална форма, без нарушување на интегритетот на производствениот процес;
  • Старост - изразена преку времето на настанување и непречено опстојување на доброто;

Критериуми кои се однесуваат на функциите на доброто[уреди | уреди извор]

  • Локална и национална културно-историска функција;
  • Локална и национална културно-идентитетска функција;
  • Комуникациско-информатичка функција;
  • Стопанско-утилитарна функција;
  • Воспитно-образовна функција;

Критериуми кои се однесуваат на значењето на доброто[уреди | уреди извор]

  • Културно значење;
  • Историско значење;
  • Научно значење;
  • Техничко значење;
  • Општествено значење;


Категоризација на доброто[уреди | уреди извор]

  • Уникатност - Уникатноста на ѕвончарскиот занает произлегува од фактот што оваа занаетчиска дејност е присутна само во Битола и ниту на едно друго маесто на територијата на Македонија, како и во поширокото опкружување. Овој факт се потврдува со трговските патишта и продажни места на производите на ѕвончарскиот занает за кои постојат теренски податоци;
  • Исклучителност - произлегува од раритетноста на овој вид занаетчиска дејност и во поширокото Балканско опкружување, зачувана во неговата изворна форма;
  • Впечатливост - изразена преку специфичноста на техничко-технолошкиот производствен процес;
  • Влијателност - изразена преку поширокото влијание кое постоењето на оваа занаетчиска дејност го имала во општествениот развој на Битола, особено особено како дел од поширокиот ѕвончарско-леарски занает чија професионалност и распространетост овозможила создавање и развој на некои од најдобрите метало-преработувачки гранки и создавањето на некој од најдобрите индустриски капацитети и фабрики во периодот по Втората Светска војна во тогашна Југославија;
  • Поврзаност - изразена преку присутноста на оваа занаетчиска дејност во периодот кога занаетчиството во Битола, па и Македонија, го доживува својот процут, но и пад, како и неговата поврзаност со поширокото културно значење и симболиката на ѕвоното;

Библиографија[уреди | уреди извор]

  • Грујоски, Трајче, „Битола“, Битола, 1971;
  • Константинов, Милош, „Занаети и еснафи во Битолско“, Народен музеј Битола, Битола, 1966;
  • „Словенска митологија“, Енциклопедиски речник, Редактори: Светлана М.Толстој и Љубинко Раденковиќ, Белград, 2001;


Наводи[уреди | уреди извор]