Црна Чука

Од Википедија — слободната енциклопедија
Црна Чука

Поглед на Црна Чука од југ
Висина &100000000000025720000002.572 м
Место Македонија Македонија
ВенецКораб
Прво освојувањенепознато

Црна Чукаврв во северниот дел на главниот срт на протегање на планината Кораб во Македонија. Неговата височина изнесува 2.572 метри[1].

Местоположба[уреди | уреди извор]

Се наоѓа во северниот дел на планината на главниот срт, во непосредна близина на границата меѓу Македонија и Албанија, односно на нејзината гранична линија. Според местоположбата на врвот Црна Чука се наоѓа на координатите 41°47'52" северна географска широчина и 20°34'44" источна географска должина[1], западно од селaта Нистрово[2] и Жужње над караулата „Победа“ и долината Беланџа во најгорниот дел на долината на Радика. Поточно, врвот Црна Чука е сместен непосредно на север од врвот Кепи Бард (2589 м) и непосредно на југ од Бел Врв (2532 м.) и преслапот Голема Корапска Врата, кон исток се отвора долот Беланџа во најгорниот дел на долината на Радика, а кон запад длабокиот дол под Радомир во Албанија. Се одликува со многу впечатлив грамаден изглед со стрмни падини помеѓу врвовите Кепи Бард и Бел Врв меѓу чиишто бели карпи и сипари (камењари) особено се истакнува со своите црни и темни карпи на западната падина до самиот врв. Токму заради изразитите и впечатливи црни грамадни карпи (веројатно од гранит) и зашилениот облик на каменит врв (чука), најверојатно врвот го добил името Црна Чука. Помеѓу  врвот  Црна  Чука  и  Бел  Врв постои груб карпест  дробински  материјал  и  се нарекува камено море, кој настанува како  последица  на  физичкото распаѓање  и  разорување  на  карпестите  маси[1]. До врвот Црна Чука може да се пристапи и искачи почнувајќи по добро обележаната планинарска патека која започнува од караулата „Победа“ и води до највисокиот врв Голем Кораб, по која се одвива традиционалното искачување, при што во пределот Нистровски Кораб непосредно пред Кепи Бард се скршнува десно кон север и по разгазената необележана граничарска патека се достигнува до подножјето на врвот Црна Чука. На самиот врв Црна Чука постои кота односно пирамида изградена од бетон, која го означува врвот.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 Светозар Петковски, Драган Василевски, Владо Матевски, Claudio Orlandini и 28 други автори (2011). „Студија за ревалоризација на заштитено подрачје Маврово“ (PDF). Министерство за животна средина и просторно планирање. Посетено на 7 ноември 2017.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  2. Петрушевски, Илија (2012). Попис на врвовите во Република Македонија. Тетово: Хартија Комерц. стр. 13.